Синдикатите, работодавците и Владата не се договорија за минималецот: Ќе се сретнат повторно вo петок

Синдикатите, работодавците и Владата седнаа на заедничка маса, но не се договорија за покачување на минималната плата на 18 000 денари. Трите страни договорија дека в петок повторно ќе се сретнат, но Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) порача дека ако тогаш нема договор, работниците ќе стапат во генерален штрајк.

На масата во Владата попладнево биле извадени два предлога: еден од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), а друг од Организацијата на работодавци.

 

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, излезе со уверување дека наскоро ќе се постигне договор за покачување на минималецот и рече дека денешната средба била „конструктивен дијалог, каков што можеби никогаш не бил виден на нашите простори“. На прашањето зошто сега нема договор, тој рече дека затоа што ова е дијалог и не може да се очекува дека за еден час ќе се постигне нешто, но оптимист е бидејќи и Организацијата на работодавци е согласна дека треба да има зголемување на минималецот.

 

„Дијалогот ќе продолжи во петок после 16 часот. Ги уверувам сите граѓани коишто се во категорија на приматели на минимална плата дека наскоро ќе има консензус околу нивните покачени минимални плати, но единствениот начин како да се стигне до достоинствена плата за нашите работници е креирање на долгорочен систем којшто нема да ги остави само кога една влада ќе сака или ќе има слух. Ќе зборуваме за креирање систем, креирање на механизам којшто и наредните години ќе осигури дека минималната палта е достоинствена и веќе ќе заборавиме да зборуваме за минимална плата туку за достоинствени плати за нашите работници“,

 

рече Битиќи.

 

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, пак, обвини дека работодавците во последен момент излегле со свој предлог само за да купат време. Меѓутоа, тој порача дека штрајкувачките одговори остануваат отворени и оти во петок како претставници на синдикатите тие ќе се појават на договорената нова средба, но ќе соопштат дека ако тогаш не се исполнат барањата за минималната, работниците ќе стапат во генерален штрајк.

Денеска се преговараше три саат. Откако аргументите преовладаа на страна на ССМ и останатите синдикати, работодавците во 5 до 12 излегоа со свој предлог. Аргументите беа на наша страна, го убедивме третиот социјален партнер Владата, која ни даде силна поддршка дека минималната плата треба да биде 60 отсто од просечната плата или во моментов 18 000 денари. Но, ќе мора да ги прашате организација на работодавци и другите работодавци зашто во 5 до 12 дадоа измислено предлог-решение со една цел – да купат време за до петок. Петок е во ред, ќе го купат времето, но ќе морам да им нагласам дека на 10 февруари во Собранието веќе во процедура ќе биде предлог-законското решение за минимална плата и усогласување на сите останати плати согласно минималната“,

 

рече Димовски.

 

Што предлагаат работодавците

 

Тој тврди дека според предлогот на работодавците, според пресметките, испаѓа минималната плата да изнесува 16 242 денари, меѓутоа додека тој ги кажуваше овие пресметки вицепремиерот Битиќи додаваше дека тоа не е точно. Од Организацијата на работодавци, пак, велат дека немаат конкретна сума за минималната плата во нивниот предлог.

„Немаме конкретна бројка, очекувајте дека во петок ќе излеземе, мораме да ги консултираме нашето членство, да побараме нивно мислење и да добиеме конкретни идеи од нив“,

 

изјави претставничката на Организацијата.

 

На прашање зошто се одолговлекува, таа одговори дека ова не е одолговлекува бидејќи е прва средба. Од Организацијата на работодавци се заблагодарија што Владата ја организирала денешната средба со оглед дека, како што рекоа, претходните четири месеци се разговарало само преку медиумите, а на маса немало ништо конкретно.

 

Според Битиќи, контрадикторност има и во двата предлога

 

Вицепремиерот Битиќи во изјавата за медиумите ги коментираше и двата предлога. И за тој на ССМ што е поднесен во Собрание, и за тој што денеска го предложиме од Организацијата на работодавци, смета дека се „малку контрадикторни“.

 

„Предлогот на синдикатите даден во Собрание е контрадикторен со барањето затоа што 60 отсто удел во просечната плата во овој момент ќе донесе минимална плата од 17 476 денари односно нема да биде 18 000. Начинот на кој е претставен во Собрание, во суштина е контрадикторен затоа што влегуваат во сила и двата става од еден член, тоа значи дека не може едното со другото да се поддржуваат“,

 

рече Битиќи.

 

Предлогот на работодавците, рече тој, денеска е претставен и дополнително треба да се достави и на писмено и да се направат анализи, но и овој е контрадикторен затоа што укажува дека минималецот би се зголемил в година.

 

 

 

 

 

Back to top button
Close