Скопјанец лажно се претставил како лекар од Италија и барал 35.000 евра
Полициски службеници од ОВР Крива Паланка спречија обид за измама врз повозрасна жителка на градот и привеле 45-годишен скопјанец осомничен за вмешаност во случајот.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, на 24 јуни околу 11:30 часот во Крива Паланка бил лишен од слобода Н.Д. (45) од Скопје поради сомнение дека се обидел да изврши кривично дело измама.
Според информациите, претходно непознато лице телефонски контактирало со повозрасна жена од Крива Паланка, претставувајќи се како лекар од Италија. Тој ја известил дека нејзината ќерка наводно паднала во Италија и се здобила со тешки повреди, поради што биле потребни 35.000 евра за итна операција.
Жената, бидејќи немала толкав износ, се договорила да ги предаде сите пари што ги имала во домот. Сепак, во меѓувреме стапила во контакт со својот зет, кој ја советувал веднаш да ја извести полицијата.
По пријавата, полициски службеници презеле мерки и активности, при што осомничениот бил затекнат во близина на домот на оштетената и веднаш бил приведен.
Лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.






