Систина ќе части секој месец бесплатно по 10 жени од Карпош преглед за остеопороза ама ако победи Лукровски !

Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, најави дека по неговото доаѓање на чело на општината, месечно по десет жени постари од 50 години ќе добиваат бесплатен преглед за остеопороза во приватната болница „Аџибадем Систина“.

Лукровски ја претстави иницијативата на средба со менаџментот и лекарскиот тим на болницата, каде што разговараа за нови модели на соработка меѓу здравствените установи и локалната самоуправа.

– Како човек кој веќе речиси три децении е дел од здравствениот систем, верувам дека локалната власт може да помогне во подобрување на превентивата и пристапот до здравствени услуги. Горд сум што имаме ваков здравствен капацитет како „Аџибадем Систина“, со кој можеме да соработуваме на општествено одговорни проекти – изјави Лукровски.

Според него, договорот предвидува 120 бесплатни прегледи годишно, односно 480 во текот на целиот градоначалнички мандат.

 Со менаџментот на болницата се договоривме месечно по десет жени од Карпош, постари од 50 години, да добиваат бесплатен ДЕКСА скен, стручно мислење и понатамошен третман. Ова е наш придонес во борбата против остеопорозата и во подигнувањето на свеста за здравјето на жените – рече Лукровски.

Тој додаде дека оваа иницијатива ќе биде само почеток на поширока соработка меѓу општината и здравствените институции, со цел да се воведе нов тренд на општествена одговорност и грижа за граѓаните.

– Сакам Карпош да стане пример за општина која се грижи за своите жители, не само преку инфраструктура, туку и преку здравје и превенција – истакна тој, додавајќи дека со ваквите иницијативи „се враќа довербата на граѓаните во институциите“.

На крајот, Лукровски им се заблагодари на тимот од „Аџибадем Систина“ за, како што рече, нивната подготвеност „да покажат дека приватниот здравствен сектор може да биде вистински партнер на заедницата“.

Back to top button
Close