Ситноколонијализам

ДефиницијаСитноколонијализмот е секојдневна идеологија на замислен и, општо земено, целосно безопасен облик на владеење. Тој се одигрува во историските граници на минатото, а го применуваат субјекти поразени во обидот да остварат класна свест. Се одигрува и во материјална реалност, која докажува едно секогаш посакувано, но катастрофално неостварено потчинување.

ПојаснувањеСитноколонијализмот е од материјални класни ресурси лишена идеолошка позиција на човек кој некогаш бил во однос на определена надмоќ над некаква друга група луѓе и кој не може да ја прежали нивната сегашна емнципација.

Колку што успеав да го истражам ова прашање, овој термин досега не бил користен од истражувачи и теоретичари и затоа би се осудил да се обидам да го опишам како специфичен феномен кој карактеризира многу конкретни околности на, општо земено, една граѓанско-моралистичка трагика и кој бледнее во отсуство на голем план на свесно себеостварување во историјата и политиката.

Кој е ситноколонијален? Ситноколонијален човек е, на пример, Бугаринот, чија најфлагрантна, иако не и единствена можност да опстојува денес како колонијален субјект и покорувач е државата Северна Македонија. Според него, „добрососедските односи“ се базираат на појдовното понижување што тој воопшто треба да признава нешто, кое според сите правила и убедувања си е „негово“. Бидејќи во меѓувреме тоа нешто го изгубил, ретката можност денес да триумфира како колонијален субјект за него значи да го предефинира „добрососедството“ во дипломатскo изнудување на едно асиметрично „пријателство“, раководејќи се од опортунизмот на ситуацијата. Се разбира, бугарскиот македонист е ситноумен во својот инает да испроси уважување како „авторитет“ и како одамна прогонетиот „голем брат“, мешајќи ги инаетот и желбата. Неговата ситноумост во колонијалните претензии всушност и доаѓа од желбата да биде признаен, но не и реализиран како колонизатор. За последново е премногу мрзелив: доволна утеха му е испросеното „добрососедство“ кое успеал да го дефинира според сегашните односи на моќ.

Втор пример на ситноколнијално мислење и практика е веќе речиси традиционалното додворувачко однесување на Организацискиот комитет (ОК) на софиската геј парада, кој од 2018 година го користи опортунизмот на лошото момче на бугарскиот капитализам Ивајло Пенчев и на неговата компанија „Волтопија“. Веројатно веќе е јасно дека меѓу ситноколонијализмот и опортунизмот има директна врска. Во конкретниов случај, ОК се надева дека сите некако ќе ја надминеме со години утврдената цинична низа од сексизам, класизам, корпоративен опортунизам, розово миење на имиџот и каквите уште не достигнувања на таквиот банален анархокапиталистички Џејмс Дин, само за да оствари некаква морална победа во бугарското општество и да го убеди дека успешниот бизнис застанал на добитната страна на историјата. Во овој фрапантен случај на опортунистички заемнопомагачки метод, со кој двете страни заемно се експлоатираат од чисто опортуни мотиви, гледаме посебен и единствен пример на реципроцитет на ситноколонијалното востание на разумот среде историјата – па дури и на сопствениот интерес – на една заедница, која секогаш се дефинирала преку накрсни борби. Меѓутоа, овде ОК влетува потпирајќи се на хипотетичка иднина, со надеж дека една маргинализирана група ќе биде граѓански-морално издигната заради тоа што била признаена и поддржана од некаков веќе признаен господар – во овој случај од шефот на добриот бугарски капитал.

Како што веројатно се насетува, вториот основен елемент на ситноколонијалниот субјект е уважувањето. Бидејќи, со таквиот договор, тој го меша уважувањето со додворувачкото однесување, не земајќи ја предвид неговата етичко-политичка цена. Преценувањето на силата на опортунизмот го заслепува погледот на ситноколонијалистот и тој често не гледа дека цената на бараното уважување е во суштина понижување на неговите морални основи. Тегобната комбинација на опортунизам, желба за уважување и додворувачко однесување кулминира во една, на прв поглед, занемарлива ситноумост, едноставно заради тоа што ситноколонијалистот нема никаква намера да се преобрати во колонијалист. Но, таквата занемарливост сепак може да заведе цели општествени слоеви со силата на својот апашко-трансгресивен шарм и во таа смисла ситноумоста не е целосно безопасна. Пратената порака на млака антисистематичност, која систематски ја пренесуваат медиумите, пак, е директна последица на додворувачкото однесување.

Кога вашиот сосед, притиснат од својата меѓународната положба и принуден од неизбежниот општествен притисок ќе ви каже дека #AllLivesMatter, тој нема никаква намера ни некого да претепа, ниту да го навреди. Поскоро, тој напор е идеолошко разголување на неговата мрзелива суштина. Во таа смисла, ситноколонијалистичкиот начин на мислење е во својата суштина користење на онтолошка мрзеливост, но секогаш за инает на светската историја.

Сега ќе се обидам да изложам неколку теориски последици и заклучоци поврзани со класата на ситноколонијалистите.

Додека ситната буржоазија израснува од колонијалните структури и класните слоеви, на ситноколонијалната класа по себе однапред ѝ е оневозможено да се вбројува во колонијалното минато и сегашност. Таа не израснува од отфрлените остатоци на друга повисокостоечка класа кон која се стреми. Така, и нејзиниот хистеричен повик за уважување одѕвонува во некакво минато кое обично е спорно. Во основата на класната свест на ситноколонијалистот заталкало гледиштето дека неговиот класен развој до реален колонијален субјект го кастрира невозожноста истовремено да владе е и да се лути на оние со кои не може да владее.

Во таа смисла, ситноколонијалната свест е едно кенкачко-онтолошко натсвесно на власта. Таа секогаш како вентил наоѓа далечни непријатели: но, за разлика од националистичката имагинација на обичнот националист (дури и патриот), ситноколонијалниот човек нема никаква конкретна надеж за светла иднина на сопственото самонадминување. Тоа што му дава сигурност да се доживува како автентичен поробител единствено на некаква света вистина, која по правило за него ја „пренапишале“ авторитетите, е тоа што сегашноста секогаш е заробена од вознемирувачката иднина на неговиот класен интерес. Токму заради тоа, ситноколонијалистот никогаш не прави ништо за да го оствари својот класен интерес, кој секогаш е деклариран со високо историзиран и моралистички јазик.

Истовремено, тоа што ситноколонијалната класа себеси постојано се гледа во перспективата на фатална иднина во која нејзините морални основи однапред се поткопани од неправедното минато, ѝ ја одзема секоја можност да се реализира како класа на колонијалниот интерес. Во таквата ѓаволска логика на заемно кастрирање на минатото и сегашноста, иднината на ситоноколонијалистот нема апсолутно никакво значење, бидејќи, како што забележавме, тој е морално опортунистичен и историски мрзелив додворувач.

Секоја класа располага со некакви ресурси со кои манипулира и управува, а претприемачкиот ресурс на ситноколонијализмот не е самата историја, туку единствено историски раситнети приказни за злосреќната осуетеност на нивниот напредок. За разлика од ситниот буржуј и компрадорската буржоазија, кои се во состојба да ги остварат своите класни интереси и влијанија под надзор на своите господари, ситноколонијалистите по правило го оплакуваат и го фетишизираат отсуството на подобни господари, но тоа никогаш не го прават директно. Оставена без толку посакуваниот надзор, таа класа го пресвртува жалењето по него во активни материјално-класни ресурси. Како класа, меѓутоа, ситноколонијалистите се распрснати во различни други класи и всушност се обединуваат како посебна класа само кога привремено може да ги сплоти отсуството на надзор на власта. Во крајна линија, смислата на соодветната класна самосвест се изразува во формативната таинственост на историските сили, кои секогаш неправедно ги суспендираат силата и замавот на светската историја. Згора на тоа, недостигот на господари им служи како оправдание и самите да не бидат господари и да не располагаат со класно-материјални ресурси – затоа и отсуството на такви господари се преобразува во изветвена идеолошка платформа за идејно-моралистичка надмоќ на катастрофизмот.

На крај, треба да нагласиме и дека ситноколонијалистот секогаш е во позиција на губитник, но само доколку позицијата на губитништво никогаш не се признава како објективно-историска. Дејствителниот историски фон на некоја дамнешна, но изгубена привилегија, го стуктурира моралниот фатализам на ситноколонијалистот како објективна реалност. Позицијата на губитник не е само фетишизирана: во свеста на ситноколонијалистот таа секогаш станува стратегија за борба со злотворите на секој напредок во историјата. За ситноколонијалната класа да изгубиш секогаш значи да добиеш, токму како кастриран колонизатор. Магичното мислење што му е инхерентно на тоа превртување им дозволува на сите ситноколонијални души да се доживуваат како автори на историјата, која сепак некогаш ќе ја напише некој друг.

Се разбира, тој друг ќе ги уважи во некаква хипотетичка иднина за која ситноколонијалистите воопшто не се интересираат. И токму од тоа отсуство на интересирање, во крајна линија, се состои класниот интерес на тие чудни изгубени души на нашето време.

Авторот му благодари на Јавор Сидеров за плодотворните коментари и забелешки.

Станимир Панајотов

Превод од бугарски јазик: Душица Димитровска

Објавено во: Барикада, 13 Јуни 2020.

Илустрации: Javier Mayoral

Извор: Контрапункт

Окно

Back to top button
Close