Синодот на МПЦ ОА формира Комисија за анализа на статусот на Украинската црква, откако минатата година одлучи да не сослужува со неа

Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ ОА) денеска на својата редовна седница во работен состав формирал комисија која треба да го проучи статусот на Православната црква во Украина, која уште во 2019 година доби автокефалност од Вселенската патријаршија.

Оттаму соопштија дека за претседател на Комисијата е назначен митрополитот брегалнички г. Иларион, а потпретседател е епископот дељадровско-илинденски г. Јоаким.

Оваа одлука доаѓа откако Синодот во март минатата година одлучи да не се сослужува со јерархијата на Православната црква во Украина, како што тогаш соопштија, до конечно решавање на нејзиниот статус во полнотата на православието.

Прашањето за Украинската црква пред неполн месец го отвори г. Тимотеј, надлежен за Дебарско-кичевската епархија, а воедно и портпарол на Синодот на МПЦ ОА, кој во телевизиска изјава првпат откри дека токму Украинската православна црква е главната пречка за застој на преговорите меѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ ОА) и Вселенската патријаршија (ВП) за добивање официјален томос за автокефалност на нашата црква.

На прашањето каде заглавил процесот за добивање на најавениот томос за автокефалност од Вселенската патријаршија, со оглед дека поминале две години откако Српската православна црква ни издала томос, а Вселенската патријаршија канонски ја прифатила нашата црква, г. Тимотеј рече дека договорите или преговорите не се скратени со ВП, но дека има некои прашања кои од канонски аспект не се прифатливи за МПЦ ОА.

„Договори, преговори и разговори не се прекратени со Вселенската патријаршија. Има некои прашања кои од канонски аспект во овој момент не можеме да го прифатиме, а тие инсистираат на нешто што според нас и според каноните е неприфатливо. И затоа во овој момент тие преговори и посети се можеби во една стагнација. Но, во непосредна близина ќе имаме гости од Вселенската патријаршија и од Грчката црква“,рече владиката Тимотеј.

Според г. Тимотеј, Украинската православна црква е главна причина на застој на добивање на томосот на МПЦ ОА од Вселенската патријаршија. Сепак, тој не сакаше да ги прецизира деталите зошто е тоа така.

„Украинската православна црква е неканонска црква. Хиротонисани се без благодатна“,

изјави г. Тимотеј.

Инаку, Синодот на МПЦ ОА на редовна седница во март 2023 година одлучил да не се сослужува со јерархијата на Православната црква во Украина до конечно решавање на нејзиниот статус во полнотата на православието.

Во продолжение може да се види документот од одлуката на Синодот на МПЦ ОА:

Истата одлука била потврдена и на синодска седница во полн состав.

Украинската православна црква е признаена од Вселенската патријаршија и од уште од три грчки православни цркви.

Според новинарот Бранко Ѓорѓевски, познавач на состојбите во православието, било шокантно кога МПЦ донела таква одлука во однос на Украинската православна црква, а која била адресирана кон Вселенската патријаршија.

„Не знам која беше потребата на нашата црква до вчера во раскол, денеска признаена како црква без утврден статус, носи одлука дека нема да сослужува со Украинската православна црква. Немаше никаква потреба од носење таква одлука во овој редослед на сите случувања“,смета тој.

Владиката Кирил, воедно и еден од повлијателните владици во Вселенската патријаршија во октомври минатата година беше неколку дена во официјална посета на МПЦ и се сретна со г. Тимотеј.

Една од главните теми на разговор меѓу нив била желбата за што поскоро добивање на томосот за автокефалноста од Вселенската патријаршија и со тоа официјално признавање на МПЦ ОА.

Во мај 2022 година сосема неочекувано дојде до помирување меѓу Белград и Скопје.

Но, работата со автокефалноста на МПЦ остана недовршена, црквата е примена во канонско единство, но е призната за автокефална од само четири цркви, покрај Српската, и од Руската, Бугарската и Романската.

 

 

 

Back to top button
Close