„Сите за Палестина“ со конкретни барања до Сиљановска: Да се осуди геноцидот во Газа и да се признае Палестина

Гласањето на Македонија да не се поддржи правото на самоопределување на Палестина и на палестинскиот народ е срамно, а впрочем и останатите гласања каде Македонија гласа воздржано или против Палестина се суштински различни од заложбите и историјата на Македонија, наведуваат од Иницијативата.

Претставнички од иницијативата „Сите за Палестина“ денес имаа средба со претседателката Гордана Силјановска Давкова, во нејзиниот кабинет. На средбата тие ѝ ги пренеле барањата на иницијативата и повикале државното раководство да покаже јасна солидарност со палестинскиот народ.

„Сите за Палестина“ бараат од Владата, Собранието и од претседателката на државата да го осудат геноцидот во Газа и да делуваат согласно ратификуваната Конвенција за спречување и казнување на злосторството „геноцид“. Државата да почне да гласа во солидарност со палестинскиот народ на сите понатамошни гласања на ОН, повторно да ја признае Палестина, како и итно да ги прекине дипломатските односи и економската, културната, образовната и спортската соработка со Израел. Исто така да се вклучи во доставувањето на хуманитарна помош во Газа, да ги уапси оние кои се гонат за извршување на воени злосторства штом стапат на македонска почва, притоа извршувајќи ги своите обврски како членка на Меѓународниот кривичен суд.

На средбата, претставничките од Иницијативата се повикале на изјавите на претседателката по повод 80-годишнината од основањето на Обединетите нации, кога таа истакна дека мирот, климатската правда и меѓународното право се најголемите предизвици на современиот свет.

„Во тој контекст, претставничките ѝ укажаа на претседателката дека недостига конкретна акција и почитување на меѓународните заложби на Македонија во овие принципи, а молкот на нашите меѓународни претставници во рамки на ООН и други мултилатерални организации е соучесништво со тековниот геноцид над палестинскиот народ.

Гласањето на Македонија да не се поддржи правото на самоопределување на Палестина и на палестинскиот народ е срамно, а впрочем и останатите гласања каде Македонија гласа воздржано или против Палестина се суштински различни од заложбите и историјата на Македонија“, наведуваат од Иницијативата.

Тие ја потсетиле претседателката на историската должност на Македонија, како држава со антифашистичка традиција и потписник на бројни меѓународни конвенции, да се заложи за почитување на меѓународното хуманитарно право и за прекин на страдањата во Палестина.

На крајот од средбата, активистките ѝ подарија пакет со книги за мирот, хуманоста и за Палестина и ја повикаа да покаже морална и историска доблест во духот на човечноста и слободата.

На средбата било посочено дека солидарниот народ ќе продолжи да маршира и да организира акции за одговорност и солидарност: мир без слобода не постои, а правдата за Палестина останува предуслов за праведен и безбеден свет за сите, порачаа од Иницијативата „Сите за Палестина“.

Back to top button
Close