Сите лица на Ѓаволот
Едуардо Галеано прави пресек на една важна форма на отфрлање на групи луѓе – преку поврзување на симболи по кои се препознатливи со имагинариумот на ѓаволот. И на тој начин, низ авторитетот на црквата, се влијае(ло) на ставовите на верниците.
Низ иронија, Галеано всушност дава прецизна слика за политичко-идеолошките причини за демонизирање на извесни групи и пораката која се шири врз масите – дека нивното обопштување е правилно и корисно.
Ѓаволот е често прикажуван како Евреин
Хитлер не измислил ништо. Две илјади години Евреите убијци на Исус и се виновници за сите зла. Како? Што кажа? Дали Исус е Евреин? Исто како дванаесетте апостоли и четворицате евангелисти? Тоа не е можно. Објавената вистина не остава простор за сомнеж, а како доказ го нуди самото нејзино постоење. Работите се такви какви што велат дека се, а тоа се вели затоа што е познато: во синагогите Ѓаволот ја води службата, а Евреите отсекогаш се занимавале само со сквернавење на домаќинот и труење на светата вода. Тие се причина за економски падови, финансиски кризи и воени порази; донесоа жолта треска, црна чума и секакви епидемии
Англија ги протера во 1290 година, сите на еден. Но, тоа не ги спречи Џефри Чосер, Кристофер Марло или Вилијам Шекспир, автори кои никогаш не виделе ниту еден Евреин, да ја послушаат традиционалната култура и да ги пренесат еврејските ликови според сатанскиот модел на паразити што цицаат крв и алчни лихвари.
Обвинети дека му служат на Нечестивиот, овие проколнати луѓе со векови биле цел на едно прогонство оа друго, еден масакр па друг. По примерот на Англија, ги протераа и Франција, Австрија, Шпанија, Португалија, како и многу швајцарски, германски и италијански градови. Католичките кралеви Изабела и Фердинанд ги протерале од Шпанија, под изговор дека ја валкаат крвта. Евреите, кои живееле во таа земја тринаесет века, со себе ги зеле клучевите од своите куќи. Некои од нивните потомци ги имаат и денес, но никогаш не се вратиле.
Колосалниот колеж оркестриран од Хитлер беше кулминација на долгата историја на прогон и понижување. Ловот на Евреи отсекогаш бил европски спорт. Сега цехот го плаќаат Палестинците кои никогаш не го практикувале.
Ѓаволот е често прикажуван како жена
Книгата Malleus maleficarum препорача немилосрден егзорцизам против сите демони со гради и долга коса. Нејзините автори, двајца германски инквизитори, Хајнрих Крамер и Јакоб Шпренгер, ја подготвиле на барање на папата Инокентиј VIII, со цел да ги нападнат демонските заговори против христијанството.
За прв пат беше објавен во 1486 година и до крајот на 18 век служеше како правна и теолошка основа за судовите на инквизицијата во различни земји.
Авторите во него тврдат дека вештерките, харемот на сатаната, ги претставуваат жените во нивната природна состојба: „Маѓепсувањето доаѓа од телесната страст, која е ненаситна кај жените“. Тие додаваат дека „овие суштества се привлечни по изглед и смрдливи на допир, фатални за оние кои ги посетуваат“, бидејќи ги освојуваат мажите со својата привлечност, шушкањето на змиите и опашките од скорпијата, а потоа ги уништуваат. Двајцата автори ги предупредуваат невнимателните: „Жената е полоша од смртта. Сè кај неа е стапица. Нејзиното срце е мрежа, а рацете ѝ се вистински окови”.
Тој криминолошки трактат, кој одведе илјадници жени на кладите на инквизицијата, советува секоја жена осомничена за вештерство да се испита. Ако признае, заслужува да биде запалена. Ако не се исповеда, и таа го заслужува тоа, бидејќи само вештерка, поттикната од Ѓаволот, нејзиниот љубовник во сабота, би можела да поднесе такво мачење без нејзиниот јазик да ја изневери. Папата Хонориј III изјавил дека свештенството е машка работа: „Жените не треба да зборуваат“. Нивните усни го носат жигот на Ева, а таа го одведе човештвото во пропаст. Осум века подоцна, Католичката црква упорно одбива да им дозволи на ќерките на Ева да влезат во свештенството.
Муслиманските фундаменталисти, зафатени од истата паника, ги осакатуваат гениталиите на жените и им ги покриваат лицата. Ортодоксните Евреи, пак, на кои им олеснало што избегале од грдата судбина, денот го започнуваат велејќи: „Ти благодарам, Боже, што не ме направи жена“.
Ѓаволот е често прикажуван како хомосексуалец
Веќе во 1446 година, хомосексуалците во Португалија одеа директно на клада. Во 1497 година беа живи палени во Шпанија. Огнот беше судбината предодредена за тој демонски сој, роден во пламенот на пеколот. Меѓутоа, во Америка, конквистадорите претпочитаа да ги фрлат на кучињата. Васко Нунез де Балбоа, кој осуди многу од нив на таква сурова казна, сметаше дека хомосексуалноста е чума. Пет века подоцна, го слушнав архиепископот од Монтевидео како го кажува истото
Кога првите конквистадори се појавија на хоризонтот, само Ацтеките и Инките, во рамките на нивните теократски држави, ја казнуваа хомосексуалноста – и тоа со смртна казна. Другите жители на Америка ја толерираа, а на некои места дури и ја славеа.
Таквата неподнослива провокација мораше да го навлече Божјиот гнев. Според освојувачите, големите сипаници и грипот, непознатите болести кои ги коселе Индијанците не дошле од Европа, туку од рајот. Бог на тој начин ја казнувал слободата на Индијанците кои природно се препуштале.
Ниту во Европа, ниту во Америка, ниту било каде на друго место, никој не пресметал колку хомосексуалци се казнети или осудени на смрт. Ние не знаеме ништо за далечните времиња, а многу малку или речиси ништо за сегашното време.
Во нацистичка Германија тие „дегенерици се виновни затоа што перверзно згрешиле против природата“ и биле принудени да носат розов триаголник во јавност. Колкумина биле испратени во концентрациони логори? Колкумина загинале таму? Десет илјади, педесет илјади? Никогаш нема да дознаеме. Никој не ги броел, одвај се спомнати. Не се знае многу повеќе ниту за бројот на убиените Роми.
На 18 септември 2001 година, германската влада и швајцарските банки одлучија да ја „поправат неправдата направена врз хомосексуалците кои не беа вклучени меѓу жртвите на холокаустот“. Беше потребен половина век за да се поправи таа грешка. Оттогаш, хомосексуалците кои го преживеале Аушвиц или друг логор – ако сè уште постојат – имаат право да бараат компензација
Ѓаволот е често прикажуван како муслиман
Самиот Данте Алигиери знаеше дека Мухамед е терорист. Зарем не го смести во круговите на пеколот, осуден да гори од глава до пети. „Го видов пресечен на два дела“, пишува авторот на Божествената комедија, „од брадата до стомакот…“.
Многу папи забележале, во времето кога муслиманските орди го потресувале христијанскиот свет, дека тие не биле составени од луѓе од месо и крв, туку од големи војски на демони кои се намножувале веднаш штом биле погодени од меч, копје или куршуми од пушка.
Во наше време, проектилите произведуваат неспоредливо повеќе непријатели отколку што можат да уништат. Но, на крајот на краиштата, што би се случило со Бога ако немаме непријатели? Стравот командува, а војните се хранат со стравот. Искуството докажува дека заканата од пеколот е секогаш поефикасна од ветувањето за Рајот. Добредојдовте, непријатели! Во средниот век, секој пат кога нивниот престол ќе се разнишал, поради финансиска пропаст или гнев кај народот, христијанските кралеви укажувале на муслиманската пропаст, предизвикувале паника, започнувале нова крстоносна војна и работата ќе се реши.Демонологот Јохан Вејер во 1564тата напрвил листа од ѓаволи кои работеле на Земјата со полно работно време, поради што многу христијанските души паднале под различни искушенија. Тој изброи точно седум милиони, четиристотини девет илјади и дваесет и седум од нив, кои беа поделени во седумдесет и девет легии.
Неговите мистификатори се обвиткуваат во турбани за да ги сокријат роговите, а нивните долги наметки ги кријат нивните змиски опашки, крилјата на лилјаците….
Ѓаволот е често прикажуван како Индијанец
Конквистадорите откриле дека кога сатаната бил протеран од Европа, нашол засолниште во Америка. На нејзините острови и на брегот на Карипското Море, кои ноќе и дење ги допираа неговите горчливи усни, дивите суштества живееле во наједноставна средина. Тие му се поклонувале на сонцето, земјата, ридовите, реките и другите демони преправени како богови; а телесниот грев кој го практикувале постојано и без никакви ограничувања го нарекле игра. Не знаеле за десетте заповеди, седумте сакраменти и седумте смртни гревови. Не го знаеле значењето на зборот грев ниту се плашеле од пеколот; не знаеле да читаат и никогаш не слушнале за правото на сопственост или за кое било друго право; и како сето тоа да не беше доволно, имале обичај да се јадат еден со друг. И тоа сирови.
Освојувањето на Америка бил долг и тежок процес на егзорцизам. Демонот бил толку длабоко вкоренет во таа земја, што кога Индијанците клечеле на колена пред Богородица, тие всушност и се поклонувале на змијата што таа ја прегазила; и кога го прегрнувале крстот, во него не го гледале синот Божји, туку ја славеле средбата на дождот со земјата. Конквистадорите ја исполниле задачата да му ги вратат на Бог златото, среброто и безбројните богатства што Ѓаволот му ги украл. Не било лесно да се собере сето тоа богатство.
За среќа, повремено добивале мала помош одозгора. Кога Господарот на пеколот подготвувал заседа во кањонот, за да им го попречи патот на Шпанците до рудниците за сребро во Серо Рико во Потоси, ангелот слегол од рајот и го подбрал.
Ѓаволот е често прикажуван како црнец
Како гревот, како темнината, црнецотне непријател на светлината и невиноста. Во неговите познати патеписи, Марко Поло напишал за жителите на Занзибар: „Тие имаа огромни усти, дебели усни и мајмунски носови“. Шетаа голи и беа целосно црни, па ако се појават во некој друг дел од светот, сите би помислиле дека се ѓаволи“.
Три века подоцна, во Шпанија, Луцифер, со црно тело, во комедии и на прослави, излегува на сцената на огнена кочија. Света Тереза, која секогаш се бореше против него, никогаш не можеше да се ослободи од него. Еден ден застана до неа, а тоа беше „страшен црнец“. Друг пат, таа виде огромен црн пламен како излегува од неговото црно тело и ги запали нејзините молитви…
Кратко потсетување за размената меѓу Африка и Европа: во текот на XVI, XVII. и XVIII. век Африка продавала робови и купила пушки. Работа за насилство. Пиштолите вовеле ред во пеколниот хаос, а ропството беше првиот чекор кон откупување. Пред да ги жигосаат, на лицето или на градите, црнците ги прскале со света вода. Крштевањето би ги ставило во бегство демоните и би вдахнало душа во тие празни тела.
Потоа, во текот на XIX и XX. век Африка нудела злато, дијаманти, бакар, мермер и кафе во замена за Библијата. Производи за зборови. Се претпоставуваше дека читањето на Библијата може да го олесни патувањето на Африканците од пеколот до рајот. Но, Европа заборави да ги научи да читаат
Ѓаволот е често прикажуван како странец
Мерачот за вина покажува дека имигрантот доаѓа да ни ги земе работните места, а мерачот на пропаст покажува знак за тревога.
Ако е сиромав, млад и не е бел е натрапник, кој доаѓа од далеку, однапред му се суди поради неговата сиромаштија, склоноста кон неред и бојата на кожата.
Во секој случај, ако не е ни сиромав, ни млад, ни обоен, не е добредојден затоа што е спремен да работи двојно повеќе за половина од парите. Додека постои страв, стравот од губење на работата е еден од најголемите; а имигрантот служи како сениште во моментот кога прстот е вперен кон одговорните за невработеноста, намалувањето на платите, несигурноста и другите социјални зла.
Некогаш Европа испраќаше групи војници, затвореници и гладни селани низ светот. Тие протагонисти на колонијалните авантури останаа запаметени во историјата како божји патници тие ја отелотворија цивилизацијата и им помогнаа на варварите.
Денес, патувањето се одвива во спротивна насока. Тие што доаѓаат или се обидуваат да дојдат, од југ кон север, немаат ниту нож меѓу забите, ниту пушка на рамо. Доаѓаат од земји кои се исцедени како лимони и немаат намера да освојат ништо друго освен вработување или некоја ситна работа.
Оние протагонисти на неуспешните колонијални авантури се сметаат за гласници на ѓаволот, варвари кои ја напаѓаат цивилизацијата
Ѓаволот е често прикажуван како сиромашен
Се облизуваат додека јадете, ве шпионираат додека спиете: сиромашните ве демнат. Во секој од нив се крие криминалец, дури и терорист. Сопственоста на неколкумина е загрозена од злобата на многумина. Тоа е познато.
Богатите се изложени на малтретирање илјадници години, островите на пристојност се опкружени со мориња и бранови на сиромаштија. Бурите татнат и ги принудуваат живот на постојан грч. Во нашите градови денес, огромни затвори во кои се сокриле затворениците од страв, тврдини се нарекуваат куќи, а оклопи се нарекуваат облека.
Состојба на константна опсада. Без одмор, без релаксација, без доверба: статистички, не можете да го избегнете тоа; порано или подоцна, ќе доживеете напад, кражба, злоупотреба или криминал. Во озлогласените квартови, потиснувајќи ја омразата, умирајќи од желба, се виновниците за вашата идна несреќа. Тие се само скитници, боси, пијаници, наркомани, крадци и ништо, кутри без заби, без планови, без утре.
извор: Peśčanik
превод: Лени Фрчкоска