Симовски: Резултатите од Пописот кон крајот на март, нема простор за сомнеж во податоците

Резултатите од Пописот ќе бидат соопштени кон крајот на март. Тие сè уште се предмет на обработка, бидејќи се работи најпрофесионално, според меѓународни стандарди за ваков вид статистички операции, изјави директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Во интервју за Нова ТВ, Симовски вели дека крајниот рок за објавување на резултатите од Пописот е 31 март 2022 година, што е најкус рок што ДЗС го имале за обработка на пописни податоци.

Тој информираше дека во статистичката операција бил ангажиран и меѓународен експерт од страна на Европската комисија. Експертот бил присутен во целиот процес на подготовка и спроведување на пописот, а учествува и во обработка на податоците заедно со тимот на ДЗС.

Прашан дали има потреба да се брани интегритетот на податоците од Пописот, директорот на ДЗС посочи и дека Заводот стои зад податоците што ги произведува и објавува и оти нема потреба да се брани интегритетот на институцијата, не само за податоците од Пописот, туку и генерално за сите податоци што ги произведуваат.

– За тоа дали јавноста ни верува или не, доволен показател е бројот на корисници на статистички податоци кои секојдневно ја посетуваат нашата веб-страна и Макстат базата и ги користат нашите податоци, додаде Симовски.

Тој заклучи дека ДЗС е професионален во обработка на статистичките податоци кои ги произведува и при обработката ги почитува сите меѓународни стандарди, процедури и методологии за обработка на податоците, поради што претставува официјална статистика што е меѓународно споредлива.

Back to top button
Close