Сирија ја осудува „опасната ескалација на тензиите“ по израелските напади врз Дамаск и јужните региони
Сирија ја осуди „опасната ескалација на тензиите“ од страна на Израел откако израелските сили го бомбардираа генералниот штаб на сириската армија и област во близина на претседателската палата во Дамаск и јужна Сирија денеска.
-Сирија го смета Израел за целосно одговорен за оваа опасна ескалација на тензиите и нејзините последици, соопшти Министерството за надворешни работи во Дамаск, додавајќи дека нападите биле насочени кон „државни и цивилни институции“.
Министерството соопшти дека Сирија го задржува правото „да ја брани својата територија и народ со сите средства дозволени со меѓународното право“. Дамаск ја повика меѓународната заедница „да преземе итни и конкретни мерки за да се стави крај на континуираните агресивни акти на Израел“.
Израелската војска соопшти дека нејзините операции против соседната земја се одговор на немирите во јужна Сирија, каде што владините сили се обвинети за репресија врз малцинството Друзи. Израел изјави дека ќе ги заштити Друзите.