Скопјани ќе имаат парно во декември

Набавен е гас од „Макпетрол” за цел декември за потребите на топланите во Скопје, а за декември е потпишан и договор за користење на топлинската енергија од ТЕ-ТО за затоплување на системот, потврди денеска премиерот Димитар Ковачевски.

– Вчера се водеа разговори со менаџерскиот тим на „Скопје Север” и сметам дека по потпишувањето на договорот за деловно техничка соработка со ЕСМ сите граѓани во Чаир и Бутел ќе добијат затоплување преку ЕСМ како што добиваат и сите други граѓани досега во градот Скопје, рече Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата одговарајќи на прашање.

Тој изрази жалење за тврдењата во медиумите дека навреме не е набавен гас за декември.

– Гасот беше набавен и пред шпекулациите кои се појавија во медиумите. Жал ми е што одредени медиуми извадија наслови дека нема гас иако имаа одговор на новинарско прашање дека е набавен, но тука не можам да влијаам ниту некогаш сум се амбицирал да влијаам – посочи Ковачевски.

Премиерот повтори дека гас ќе се набавува на 30 дена со оглед на фактот што така одат и продажбите со котации од минатиот месец и со движењето на он спот цените на берзата за тековниот месец при што финалната пресметка се прави на крајот од месецот.

 

Back to top button
Close