Сите за правично судење“: Тимското испитувањето на супервештаците за „Ласкарци“ е спротивно на ЗКП

Од невладината која со свои набљудувачи го следи судскиот процес, апелираат судечкиот совет во „Ласкарци“ со должно внимание да го следи текот на главната расправа и испитувањето на вештаците и доследно да се почитуваат и толкуваат релевантните одредби до ЗКП

Тимското испитување на вештаците кои го изготвија супервештачењето за автобуската несреќа кај Ласкарци на 13 февруари 2019 година, е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка (ЗКП), реагира невладината Коалиција „Сите за правично судење“ која врши мониторинг на судските случаи.

Реакцијата доаѓа откако на претходните две судски рочишта (21 јануари и 2 февруари 2023) судечкиот совет на чело со судијката Дијана Груевска-Илиевска дозволи тимот од четворица сообраќајни инженери во судница да се испитува практично како едно лице иако на тоа се противеше јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

Сепак, судијката одлучи дека тие како тим заедно работеле и го изготвиле супервештачењето, па затоа може да се надополнуваат во одговорите. Така, иако обвинителот избра еден од вештаците да одговара на неговите прашања, додека го испрашуваше останатите вештаци останаа во судницата и со кревање рака го надополнуваа и дообјаснуваа нивниот колега.

Во својата реакција, од Коалицијата „Сите за правично судење“ која има свои набљудувачи на судските рочишта, наведуваат неколку одредби од ЗКП кои сметаат дека биле прекршени од страна на судот. Една од нив е одредбата која дозволува вештаци да го следат судскиот процес и да ги слушаат останатите сведочења, но, потенцираат од невладината, тоа не значи и дека е дозволено „тимско“ одговарање“.

„Согласно одредбите од ЗКП, конкретно членот 378 вештите лица можат да присуствуваат во текот на главната расправа и да го следат судењето односно да можат да ги чујат исказите на сведоците кои ќе бидат испитани, како и да се запознаат со другите докази кои ќе бидат изведени во текот на главната расправа. Оваа одредба во ниту еден случај не значи дека тие можат да даваат одговори на прашања коишто се поставуваат на други вештаци кои се предмет на испитување, или со други зборови, законот не предвидува можност за ’тимско‘ одговарање на прашањата што се поставуваат за конкретното вештачење. Дотолку повеќе што согласно членот 360 од ЗКП, претседателот на судечкиот совет е должен да ги предупреди присутните во судницата да не го нарушуваат текот на расправата, па дури ’може да нареди од заседанието да се отстранат лицата кои како слушатели присуствуваат на главната расправа, доколку тие и по опомената го нарушуваат одржувањето на главната расправа‘“,велат од Коалицијата.

Понатаму, потсетуваат дека членот 389 од ЗКП предвидува дека сведоци и вештаци кои се испитани може да се отстранат од судница и потоа повторно да бидат повикани и да се испитаат во присуство на други сведоци или вештаци. Во конкретниот случај со рочиштата за „Ласкарци, според невладината, би било сосема оправдано ако судечкиот совет реши вештаците кои не се испитани да се отстранат од судницата, па ако има несовпаѓање на нивните искази потоа да бидат повикани сите заедно за да се соочат и утврдат причините за неконзистентноста на нивните искази. Сепак, нагласуваат набљудувачите, и во ситуација на соочување тие не би смеело да одговараат истовремено на исто прашање.

„На ова се надоврзува членот 387, став 4 од ЗКП согласно кој ’ако некоја од странките бара вештото лице да се испита на главната расправа, писмениот наод и мислење ќе бидат прифатени како доказен материјал само ако вештото лице кое го изработило вештиот наод и мислење дало свој исказ на главната расправа и била дадена можност да биде вкрстено испрашано‘. Во конкретниот случај, освен вештото лице кое било повикано да даде исказ пред Судот, ниту еден друг член од тимот на вешти лица кој бил присутен во судницата не смеел да одговара на прашањата што биле поставувани додека не биде повикан да сведочи, бидејќи на овој начин de facto се заобиколува можноста странките директно и вкрстено да ги испитаат сите вешти лица кои го изготвиле вештачењето. Ова е особено битно доколку се има предвид дека вкрстеното испитување е веројатно најголемата можност за дискредитација на вештото лице, односно дискредитација на изготвеното вештачење во целина, нешто што не е возможно да биде направено доколку истовремено се испитуваат сите вешти лица“,
реагираат од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Од невладината апелираат судечкиот совет во случајот „Ласкарци“ со должно внимание да го следи текот на главната расправа и испитувањето на вештаците и доследно да се почитуваат и толкуваат релевантните одредби до ЗКП.

Вештите лица автори на машинското супервештачење треба да сведочат и утре кога повторно ќе одговараат на прашањата на обвинителот Дарко Јакимовски. По нив, во судница ќе треба да се испита и тимот од тројца сообраќајни инженери кои го изработија супервештачењето за сообраќајниот дел.

Back to top button
Close