Синдикатите обединети во барањата, но разединети во тајмингот ќе протестираат на Денот на трудот

Синдикатите ги најавија протестите што в понеледник ќе ги организираат по повод Денот на трудот – 1 Мај. Но, и покрај истите проблеми со кои се сочуваат работниците кои ги претставуваат и усогласеноста во барањата што ќе ги изнесат на протестите, двете најголеми синдикални организации – Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) – нема да се обединат и протестите ќе ги одржат во различен временски период в понеделник.

Протестот на КСС е предвидено да се одржи од 10 до 12 часот пред Владата, на кој нивните членови ќе излезат со мотото „И продолжуваме да се бориме“. Според најавите, кога ќе заврши нивниот протест, предвидено е да почне протестот на Сојузот на синдикати на Македонија, кој ќе трае до 14 часот, а ќе биде под мотото „Работниците се државата“.

На обединување, пак повикаа од Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), чии членови може да протестираат од 10 до 14 часот и да им се придружат и на ССМ и на КСС.

Покачувањето на платите на функционерите за 78 отсто и воведувањето на 12-часовен работен ден, како што се посочува во најавите, се двете главни теми кои ќе доминираат на годишните првомајски протести.

„Сметаме дека покачувањето на функционерските плати за 78 отсто или по 2 000 денари дневно, воведувањето на 12 часовен работен ден за голем број работници, тоа што ги излажаа вработените во здравството и што не им ги зголемија платите, тоа што не го склучија општиот колективен договор за јавен сектор со кој секој вработен ќе има право на К-15, се доволен мотив и повеќе од причина да се излезе на протест на улица и да се изрази незадоволството“велат од ССМ во повикот за учество на протестот.

Повикот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за протестот в понеделник по повод 1 Мај -Денот на трудот

Од Синдикатот ги повикуваат сите работници, граѓани, синдикалци да застанат заедно и да покажат единство и солидарност во спречувањето на лошите владини политики. Според ССМ, првомајскиот протест е единствениот начин власта да го го слушне гласот на работниците и граѓаните, бидејќи, како што наведуваат оттаму работодавачите и носителите на законодавната и извршната власт продолжуваат со практиката да немаат случ за проблемите на работниците и да работат само за своите интереси.

„Поради таквиот однос протестите ќе продолжат со засилено темпо и по 1 Мај“најавува ССМ.

Првиот човек на Конфедерацијата на слободни синдикати, Благоја Ралповски, пак во изјава за „Канал 5“ вели дека иако постои можеби одредена синдикална недоверба, сепак во ставот за работничките права се единствени.

КСС, исто така мотивирана од покачувањето на платите на функционерите, најавува дека ќе подготви скара пред зградата на Владата согласно паролата со која планираат да излезат – „Ќебапче за работникот – бифтек за Владата“.

„Власта си ја покачи платата за 78 отсто, но еве, долги години како протестираме ние немаме усогласување на платите, иако и на нас тоа ни следува со законите. Протестираме и против 60-часовна работна недела затоа што од една страна тоа е неуставно, ги крши конвенциите на меѓународната организација на трудот“велат од КСС.

 

Марјан Ристески, претседателот на конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), која ќе учествува и на двата протести, вели дека тоа ќе направат затоа што сега не е време за поделби.

„Ние не сакаме за 1 Мај да заземеме страна, да поддржиме еден синдикат или другиот на протестите, оставаме сите членови и граѓани да се приклучат секој доброволно каде што мисли согласно слободното време“рече Ристески, додавајќи дека тој лично ќе присуствува и на двата синикални протести.

Тој рече дека овој пат нема да се дозволи да се потпише колективен договор каде што одреден број на работници ќе добиваат К-15, а одреден број нема.

Ристески информираше и дека на последниот Економско-социјален совет, претставниците на синдикатите имале жестоки дебати со претставниците на Владата, потестувајќи дека КСОМ бара методологијата за пресметка на плата во јавниот сектор да биде иста со функционерите.

Прашан на што се должат поделбите меѓу синдикатите, Ристески рече дека мислеле1 оти овој пат сите ќе бидат заедно и потенцира дека ова е нивен последен обид да ги убедат останатите дека не е време за докажуавње и за паралелни протести.

„Ние мораме да се обединиме. Гледате Владата и работодавачите како настапуваат жестоко. Тие веќе не бираат средства, тие се здружени, и мора и ние да сфатиме, да станеме сериозни бидејќи од другата страна имаме луѓе кои немаат пардон, кои сакаат да глумат и Влада и работодавачи и буквално ја превземаат и улогата на синдикат“, истакна Ристески.

Back to top button
Close