Сите бранители на десницата на бедемите на јавниот радио телевизиски сервис

Маријан Цветковски e директор на МРТВ од 2012 годин. Тоа е период, да речеме во кој провооделенец ќе стигне до средношколска матура!

Цветковски веќе шест години по ред по неговиот прв избор не поднел извештај за својата имотна состојба, за што е обврзан по законот. Тоа претходните состави на Антикорупциска го знаеле, ама не го санкционирале!

Истиот раководител добил во 2018 година кривична пријава заради тоа што без овластување, надвор од своите ингеренции, склучил договор во 2016 година за купување на пипл-метри со компанијата „Аналитика“.

 

М.Ц, директор на јавното радиодифузно препријатие во 2015 година ја злоупoтребил својата службена положба и овластување и склучил договор за кредит во износ одоколу 2 милиони евра, заложувајќи го целокупниот движен и недвижен имот во сопственост на МРТ во вкупна вредност од близу пет милиони евра, два и пол пати повисока вредност од земениот кредит.

Историјата покажала дека и најголемите бедеми, па дури и познатиот Кинески ѕид, што наводно се гледал и од Месечината не одолеале на целта за кои се градени: одбраната на некоја земја, нејзината територија или династија.

 

Мораме да си признаеме дека Македонската радио и телевизија, излезе доста пожилава од Ѕидот, бидејќи онаа „династија“ која е внатре поставена уште во 2012 година, а би се рекло и претходно, еднаш во 1998 година, а потоа и во 2006 година, упорно ги издржа сите контроли, констатации за кривични дела, против која се поднесени соодветни акти, по сознанија добиени преку официјални ревизии за недозволени состојби, па да споменеме и протести на вратите од таа институција од страна на жени-активисти, денес заборавени епизоди од „херојското доба“ на оваа земја, и да не набројуваме повеќе, го оставија овој идеолошки замок на десницата недопрен. Како што рече Филип Шварм во неговата колумна „Балканските макијавелисти“ или можеби уште поречито го објасни тоа Борко Зафировски во текстот „Чекајќи ги варварите“ во овој наш систем на вредности, со еден историска ракурс, она што ќе го фати десницата не го пушта со крв и нокти.

 

Мандатот што трае доволно долго прводделенец да дојде до средношколска матура

Веќе нешто пишавме за АВМУ, каде актуелниот директор е поставен како советник во 2011 година, а потоа е избран и за прв човек на раководниот орган, а негов пандан е секако и Маријан Цветковски, директорот на МРТВ од 2012 годин. Тоа е период, да речеме во кој провооделенец ќе стигне до средношколска матура! Истиот, како несменлив прв човек на гигантот а кој исто така крши бројни правила а преку неговата зацементираност за фотелјата, докажува дека просто нема правила со кои и самиот јавен радиодифузер опстојува и функционира. Како и кај АВМУ, така и во МРТВ со прастари кадровски решенија се означи „бедем стратегијата“ на ВМРО ДПМНЕ во медиумскиот сегмент, најсилното оружје на груевистичкото владеење.

 

МАРИЈАН ЦВЕТКОВСКИ Не сакал да се кандидира ама кога Советот го сака… и така 12 години

По промените во 2017 година, по неуспехот на пучот во април таа година (по инструкција од Платата Татарчев и вилата Водно по повод изборот на претседател на Собранието – Албанец!) се очекуваше дека промени ќе има. Тоа го очекуваше и она парламентарно мнозинство и граѓаните што стоеја зад нив. И меѓународната заедница веќе го кажа своето во однос на тоа како функционираат овие јавни институции во текот на пржинските преговори.

Како и да се каже новинарските здруженија го заштитија монополот на една партија во етерот

Кога дојде до промената на власта во 2016 година постоеја очекувања дека дошол часот работите во јавниот сервис, кај обичниот граѓанин доживуван како гигант, треба да се променат. Обично сите ги истакнуваат финансиите, одржливоста на куќата, но многу ретко се говори за она што таа институција прави за информирањето што би требало да го врши како основна дејност. Посебно заради целосната поклопеност на МРТВ со шапката на партискиот интерес на ВМРО ДПМНЕ и другите десни партии во подолг период после 1998 година, а посебно после 2006 година. Стана збор за потребата од реформирањето на куќата како и гледањето на тој цел комплекс во паралела со уште една друга институција која треба да го штити јавниот интерес (АВМУ).

Според „брзојавот“ што ујдисаните новинарски Здруженија (ЗНМ, ССНМ и Советот за етика) го испратија до Министерството за информатичко општество со кој се бараше во иднина таа куќа да добива еден отсто од годишниот буџет или по нивни проценки 30 милиони евра што треба да е речиси удвојување на износот и тоа да се плаќа на 12 рати најдоцна до 4-ти во месецот, се отфрла можноста МРТВ да добива повремени инјекции (став кој остана актуелен до ден-денес) бидејќи така би станала зависна од власта.

 

Никој не се праша, нели, како стана зависна и со пониска дотација и без повремени јавни донации во претходните 11 години и тоа во мерка која беше често и на работ на карикатурален вазалски однос?.

Во екот на т.н. пржински преговори пред да се организираат првите фер избори во 2016 година, после повеќе од една деценија, со посредство на странците, опозицијата (се мислеше пред се на СДСМ) требаше да дојде промена во АВМУ и МРТВ. Отпорот кон организирањето на фер избори беше силен во тогашната владина коалиција (ВМРО ДПМНЕ и ДУИ) ама кај медиумите ситуацијата беше „најтврда“. Социјал-демократите и странците барале во овие институции полугите да ги преземе опозицијата и тоа 4 месеци пред изборите, Тоа решение не помина, времето си течеше, еднаш одложените избори пролетта таа година не смееше да се оддолжат па се дојде до некакви половични решенија.

Во врска со МРТВ се избра Санта Аргирова да биде времен главен и одговорен уредник. Беше можно тој партиски хармонизиран механизам да се контролира? Секако – не! За таа задача треба цела екипа. Токму скандалот со емисијата во која Аргирова беше домаќинка на тогашната специјална обвинителка Јанева, беше илустрација за онаа организационо-технолошка Гоѕила што стоеше зад нејзиниот грб. Додека разговорот се подготвуваше, а кемарманите и тахниката се готвеа за стартот, сликите од режијата заминуваат надвор од режијата, а со неа и снимените необврзувачки разговори и снимки на камерата која оди и под здолништето на гостинката (некаков жабечки ракурс), а од Платата Татарчев се шири на другите тв центри. Публиката која треба да биде информирана за она што го работи специјалната јавна обвинителка (своевидна, во тој миг, Ахилова пета на власта) се претвори во изживување и изсилувана комедија во режија на патроните на Груевски. Кого да казниш во ваков случај кога треба да одговара домаќинот, а тој кутриот не може да контролира еден мафијашки заговор?

ЧИБИШЕВ За тогашниот директор на Токсикологија, како кандидат на листата на ДПМНЕ на изборите во 2016 беше резервирано интервју во 14 часот на изборниот ден, како израз на семоќност на една партија

Или, ако на денот на гласањето, во неделата на 11 декември 2016 година, во 14 часот на првата програма оди снимено интервју со д-р Андон Чибишев, кој е на врвот на листата во првата изборна единица, а интервјуто требаше да му дува во грб во привлекувањето на симпатии кај оние неодлучни гласачи од токму таа изборна единица. Додека неодлучните избирачи ја сркаат неделната супа докторот во бел мантил е тука да увери дека ДПМНЕ располага со интелектуален капацитет. Најгрубо кршење на изборните правила. Чибишев беше избран во идниот состав на парламентот и – види сега – воедно си продолжи да биде директор на Токсикологија! Со едно прекршено правило, се кршат и м,ногу други…

 

Што најдоа државните органи во МРТВ?

А поводи за итни промени имаше многу. На пример Антикорупциска контактирала дека Цветковски веќе шест години по ред по неговиот прв избор не поднел извештај за својата имотна состојба, за што е обврзан по законот. Тоа претходните состави на Антикорупциска го знаеле, ама не го санкционирале! Директорот изјавил дека „не е знајал“ дека тоа треба да го стори. Што би рекле Латините – незнаењето штети (ignorantia nocet), ама римското право не функционирало во услови на груевизмот или просто паднало ничкум пред неговата жилавост.

 

Истиот раководител добил во 2018 година кривична пријава заради тоа што без овластување, надвор од своите ингеренции, склучил договор во 2016 година за купување на пипл-метри со компанијата „Аналитика“.

 

И тоа е се народе! Е не е – има и нова кривична пријава од финансовата полиција. Оттаму соопштиле дека поднеле кривична пријава против службеното лице, М.Ц, директор на јавното радиодифузно препријатие. Според пријавата, утврдено било дека тој во 2015 година ја злоупoтребил својата службена положба и овластување и склучил договор за кредит со една комерцијална банка, во износ од 140 милиони денари (околу 2 милиони евра) при што го заложил целокупниот движен и недвижен имот во сопственост на МРТ, кој е во вкупна вредност од близу 295 милиони денари (накај пет милиони евра), имот што има два и пол пати повисока вредност од земениот кредит. Тоа го сторил, како што соопшти Управата за финансиска полиција на прес конференцијата, без да побара согласност од Собранието, кое е основач и сопственик на правното лице, што е спротивно на Законот за јавни претпријатија и на штета на него.

ВРЕМЕ ЗА НАГРАДИ Генерaлниот Цветановски казните не го допираат ама наклонетоста на „најмакедонската партија“ е секогаш до него

Државниот завод за ревизија, во објавениот конечниот извештај од извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2020 година за Македонската радио-телевизија. констатира серија неправилности и незаконитости во работењето на МТВ. Така, ревизорите констатирале дека МТВ работи без стратегија и програма за работа, а платите се делат по волја на директорот. Ревизорите за одредени вработени не ги нашле ниту потребните документи со кои би се докажало дека имаат одредени квалификации за тоа работно место.

Според презентираните податоци, во 2020 година (како последна наведена во ревизорскиот извештај) од државната каса за ЈРП МРТ се издвоени 15,8 милиони евра, во 2018 и во 2019 година по 14,5 милиони, додека во 2017 година, ЈРП ја чинело државата 6,5 милиони евра, но затоа граѓаните преку радиодифузната такса уплатиле 9,5 милиони евра.

Ревизорите констатирале и дека „приходите од комерцијалните дејности претставуваат незначителен износ и имаат постојан тренд на опаѓање“. Во анализираниот период од 2015 до 2020 година, МРТ најголеми комерцијални приходи има остварено во 2016 година (година на тогаш пресудни избори) – 1,4 милиони евра, додека во 2020 година има остварено 550.000 евра.

Куќата со финансиски проблеми шефовите си го зголемиле коефициентопт за 40 отсто

Ревизорите исто така имаат и забелешки за тоа што во МРТВ со систематизација во 2020 та година е формирано одделение за радиодифузна такса со 5 вработени и покрај тоа што таква обврска за наплата повеќе не постои. Се утврдени и неправилности при јавни набавки, нема наплата на дел од стари побарувања низ годините а нема ниту попис на тоа што се’ поседува јавното претпријатие. Од таму им дале обемен одговор на ревизорите, но и покрај тоа тие изразиле сомнеж за целокупното работење на МРТВ давајќи многу препораки за промени.

ЗГОЛЕМЕНИ КОЕФИЦИЕНТИ Раководството во МРТВ си ги зголеми коефициентите кога претпријатието стенкаше во долгови

Ревизорите утврдил и дека раководството на МТВ иако со огромни долгови си изгласало измена на Колективниот договор со кој вредноста на коефициентот да се зголеми за 40 проценсти, при секое зеголемување на минималната плата. Во однос на финансискиот дел – ревизорот „се сомнева во вистинитоста на финансиските извештаи на јавното радиодифузно претпријатие“. За да биде целата ситуација уште понелогична е и фактот дека раководтсвото во телевизијата е со исчечен мандат од 2019 година и ДЗР предлага Собранието да изврши именување на членовите на програмскиот совет.

 

Во извештајот се констатира дека телевизјата нема уредна документација ниту за долгот што таа го има, но и за оние кои и должат. Недостасуваат податоци за преземените мерки за наплата на побарувања кои се постари од пет години, како и можноста за нивна наплата, пишува во извештајот.

 

Фиоките во случајот на сознанијата за МРТВ само се полнеле

 

Навистина, ако се гледа периодот кога со оваа куќа на неприкосновен начин раководел директорот марјан Цветковски би можел да се има инспирација за некаков политички роман ала „Војна и мир“, кога обидите да се’ среди менаџментот просто се кршеле во цел комплот на сите можни институции, ред се кај оние кои биле должни да даваат правна оценка за целиот случај. Ама тоа не го сториле или работела фиоката онаму каде што требало или се можело во сваровски правосудството. .Според она што би редуцирале од многуте објави за оваа тема во текстот „МРТВ ќе избира нов директор, реформирањето ќе почека“ од стартот на 2018 година, половина година по промена на власта завршил еден од мандатите на раководителот. Но него го бирал (реиазбрал) стариот состав на Програмскиот сове; било речено дека измени се очекуваат со измените на Законот за аудиовизуелни медиумски услуги. Излегло според она „мањана, мањана“… При тоа Цветковски за Радио Слободна Европа истакнал дека нема намера да се кандидира за нов мандат. Веќе еднаш реизбран во март 2015 година, а мандатот на директорот, според статутот на МРТВ, е три години. Членовите на програмскиот совет се избрани од претходното парламентарно мнозинство во декември 2014 година и имале мандат од пет години, односно до крајот на следната година.

 

Изборот на новите раководни тела мора да биде со двотретинско мнозинство!

 

Како што тогашната опозиција (ВМРО ДПМНЕ) секоја промена ја спречуваше со она „нема да има двотретинско мнозинство“ така беа спречени и реформите во радиодифузниот простор. Процедурата со години беше заглавена во собраниската Комисија за избори и именувања, а главна „сопка“ беа одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кои за избор на членовите на Советите на јавниот сервис и на АВМУ треба да се обезбеди двотретинско мнозинство – и во Комисијата и на пленарна собраниска седница. Кога заради спречување на долгогодишниот застој пратеници на тогашното владејачкото мнозинство предложија изборот да биде со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, станаа „боксерска вреќа“ на новинарските здруженија и синдикати бидејќи би се создала ситуација на „политички ризик од влијание“! Па какво беше дотогашното влијание? ДПМНЕ просто мирно си седеше на бедемите на освоениот замок и измислуваше нови и нови трикови, служејќи се по потреба и од новинарските здруженија, кои беа апологети на еднонасочната власт! Затоа и се случи, на пример, МРТВ послдна да јави за пресудата која скопскиот Кривичен суд ја изрече против Сашо Мијалков! Иако редакцијата е на 200 метри од Судот содржината на пресудата беше ставена во куќичката на некој полжав… Ова да се спомене за тие здруженија на кои им пречи промената на состојбата која практично преставува заглавеност на информацискиот систем во десничарското мочуриште.

 

После јули 2017 годиниа фактички имаме еден рондо со немањето на консензус за избор на членовите на Програмскиот совет а потоа и за избор на нов директор на МРТВ. Спорна беше законитоста на евентуалното распишување конкурс, со оглед на одредбите од Законот за аудио и адуиовизуелни медиумски услуги, со кои мандатот на актуелниот директор, заменик-директорот и на членовите на Програмскиот совет на МРТ е продолжен до изборот на нов Програмски совет (упс!). ЗНМ побара автентично толкување на Законот од Собранието, но Владата смета дека нема потреба и дека Законот е јасен.

 

„Одговорот од Владата е дека предлага на Собранието да не ни дава автентично толкување и не знаеме како да постапиме, има различни толкувања од правници“, изјави тогаш Ведат Мемедалија, член на Програмскиот совет на МРТВ.

 

Во јули 2019 година Комисијата ги утврди листите на кандидати за членови на Советите на МРТ и на АВМУ, кои се пријавија на конкурсите што ги распиша Собранието. Пријавените требаше да ги бранат своите тези на јавна расправа, но работата застана тука.

 

Кој колку добива на тв пазарот?

Во глобала МРТВ располага со најголем дел од колачот кој постои во овој сегмент, гледан како економска категорија.

 

Вкупните приходи на македонските радио и телевизиски станици во 2019 година изнесувале околу 39,5 милиони евра, покажува Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2019 година. Од нив, најголем дел од приходите биле остварени од комерцијалните телевизии што емитуваат програма на национално ниво, како и од Македонската радио-телевизија како јавен радиодифузен сервис.

 

 

ПРОГРАМИ ЗА УСЛУГИ Јавниот радио дифузер се обидува да добие квауитет со изнајмување на простор, ама наскоро ќе ја снема оперативата која е услов за такви „трансакции“

Да ги видиме последните податоци. Лани јавниот радиодифузер остварил приход од речиси една милијарда денари, или 16,27 милиони евра, при што од продажба на својата програма реализирал само помалку од пет милиони денари или нешто малку над осумдесет илјади евра! Каква дискрапанца! Севкупната загуба изнесува 137 милиони денари. По ова излегува дека загубата (кумултивна) е околу 13,5 отсто од вкупните приходи на телевизијата.

 

А што ни фали во празна куќа?

Ако се погледне записникот од седницата на Програмскиот совет на МРТВ – нели она „вечно“ тело – на кое е анализирана емитуваната ланска програма, може да се заклучи дека местото каде треба да има подготвени и содржајни дискусии и предлози е една празна, исцедена тишина која има за цел да не бранува, небаре се’ се случува во некаква здодевна земја, како Швајцарија или Шведска, каква што не сме секако. И јасно, како да се работи за седница замислена како некаква чајанка во која главно се подигнувале два прста. Впрочем, седниците по скајп, како оваа не се сериозни, бидејќи, тие во принцип ја задушуваат дебатата, а имаат логика само ако ги скусат транспортните трошоци, што тука не е случај.

 

По едно општо, умерено самофалечко излагање на главната и одговорна уредничка има само една дискусија за која секако вреди да се задржиме, а тоа на членка на Програмскиот совет нас МРТВ, Снежана Клинчарска по извештајот. Таа замерува најнапред што нема креативност и таа се должи пред се на фактот дека целиот тој навидум огромен берој на вработени е всушност околу 600, што е премалку за нормално функционирање на сите програмски сервиси. Ова е знак на се’ помало наслонување на сопствени кадри а се поголема зависност од надворешни копродукциски и откупени домашни тв проекти.

„Ако продолжи ваквиот тренд, ќе биде проблем да се реализираат и копродукциските проекти, бидејќи без доволен број режисери, сниматели, тонци, осветлители, монтажери и друг креативен кадар, едноставно, ќе станува се поневозможнода се произведе квалитетна македонска телевизиска програма. Од друга страна, зголемувањето на процентот на (домашните) надворешни проекти може да ја загрозат уредувачката политика на куќата како Македонска РТВ“ – заклучува Клинчарска.

Претпоставка е дека оваа забелешка ги вклучува копродукциите со надворешни лица и редакции како дебатната „360 степени“, потоа емисии на Истражувачка лабораторија и слични проекти, колку што во мигот ни текнува.

КОЈ Е КОЈ ВО МЕДИУМИТЕ МРТВ добива пари од буиџетот ама на пазарот никако да се снајде

– Инаку, програмата што беше емитувана во минатата 2023 година беше поприлично исплакната, анемична, без крв и страст – заклучува оваа членка на Програмскито совет и издвојува два икслучоци (нели премалку за „петка“ на рачето на уредничкиот колегиум) – документарната серија ,,Приказни од ориентот“, и документарниот филм ,,Разгледници од Европа“, на Диме Ратајковски. Таа предлага во врска со оваа анемичност да се организира посебна дебата.

 

Во основа од цлата оваа мала хронологија на изгубените надежи може да за клучи дека раководството и на МРТВ ги преброди можните промени, а опасноста доаѓа од „мангупите во сопствените редови“ што би рекол другарот Ленин. Пред се затоа што позициите во МРТВ како и во АВМУ се просто измислен рај за заслуѓните партиски активисти.

Љубомир Костовски

извор ЦИВИЛ МЕДИА.

Back to top button
Close