СИПРИ: Американските компании со 60 отсто доминираат со глобалната продажба на оружје

Глобалната продажба на воена опрема и услуги во 2019 година се зголеми , а во неа доминираат производителите на оружје од САД, а исто така успешно работеа и кинески компании, соопшти Шведскиот истражувачки институт СИПРИ.

Од 25-те најголеми производители на оружје во светот, 12 се од САД. Тие се одговорни за повеќе од 60 проценти од глобалната продажба на оружје во вкупна вредност од 361 милијарда долари, соопшти Стокхолмскиот институт за меѓународни истражувања на мирот (СИПРИ).

СИПРИ објави дека глобалната продажба на оружје во 2019 година се зголеми за 8,5 проценти во споредба со претходната година.

Седиштето на првите пет компании е во САД, а „Локид Мартин“ ја задржа својата позиција како најголем дилер на оружје во светот.

Групата водечки 25 вклучува шест компании од Западна Европа, четири од Кина и две од Русија.

За првпат компанија од Блискиот исток е на списокот на СИПРИ, а станува збор за компанијата „ЕЏ“ (EDGE) со седиште во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

За првпат на листата на најмоќни дилери се вклучени и кинески компании што претходните години не беа на неа поради недостаток на податоци.

Првиот е Локид Мартин (САД) со вкупен приход од оружје во 2019 година од 53,23 милијарди долари, потоа Боинг (САД) – 33,58 милијарди долари, Нортроп Груман (САД) – 29,22 милијарди долари, Рејтеон (САД) – 25,32 милијарди долари, Џенерал Динамикс (САД) – 24,5 милијарди долари.

На шестото место е кинеската компанија „Aviation Industry Corporation of China“ -АВИК со 22,47 милијарди долари приходи, следена од „BAE Systems“ од Велика Британија со 22,24 милијарди долари.

Осмото и деветтото место го заземаат кинеските компании „China Electronics Technology Group Corporation“ – CETC (15,09 милијарди долари) и „China North Industries Group Corporation“-  Norinco (14,54 милијарди долари).

На десеттото место е американската компанија „L3Harris Technologies“, која оствари годишен приход од 13,92 милијарди долари.

Шведскиот Парламент го основаше СИПРИ во 1996 година, а преку него се следи воената потрошувачка и трговијата со оружје.

Back to top button
Close