Синдром на ништење
Почитувани читатели, во денешната колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка ќе се осврнам на еден сегмент од нашиот секојдневен живот кој е целосно зависен од функционалноста на системот.
Плурализмот во Македонија влезе низ ширум отворени порти предвреме. Нашето општество сѐ уште не беше спремно за различно општествено уредување. Модерната македонска држава се конституираше 1945 година во времето на едноумието на комунизмот. Живеевме, растевме, се градевме и функциониравме во еден систем, кој многумина денешни интелектуалци не го сметаат за исправен, а често го именуваат со погрдни зборови како ступиден комуњарски систем. Од друга страна, за многумина од нас кои што живеевме во таа држава, токму тој систем ни пружи солидно образовани, професионален развој и углед – битни нешта со кои што и денес живееме.
Во тоа едноумие, постоеше систем за функционалност на државата. Се поставуваа функционери блиски до комунистичката партија. Секако дека меѓу тие функционери имаше и позитивни и негативни личности, како што и самиот систем имаше добри и лоши страни. Но, сакале да признаеме или не, самиот факт дека опстоивме како држава полни 45 години говори само за себе дека системот бил функционален.
Привилегиите од тој систем денес се паметат како вредност, но и аманет на секој граѓанин кој живее во ова општество. Бесплатно школување, бесплатно здравство, светски углед на СФРЈ од невидени размери, држава високо почитувана од тогашниот Источен и Западен свет. Југославија беше една од организаторите на Неврзаните земји кои што стасаа до 160 независни држави во светот. На животниот стандард кои го имаа жителите на СФРЈ завидуваше целиот источен блок и многу земји од денешната ЕУ. Југословенскиот пасош пари вредеше!
Плурализмот за нас беше само политички систем изучуван во училиштата и на факултетите, но во пракса тотална непознаница никогаш применета.
Денес, веќе цели 35 години градиме плурализам чии што ефекти се катастрофални за граѓаните на Република Македонија, како и за самата држава.
Идеологијата на којашто почива фундаментот на политичката партија во Македонија е ирационален. Имаме лево ориентирани, десно ориентирани, либерали, централистички и зелени партии чии заеднички интереси и единствена идеологија е зграпчување и користење на моќта на власта. Во моментот кога ќе се зграпчи власта, тогаш политичките партии се слеваат во две групи, позиција и опозиција со еден заеднички идеал – интерес.
Во комунизмот кадровските прашања ги решаваше комунистичката партија со длабоко поголем рационален приод отколку денешниве плуралистички партии во Македонија. Резултатот е евидентен.
Партиите во денешна Република Македонија го избркаа интелектуалниот свет од своите средини, поради нивната суетност кон поумните и поспособните луѓе и кадри што знаат и умеат повеќе од партиските лидери во Македонија.
Да се биде лидер е сериозен предизвик. Лидерот треба да биде диригент во оркестарот составен од различни музички инструменти, кој ќе знае да им го препознае квалитетот и автентичноста на секој член од оркестарот. Лидерот не смее да биде суетен егоцентрик умислен дека е единствен и најбитен, туку да ја препознае и поддржи функционалноста на изведувачите на музичките инструменти, далеку поквалитетни во својата умешност отколку самиот диригент. Улогата на диригентот во оркестарот со симфониски инструменти е да направи силна кохезија меѓу професионалните музичари. Само така ќе се добие максимумот за прекрасна изведба. Поедноставно кажано, лидерот треба да биде опкружен со квалитетни луѓе кои што повеќе знаат од него за областа која што треба да ја водат.
За жал, политичките партии кои што функционираат во Република Македонија полни 35 години, не изнедрија лидер со вакви квалитети и визија. Кога немаме лидер со такви перспективи да ја води државата, и на граѓаните да им овозможи достоинствен и спокоен живот, тогаш данокот за лошо лидерство ќе се плаќа многу скапо и долго.
Денес, со македонски плурализам владеат криминалот и корупцијата. Го имаше и во бившиот комунистички систем но маргинално. Сите сме свесни дека владеењето на државата преку криминал и корупција е чист нихилизам, ништење на сите објективни вистини и морални вредности.
Почитувани читатели, повеќе пати се осврнувам на овој сегмент од владеењето со државата, затоа што сум исклучително засегнат и како граѓанин којшто си ја сака државата, но и како единка која на својот грб го плаќа данокот на легитимната корупција во саканата Македонија. Ќе бидам нескромен и ќе кажам дека како граѓанин на денешна Република Македонија сум многу почитуван од моите сограѓани од било која етничка и верска заедница. Ова чувство на почит го чувствувам од моите граѓаните истиот момент кога ќе излезам од вратата на мојот дом, почнувајќи од соседите па сѐ до случајните минувачи.
Верувам дека нема дом или семејство во Македонија на чија што врата кога би тропнал не би ми ја отвориле со респект и гостопримство. Од друга страна, за жал, заробениот систем од криминал и корупција во Република Македонија не дозволува правдата за Еуростандард банка да излезе на виделина. Не можам да почитувам лидер на партија која е на власт, кој во отворен разговор или комуникација ќе ми каже „јас не можам да ти помогнам”.
Не барам помош! Барам правда за себе но и за илјадници мои сограѓани. Ако луѓето на најсилните државни функции креваат рамења кога се зборува за правда, тогаш каде да ја бараме? Стравувам дека сме отидени во еден правец на неповрат. Дали сакаме таква држава?
Без лажна ласцивност ќе бидам дрзок. Таквите функционери коишто имаат сила да помогнат во вакви забошотени процеси, а молчат со кренати рамења, треба да си заминат од функцијата. Доста ги тапкавме по истите тие рамења. Да сакаат навистина оваа држава да ја стокмат по сите светски стандарди тогаш ќе најдат начин како правдата да излезе на виделина. Правдата е во нивните раце, тие се на власт и ја имаат сета моќ.
Жално е што 30 години не создадовме достоинствени партии кои ќе знаат да ги привлечат и задржат најсилните интелектуалци за да понудат вистински решенија и напредок на државата за општо добро на сите граѓани.
Портите на сите високи функционери во системот, кога е во прашање стечајот на Еуростандард банка, како на претходната така и на денешната влада, се затворени. Не сакам да бидам параноичен, но како да чувствувам дека меѓу нив има договор да се уништи сѐ што е квалитетно во сопствената држава, а правдата за која се борам да биде ставена во фиока и заборавена.
На сите парламентарни и локални избори учествувам и давам поддршка на партиите кои нудат иднина на нашата држава и граѓаните. Верував и сѐ уште сакам да верувам дека секоја нова влада ќе почне вистински да ја води државата. За жал чувството дека тонеме како држава ми тежи на плеќи.
Го молам Господ, на македонската политичка сцена конечно да се појави вистински лидер кој ќе знае да го собере најквалитетниот кадар од сите сфери на нашето живеење и да отпочне да креира иднина за нас граѓаните и целата држава.
Радост ми е што имам невидена почит од моите сограѓани. Верувам дека ја добивам поради моите дела и ставови кои ги споделувам со вас мои сограѓани. Целта ми е да креирам поубава иднина за сите нас и нашите поколенија.
Продолжувам до конечна победа кога и да е…