Синдикатот на културата: Постојат осум правосилни пресуди – бараме почитување на законот

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) повторно реагираше на изјавите на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакнувајќи дека прашањето не е во висината на износот за кој се водат споровите, туку во почитувањето на законите, колективните договори и работничките права.

 

Од СКРМ велат дека по прес-конференцијата на министерот станало јасно дека тој „суштински не ја разбира улогата на синдикалната борба за заштита и унапредување на работничките права“. Според нив, впечатокот од неговите изјави е дека претходните јавни настапи во поддршка на синдикалните барања биле мотивирани повеќе од политички, отколку од принципиелни позиции.

Синдикатот нагласува дека во Колективниот договор за култура не постојат привилегии за одредени групи вработени, бидејќи во сите одредби се користи поимот „работник“, без разграничување по дејност, професија или институција.

– Синдикатот никогаш не побарал права или поволности кои не би важеле подеднакво за сите вработени во секторот култура – наведуваат од СКРМ.

 

Во реакцијата се посочува и дека изјавите за наводни привилегии се користат за создавање поделби меѓу вработените и за дискредитирање на синдикалната борба. Од таму додаваат дека доколку министерот има намера да ги унапреди правата на одредени категории уметници, тоа може да го направи преку законски измени, без потреба од нов колективен договор.

Синдикатот истакнува дека во моментов постојат права утврдени со закон и со важечкиот Колективен договор кои, како што велат, не се почитуваат.

– СКРМ не бара незаконска пресметка на платите. Бараме платите да се пресметуваат во согласност со законите и колективните договори – наведуваат од синдикатот.

Во реакцијата се потенцира дека постојат осум правосилни судски пресуди кои, според СКРМ, ја потврдуваат основаноста на нивните барања и кои, како што велат, мора да бидат почитувани и спроведени.

 

Од синдикатот го повикуваат министерот Љутков наместо конфронтација да отвори институционален дијалог и јавно да ги објави документите на кои се повикува во своите изјави, со цел јавноста да може да се увери во фактите.

Back to top button
Close