СКЕНЕР И ХЕФТАЛКА
Од што се исплашија пратениците на власта? Се плашеа ли дека ќе бидат исвиркани од семејствата на загинатите во Кочани?
Па има ли поголем доказ за сервилноста кон партијата на власт од оној протест на вработените во Зоолошката градина во Скопје, кои не зеле плата два месеца, ама не сакаат никого да обвинат за тоа? Во Зоолошката градина се вработени околу 50 луѓе, платата ја земаат од Министерството за култура, ама претседателот на локалната синдикална организација вели дека тие не протестираат против никого, туку за да ги видиме дека стварно немаат земено плата од март.
„Не обвинуваме никого, луѓе, верувајте ни, ни министри, ни градоначалници, ни директори, бараме само плата да ни се даде“, изјави преседателот на синдикатот на собирот пред Зоолошката градина, за кој еден од негувателите рече дека „ова не е ни протест, ова е во време на пауза“, ама праќаат порака оти останале и без здравствено осигурување.
Сите знаеме како се вработуваат во државните институции. И тие знаат како се вработиле. Затоа и никого не обвинуваат. Ама па, ние ли, што плаќаме даноци и работиме за да ја обезбедиме и нивната плата, треба да се јадосуваме што тие не зеле плата? Па пострашно од тоа што не зеле плата од нашите пари е што тие не се спремни да го обвинат работодавачот, во случајов Министерството за култура, оти ги оставил без плата.
Ни приказната за кубурот што Македонецот ја чува за секој случај уште од времето на Османлиите веќе не важи. Кубурот е стопен во некој отпад за старо железо. Не е уплашен македонскиот граѓанин. Сервилен е. Па нели е партиско полтронство пуштено на најјако да пратиш порака дека и за Велигден и Први мај не ти дале плата, а никого да не обвиниш за тоа? Па уште и – не било протест. Пауза било.
Штом е така, ич нека не им даваат плата. Нека си излегуваат на пауза.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК,МК