Сите ние загинавме во автобусот во Бугарија  

Како може автобус кој не бил пријавен за меѓународен превоз – значи, ја немал потребната документација воопшто да ја помине границата – тоа да го правел во којзнае колку наврати, којзнае од кога? Дали е можно, вон фабричката спецификација, да имал додадени танкови за гориво (кои се можната причина за големиот пожар), бидејќи во некои земји каде што се возел цената на горивото била пониска од некои други земји во коишто превезувал патници? Дали е можно за време на паузата дваесетина минути пред трагедијата некои патници да си ги размениле местата со некои други во останатите три автобуси во туристичкиот конвој? Дали е можно вратите на автобусот автоматски да не се отвориле при ваква тешка несреќа затоа што, можеби, и пред несреќата биле неисправни? Дали е можно…

Одговорите на сите вакви и слични прашања се изгледно позитивни, некои веќе потврдени, а други потенцијално можни, па иако истрагата ќе ги утврдува сите (па и овие) околности врзани за големата автобуска несреќа во Бугарија, речиси е сигурно дека димензиите на трагедијата е след од настани кои повторно упатуваат на сплет од фактори врзани за непочитувања на јасни прописи наменети за зголемена безбедност во сообраќајот. Тоа, во основа, е резултат на непрофесионализам, коруптивни практики (20-тина евра на граница или во технички сервис, не мора да е ништо повеќе!) или немарност во службата во чие средиште е секогаш „човечкиот фактор“, со општиот балкански менталитет којшто владее на овие простори.

Приказната не е само „македонски специјалитет“: бугарскиот автопат „Струма“, според медиумите кај нашиот источен сосед, важи како еден од најопасните во Европа, на што упатуваат и анализите од местото на настанот на кобната сообраќајка. Од тоа како е лошо изграден уште пред десетина години (тажната иронија да биде поголема, го градела македонска градежна фирма), преку тоа како е лошо одржуван, до тоа како е опасно (не)означен на самото место на трагедијата (на пример, погледајте ги анализите на бугарските колеги од местото на настанот). Коловозните ленти од три, пред свиокот, наеднаш преоѓаат во две, без јасно и правовремено навестување за возачите, особено во услови на ноќно возење, по влажен коловоз.

Бугарската регионална министерка Виолета Комитова вчера формираше специјална комисија чијашто задача е во рок од пет дена да произведе извештај за состојбата на целата патна делница за да се види дали други сообраќајни фактори, а не само оние врзани за самиот автобус и неговото управување, може да се причина за ужасниот карамбол.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close