Скапо време и евтина игра!

Сакаме да живееме добро, aма историјата не ни го дозволува тоа – кажа Џон Кенеди. Така е тоа, оти кој гледа во минатото таму и останува.

По руската инвазија на Украина, меѓународниот правен поредок воден од Повелбата на ОН, видно е ослабнет. Светската трговска организација седум децении помогна да се одржи рамнотежата и редот во глобалната економија и беше една од водечките мотори на глобализацијата. Сега таа слабо функционира, ама и новите блоковски системи (освен Европска Економска Зона), вклучително и БРИКС се слабо функционални. Кина која има брз развој сè уште е зависна од западната технологија.

Но, светската политичка состојба го прави своето. Сега ЕУ бара од кинеската трговска платформа „Тема“ да достави информации за мерките преземени за запирање на нелегална продажба на производи, со цел заштита на своите потрошувачи. Исто така, на кинеските производи се воведува повисоки тарифина царини. Тука најмногу ќе страда кинеската продажба на е-возила.

Акронимот БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) го измислил еден познат западен економист Голдман Сакс во 2001 година. Земјите на БРИКС сега заедно имаат околу 3,24 милијарди жители, што е околу 46 отсто од светското население, а покриват само 25 отсто од светско производство. Поинаку, тие се само 15 проценти од гласачките права во Меѓународниот монетарен фонд (доминиран од САД). Од сите членки на БРИКС, без дилема дека највлијателна е Кина, која најмноу профитира надвор од БРИКС. Таа, со иницијативата „Belt and Road” низ Азија и Африка има изградено стотина илјади километри патишта, пруги, огромни мостови и продолжува да гради. Во последно време силен експансионен потенциал покажува и Индија, а на ослабената Русија БРИКС повеќе и служи како празна реклама пред својата јавност.

БРИКС со години настојува да воспостави свој финансиски систем со цел да ја руши доминацијата на американскиот долар во светот, но слабо успева во тоа. Треба да се има предвид дека членки на БРИКС се и држави што се во тесно сојузништво со САД (Турција, Саудиска Арабија, Емирати итн.). Од друга страна, Индија и Кина се силни противници на повеќе сегменти. А и Кина потајно како да посакува распад на Русија, оти претендира на огромниот дел од ненаселениот руски Сибир.

Ние се обложуваме на губитнички коњ!

Во политиката не секогаш сонцето се раѓа на исток, оти тука од целта има стотина патишта, а накај целта само еден пат, и тој често многу трнлив. Деновиве нашиот голем сојузник, Орбан, беше жестоко нападнат од клучни институции на ЕУ. Тој едноставно е анатемиран од целиот Запад поради тесна поврзаност со Путин. Активен е во Белград, Бања Лука, Подгорица, а сега и во Скопје! Последниве месеци Орбан добил закана и од САД и Брисел. Пред некој ден Фон Дер Лајен со голем топ го гаѓаше во Европски парламент.

Но, тој не запира. По повод одбележувањето на бунтот од 1956 година, Орбан се пожали дека Брисел сака да ја собори унгарската влада и да постави своја марионетска влада. Дека Брисел има блокирано повеќе милијарди евра предвидени за Унгарија повикувајќи се наводно на принципот на слабо владеење на правото. Дел од Европскиот парламент побара и одземање на правото на глас на Унгарија. Изгледа Орбан ја бара среќата таму каде што сите други ја загубиле, па затоаму се причинувадека се сите против него. Освен нас!

Неговите односи не се добри ниту со САД. Неодамна првиот парламентарец на Унгарија кажа дека војната на Путин во Украина всушност била „инспирирана од САД“! Орбан, кој од една страна тврди дека американците се обидуваат да ја рушат неговата влада, самиот цело време повикува на изборен пораз на демократите во САД! Тоа ептен наликува на гладијаторска борба во полна арена, каде што Орбан самиот е пријавен за гладијатор! Неговите односи со многу западни држави се на ниво на студена војна. При таква состојба многу е опасно да се јаде унгарски гулаш. Оти можете да се труете или задушите. Или пак, ако Орбан падне од коњ, ќе можете да добиете опасни скршеници по целото тело. Изгледа дека и овај пат Македонија успешно докажува дека може да се спаси од сè друго освен од самата себе!

Србија ни го зема Коридорот-8 ?!

Пред неодамнешната средбата во рамките на Берлинскиот процес, српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура, Горан Весиќ, се пофали дека „Србија успеала да се избори во Брисел за приоритет на Коридорот 10. И дека за нив е важно што сите линии во Западниот Балкан ќе одат преку Србија“. Таквата изјава многу ја разлути Бугарија, ама не и Македонија! Познато е дека коридорите не се само сервиси и извори на бизниси, туку и се и силна геополитика за државите низ кои поминуваат.

Оттука, силна војна се води меѓу државите, за што повеќе коридори да повлечат кон себе. А Македонија ги одбива! Но, истовремено Србија е лута на ЕУ што таа почна да го форсира Коридорот-4, кој почнува од Унгарија, преку Романија, Бугарија, Грција и завршува во Турција, а истиот со помош на „Виа-Игнација“ продолжува кон Албанија и Италија. Значи, Коридорот-4 му станува сериозен конкурент на српскиот (и на нашиот дел од) К-10. Особено тоа ќе се одрази со влегување на Романија и Бугарија во Шенген зоната, кај што воопшто нема пограничен застој. Тогаш српскиот К-10 (и нашиот дел од тој коридор) видно ќе изгубат од свој значај. Оти, познато е дека кој не знае за каде оди, сите патишта водат накај таму.

Македонија сериозно треба многу да внимава за да не и избегне и овлј временски воз. Коридорите се големи финансиски придобивки, и тоа не само како патаринска наплата, туку многу повеќе. Долж нив се отворат бројни работни места – хотели, мотели, механичарски работилници, ресторани итн. Тие се голем стимуланс за индустријата, земјоделството, сточарството, туризмот итн. Башка услуги за НАТО кои добро се наплатуваат. А плус државата се здобива со силна геополитичка позиција.

Додека Македонија од некаков ирационален инает го саботира К-8, Србија интензивно работи самата истиот да го преземе. Вековен сон на Србија бил излегувањето на пристаништето Драч. Тоа го прави со заеднички финасирање со Албанија и ЕУ. Србија веќе две години интензивно работи во изградбата на модерниот автопат Ниш – Прокупље – Мердаре (граница со Косово), за потоа низ Косово и Албанија кај што веќе има модерен автопат да се стаса до пристаништето Драч (а тоа по своја логика значи конекција со три континенти). Источниот дел на српскиот Коридор-8 (Ниш – Софија – Истанбул) е веќе готов и железничкиот и автопатниот. Таквата српска игра изгледа почна да го разбере премиерот Мицковски, ама никако министерот за транспорт и врски! Така е кога ќе се качите во погрешен воз, па тогаш сите станици ви се погрешни.

Важноста на коридорите ја знае дури и Рамуш Харадинај, кој уште пред четри години како премиер изјави: „Ние можеме да ѝ дадеме на Србија транзитен коридор за излез на Јадранско Море, преку Косово и Драч“. Веројатно знаел дека со тоа многу добива и самата Косово. Пристаништето Драч сега е дадено под концесија на познатиот конзорциум „Betailigunszelshaft MBH“, кај што се вклучени и „Global AlbaniaNetworkind“ и „Аlbanian FerryTermnal Operator“.

Оттука, логично што Србија интензивно работи во полза на својата варијанта на Коридорот-8, оставајќи ја Македонија во аут со своите историски и емотивни глупости. Таа го гради својот автопат E-80 Ниш – Мердаре (граница со Косово), за да продолжи по модерниот автопат Приштина-Драч. За својот дел од тој коридор со висок приоритет за Србија се вложени 225,6 милиони евра, пари обезбедени од Европска банка за обнова и развој и Европска инвестициона банка, преку инвестицискиот грант од WBIF (Western Balkans Investment Framework). Автопатот на мирот ќе ги поврзе директно Србија, Косово и Албанија, а индиректно и со бројни други европски коридори и регионални клучки. Еди Рама изјави дека дел од новото пристаниште „Порто Романо“ во Драч треба да биде најголемото трговско пристаниште на брегот на Јадранското Море, кое ќе може да служи и за НАТО потребите. Затоа Србија интензивно работи за да му ја преземе на Македонија Коридорот-8, не само поради профитабилни туку и поради геополитички цели. Таа со тој коридор видно ги зајакнува своите регионални позиции, а Македонија едноставно по своја воља, фрустрација или незнаење ќе продолжи да биде слепо црево! Потоа од досада ќе утепа муви, додека околните коридори бројат пари. Изгладе сме навикнати ептен евтино да играме во секое скапо време!

Мерсел Биљали

Back to top button
Close