„Систина“ ќе го тужи проф.др Сашко Кедев ако не каже точно во која приватна болница се врши непотребно стентирање за профит

По повод изјавите на интервентниот кардиолог професор доктор Сашко Кедев изнесени во емисијата „На врв на светот“ на Канал 77, во која се споменува од страната на новинарот името на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, остро ја осудуваме содржината и пораката на ваквиот јавен настап. Овие тврдења се неосновани, го нарушуваат угледот на нашата реномирана установа и на нашите доктори, и непотребно внесуваат страв кај постоечките и идните пациенти. Ја уверуваме јавноста дека наводите за наводни непотребни хируршки интервенции во една приватна болница, наводно врз основа на профит, се целосно неточни и не може да се однесуваат на „Аџибадем Систина“, затоа што нема основа, велат од болницата во реакција.
Оттаму велат дека бидејќи во изјавата, доктор Кедев, посочува една приватна болница, притоа не споменувајќи за која станува збор, бараат точно да се изјасни за која приватна болница се однесува неговата изјава.
Во спротивно ќе преземеме соодветни правни чекори и ќе поднесеме тужба поради клевета и нарушување на углед. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и понатаму ќе остане посветена на врвната здравствена грижа, транспарентност и интегритет, секогаш водејќи се за најдоброто за пациентите, се вели во писмената реакција.
Инаку откако интервентниот кардиолог доктор Сашко Кедев изнесе тврдење дека во Македонија во приватни болници се вршат непотребни неетички хируршки интервенции, отворања на граден кош и стентирања без потреба само за профит, Министерството за здравство веќе се координира за проверка на овие тврдења како и за спроведување на итни и вонредни надзори со цел добивање на целосната слика, информираат оттаму.
Дополнително, министерот Азир Алиу веќе најави дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ја опфаќа и двонасочната размена на информациите меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот Мој Термин – и дека само тогаш ќе има јасна слика и за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства.
Здравствениот систем се заснова на доверба и затоа секоја јавна комуникација треба да биде одмерена и заснована на проверливи информации, без шпекулации и без поистоветување на поединечни случаи со целиот систем. Секако дека секој има право на свое мислење, а посебно ако тоа е поткрепено со аргументирани факти но исто така сметаме дека потребно е да се избегнуваат изјави кои водат до генерализации и сензационализам, велат од Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека во здравството постојат јасно утврдени професионални стандарди, протоколи и законски постапки, како и компетентни тела надлежни за нивна примена и потсетуваат дека почитувањето на професионалниот интегритет на здравствените работници е задолжително, исто како и почитта кон правата на пациентите.
Одлуките за лекување се темелат на клинички индикации, но и на право на второ стручно мислење. Пациентите треба да се чувствуваат охрабрени да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и доколку имаат дилема, да побараат второ мислење — тоа е дел од добрата медицинска практика. Оваа тема бара трезвен пристап и почит кон фактите а безбедноста на пациентите, медицинската етика и медицината заснована на докази се основните принципи врз кои се заснова пристапот на здравствениот систем. Овие принципи се основата и на новиот пристап со раководење со Министерството за здравство, се наведува во соопштение од Министерството.
Инаку Кедев во емисијата „Стадион“ посочи оти најголемиот дел од неговата консултативна активност ја поминува во одвраќање на луѓе од непотребни интервенции, непотребни стентирања и непотребни операции.
Ние во моментот се соочуваме со нешто застрашувачко, а тоа се тие непотребни интервенции кои што се профит ориентирани. Имаме пролиферација на приватни болници, на кои што интересот им е профитот. Тоа се лесно докажливи работи, ние имаме докази дека одредени центри треба да се затворат од медицински аспект. Да се случува тоа во Англија или Америка тоа ќе биде под клуч. Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба, имаме докази за тоа. Тоа е фасцинантно нешто, кое што треба релевантните институции да преземат нешто, пред се министерството за здравство и фондот, бидејќи тие плаќаат некои од овие интервенции. Зборуваме за многу сериозни етички проблеми, поврзани со профит – рече Кедев.
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ има медицински тим од 260 доктори, а секоја година се регистрираат над 20.000 нови пациенти кои ни укажуваат доверба.
Одлуките за третман и интервенции се носат исклучиво со мултидисциплинарен пристап, базиран на медицински индикации и највисоки етички стандарди, а веќе 10 години болницата е акредитирана и работи по највисоките ЈCI стандарди за безбедност и квалитет. Во изминатите 25 години, болницата никогаш не извршила хируршка интервенција без јасна медицинска индикација. Нашиот приоритет отсекогаш бил и ќе остане – здравјето и безбедноста на пациентите, велат од „Аџибадем Систина“.
извор: Слободен печат