Скандал во гостиварска џамија пред Бајрам: Лидер на македонските Турци ја обвини ИВЗ за понижување на турскиот јазик
Инцидент со јасна етно-јазична димензија го одбележа денешниот верски настан во Саат џамијата во Гостивар, каде што верниците се собраа по повод Хетим Дова и обраќање во чест на покојниот Шакир ефенди Фетаху.
Една од најгласните реакции дојде од познатиот политичар и активист Ердоган Сарач, кој во објава на социјалните мрежи упати остри критики до раководството на Исламската верска заедница, обвинувајќи го актуелниот поглавар на ИВЗ Реис-ул-улемата Шаќир Фетаху за јазична дискриминација.
„Дури ни две реченици на турски јазик не беа прочитани. Јавно реков: ‘Кажете барем две реченици на турски!’“, напиша Сарач на ФБ, додавајќи дека дел од верниците биле очигледно вознемирени од игнорирањето на турскиот, мајчин јазик на многумина во регионот.
Тој посочува дека ситуацијата дополнително се вжештила откако еден имам изјавил дека „овде има само месојади“, на што Реисот не реагирал. Според Сарач, таквиот молк ја легитимира дискриминацијата, а како одговор најави дека нема да присуствува на следната покана од страна на Исламската заедница.
„Ова не може да биде случајност. Го одбиваме секое понижување на нашиот јазик. Турскиот е службен јазик во ИВЗ, и тоа мора да се почитува“, напиша Сарач.
Исламската верска заедница засега нема официјален коментар по повод обвинувањата.