Скијачката федерација со поддршка за иницијативата за расчистување на сомнежите за злоупотреби во минатото

– Скијачката федерација ја поздравува иницијативата на заменик претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски за расчистување на можните злоупотреби во Федерацијата во изминатиот период. Извршниот одбор на СФМ и претседателот Огњан Циговски ќе дадат силна поддршка во овој процес и во таа насока денес до Кабинетот на заменик премиерот ќе биде доставена претставка со доказни материјализа понатамошно процесуирање.  Истата документација ќе биде доставена и до Агенцијата за млади и спорт, како и до Државната комисија за спречување на корупцијата и другите надлежни институции.

Силното залагање за расчистување на евентуалните злоупотреби и создавање на солидни услови за развој на спортот беше главен мотив поради што и беше организирано Вонредно Собрание на 3-ти март годинава, согласно Статутот на Федерацијата, со поддршка од 9 од вкупно 17 клубови со право на глас, кога беше и избрано сегашното раководство.

Развој на скијачките спортови и поддршка на спортистите се главните цели за новото раководство на Скијачката федерација. За да се постигне оваа цел, Федерацијата мора да работи транспарентно и во соработка со сите релевантни институции и да обезбеди подобри услови за развој на нашите спортисти. Од тие причини, а како резултат на наталоженото незадоволство кај поголемиот број клубови, ја информиравме јавноста и за случајот со спортските ваучери.

Јавноста беше информирана и за незаконското востановување на привременото раководство. Имено, по смртта на  претходниот претседател, како овластено лице на СФМ во Централниот регистар на Република Северна Македонија е впишан Васил Сокле во улога на „потпретседател-потписник“. Како основа за ваквото впишување е наведена постапка за избор на претставник на СФМ која е спроведена без знаење на клубовите и спротивно на постапката предвидена во Статутот на СФМ, за што клубовите и дел од членовите на Извршниот одбор на СФМ тогаш понесоа соодветна пријава до Агенцијата за млади и спорт како надлежен орган. Соодветно беше реагирано и за индициите за фалсификувани лекарски уверенија од страна на тогашен член на Надзорниот одбор и неколку други спортисти.

За да се заштити кредибилитетот на скијачките споротови, расчистувањето на индициите за можни злоупотреби го сметаме за неопходно. Скијачката федерација мора да биде репрезент на спортистите и да создава услови за спортски успеси.

Back to top button
Close