Скапоценото наследство на Преспа
Идентитетот на еден народ не е патриотската патетика. Идентитетот е и грижата за животната средина, за старите градови како Охрид, за чудесната природа како преспанската. Пишува Кица Колбе
Преспа ќе може да ги раскажува приказните за војните и страдањата кои таа ги памети, само тогаш, кога денешните државни граници ќе станат европски граници. Никогаш не сум била во преспанските села близу границата со Грција, иако нивните имиња ги знам од нашата семејна приказна. Вчера, пред да почнам да ја пишувам понеделничката колумна, погледнав што има ново на ФБ. Една млада жена, Славица П. Диневска, ми беше понудила пријателство, а на нејзиниот профил ме чекаше таа – фотографијата од Љубојно која ме трогна и ме восхити. Не само со неземската убавина и спокој што зрачат од куќата, од огромното дрво на нејзиниот агол, од благите густи шуми на планините на видикот. Ме трогна чувството дека таа слика ми е толку блиска, речиси „роднинска“.Како одамна да ја имав видено и само заборавено, иако никогаш не сум била во Љубојно. Сепак, Преспа ме „знаеше“, затоа што таа ја памети и бегалската егејска приказна на фамилијата на мајка ми. Преспанските села беа една етапа на бегалскиот пат на мојата фамилија по мајка. Од Бапчор, преку планините, до грчката и до македонската Преспа. Но, може ли да сум наследила слики на места кои никогаш не сум ги видела кои, можеби, ги видела мајка ми? Можеби додека во октомври 1948 седела во камионот, кој од Долно Дупени ги возел низ Љубојно кон прифатилиштето во Браилово.
Нели, тогаш, Преспа е и моја, си реков? И чека на мене, да ги видам нејзините столетни шуми, низ кои моите роднини пешки бегаа од селото Роби, во грчката Преспа, преку границата во селото Долно Дупени. Всушност, и моите роднини живееја во Преспа – во трите месеци кои ги поминаа „на слободната територија“ во грчкиот дел на Преспа. Затоа Преспа ми зборува со миризливиот јазик на нејзините столетни шуми, зашто тие уште ги паметат егејските бегалски приказни. Преспа и нејзината таинствена, чудесна природа сигурно уште го памети копнежот на моите роднини по нивните напуштени куќи во Бапчор, кој се разбудил во нив додека ги гледале куќите во Долно Дупени и во Љубојно. Куќи како белата куќа во Љубојно на фотографијата на Славица П. Диневска. Патем, фотографијата е совршено уметничко дело, зашто тоа секогаш треба во себе да крие тајна. Во оваа фотографија е скриена тајната на Преспа, на животот зад трите државни граници. Таа памети времиња кога денешните граници уште не постоеле, кога езерото не било заробено од нив како по Балканските војни.
Крај патот, до аголот на куќата, стои огромно дрво, небаре ја заштитува куќата од секакво зло. Тоа е повисоко и од куќата, но и од благите пошумени планини на видикот. Благост и спокој зрачи и густата крошна на дрвото и благите падини на планините. А како што мора да биде во секоја неземска убавина, од небото кон земјата се извило како вистински небески знак виножитото. Како да е нацртано од невидливата Божја рака, за да ни покаже дека нема ништо посовршено од творението, од природата. Ние луѓето ја забораваме неземската убавина на секоја планина, секогаш кога ги сечеме вековно старите шуми. Преспанските шуми зрачат со возвишеност која разбудува во душата „свет трепет“ пред негибнатата, совршена убавина. Местата со исечената шума на актуелните фотографии од Преспа личат на рана и лузна врз жива кожа. А шумата е кожата на земјата, затоа што таа е жив организам. Пред два дена, во една прекрасна шума во Холандија и‘ раскажав на мојата дванаесетгодишна внука дека дрвјата имаат „свој јазик“ со кој меѓусебно комуницираат. Ме восхити што дрвјата разговараат со миризми – терпени. „Знам, учевме во школо”, ми одговори лежерно внука ми. Учат ли и македонските деца дека шумата е жив организам?

Преспа за мене е трагична, трауматична приказна зад трите државни граници.Таа е место со големо симболично значење во колективното паметење на народите во овие држави. А тоа, езерото, ќе може да се обедини со сите свои делови само кога тие граници ќе станат безначајни. Кога ќе има граничен премин на најтесното место меѓу грчкиот и македонскиот дел. Таму, каде што моите роднини ја поминаа границата пешки. Преспа ќе може да ги раскажува приказните за војните и страдањата кои таа ги памети, само тогаш, кога денешните државни граници ќе станат европски граници. Како што е денес во Елзас и Лотрингија, а се‘ до Втората светска војна тие беа сведоштва за воените фронтови. Денес Елзас и Лотрингија се богати и просперитетни региони во кои се говорат и изучуваат францускиот и германскиот, јазиците на некогашните „наследени непријатели“. И за просперитетот на Преспа е важно Македонија наскоро да стане членка на ЕУ.
Не само на македонската јавност, туку, пред се‘, на македонскиот политички врв треба да им стане јасно колкаво е симболичкото значењето на приказната на Преспа. Преспанските планини не се обични планини, зашто тие ги паметат сите војни кои се одиграле во нив. Преспа ја памети последната битка во Грчката граѓанската војна. Тогаш партизаните на ДАГ бегале преку понтонски мост од грчката во албанската страна на Преспа, а голем дел од нив се удавија во езерото.
Преспа – идната македонска Тоскана
Тоа што границите во Преспа досега беа херметички затворени, помогна таа да остане негибната во природното богатство. Некаде прочитав дека уште во 2000-та овој регион беше прогласен за национален парк. Македонските политичари не престануваат да зборуваат за „европски вредности“, но само кога тоа го очекуваат од другите, но не и од себеси. А европска вредност е и заштитата на животната околина. Идентитетот на еден народ не е патриотската патетика. Идентитетот е и грижата за животната средина, за старите градови како Охрид, за чудесната природа како преспанската. Да беа употребени милионите за „Скопје 2014“ за одржување на старите куќи во преспанските села, Преспа денес ќе изгледаше како италијанската Тоскана. Во неа се произведува еколошко вино и масло и се заштитува неповторливата убавина на тосканскиот предел. За мене Преспа е идната македонска Тоскана, но само ако сета македонска јавност во овој миг се обедини со луѓето од Љубојно, за да се спречи уништувањето на преспанските шуми. Охрид, за жал, е неповратно изгубен, но за Преспа има шанса да се спаси од агресијата на политичкото самоволие. Од тоа што го прочитав и во германски написи за Преспа, досегашните херметички затворени државни граници направија во длабоките столетни шуми да настане вистински биотоп. Шумите во Љубојно се ретко и скапоцено богатство од негибната природа. Најдобро е заштитата на природата и населбите во Преспа да биде заеднички проект на трите држави. Македонија го поседува најголемиот дел од Преспа, затоа таа би требала да ја понуди визијата за заштита на Преспа – како историско, културно и природно наследство. Во грчкиот дел од Преспа постои здружение за заштита на нејзината природа уште од деведесеттите, а во него се активни грчки, но и меѓународни невладини организации. Зошто тоа досега не го стори локалната власт, но и јавноста во македонска Преспа? Се обиделе ли да добијат совет и помош од грчкото здружение, за да можат заеднички да ја стопираат сечата на шумата во Љубојно, информирајќи ги соодветните ЕУ-институции? Во еден напис во германскиот весник „Зиддојче цајтунг“, раководителката на грчкото здружение во Преспа, по професија биолог, укажува дека нивната главна цел е да се сочува мноштвото на видови во овој регион со езера стари 6-7 милиони години.

На островот Свети Ахил е сочувана пештерата во која во последните месеци од Граѓанската војна имало воена болница. Зошто локалните власти, но и државата заборавија дека и преспанските села во Граѓанската војна беа прифатилишта за бегалците од Егејска Македонија, како фамилијата на мајка ми? Зошто нема барем една спомен-куќа во тие села во која ќе се сочува жив споменот на солидарноста на селаните од Преспа со своите сонародници од Егејска Македонија? Мајка ми постојано раскажуваше за вдовицата со неколку малечки деца која во својата сиромашна куќа во Долно Дупени неколку дена ги прифатила моите роднини. Идентитетот, националниот и културниот, е и грижата за колективното паметење. Преспа чува многу значајни приказни за македонскиот идентитет.
Со ЕУ-поддршка може да се гради пријателство и соработката на трите земји – Македонија, Албанија и Грција. Не само преку заеднички програми за заштита на природното богатство, туку и преку центри за средби на младите кои ќе се запознаат со историското и културно богатство на овој регион, а од трауматско сеќавање на војните ќе се учат на толеранција и на социјална емпатија.