Системот и по смртта го прогонува младиот Мемет: На роднините им бараат ДНК-тест за да им го дадат телото

Телото на 19-годишниот Мемет Камбер, кој почина минатата недела во болница без никакви лични документи, сѐ уште е во капелата во Бутел, објави „Телма“.

 

Поради тоа што Мемет немал никаков документ за идентифијкација, телото не може да биде предадено. Единствен начин за да се потврди дека роднините навистина биле крвно поврзани со него, што е предуслов да им биде предадено телото, е најблиските роднини кои живееле со момчето да направат ДНК-анализа, на чии резултати сега чекаат.

 

Прерано прекинатата животна приказна на Мемет, инаку колпортер на списанието „Лице в лице“, деновиве ја потресе македонската јавност и предизвика дебата за промена на законските решенија со кои конечно нема да има луѓе без документи, кои не можат да ги остварат основните граѓански права.

Мајката на Мемет го напуштила, по што живеел во семејството на вујкото, а не му давале лична карта затоа што немал имотен лист за куќата во која живеел, а била дивоградба. Тој имал тешки здравствени проблеми кои постојано се влошувале, но не можел да се лекува, бидејќи немал ниту пари, ниту документи. Лекарите кои го примија пред да почине, изјавија дека најверојатно никогаш не примил никаков третман за здравствената состојба од која починал.

Од Македонското здружение на млади правници, кое со години се занимава со оваа проблематика – како ранливите да добијат документи за да може да ги остварат своите права, смртта на Мемет Камбер ја нарекуваат „општествен неуспех, кој почнал на шалтер на МВР каде не му дале лична карта поради бирократските пречки“. Според нивните податоци, во земјава има околу 700 луѓе кои поради различни причини не можат да извадат лични документи.

Back to top button
Close