Скопјанката која се гонеше за кражби со претставување како медицинска сестра и попишувач доби обвинение

Кражбите биле извршени на пред билетарница на ЈСП, пред аптека, но и во домови на скопјани, каде што обвинетата, според ОЈО Скопје, се претставувала како медицинска сестра, попишувач од пописна комисија и внука на сосетката

Скопјанката, на возраст од 35 години, за која Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје отвори истрага за шест кражби само во септември, доби обвинение за кривичното дело тешка кражба.

Со отворање на истрагата таа заврши во притвор, а од ОЈО Скопје информираат дека со денешното обвинение побарале тој да ѝ биде продолжен.

Кражбите, како што и претходно информираше скопското обвинителство, таа ги извршувала на различни начини, меѓу кои и претставувајќи им се жртвите како медицинска сестра и попишувач.

Првата, според обвинението, ја извршила на 3 септември на автобуска станица во населбата Ченто во Скопје. Таа се качила со една жена во автобус и ѝ го отстапила местото да седне. Жената кажала дека ќе оди кон билетарницата на ЈСП за да ја надополни картичката за превоз, а скопјанката, за да ја стекне нејзината доверба, се понудила да ѝ помогне. Заедно се симнале од автобусот по што обвинетата ѝ кажала на оштетената да седне на клупа и дека таа ќе оди да ѝ ја надополни картичката на билетарницата. ОЈО Скопје во обвинението тврди дека скопјанката се понудила да ја земе и торбата на оштетената во која бил паричникот со картичка и пари во вкупна вредност од 7 250 денари, по што со „пленот“ заминала во непознат правец.

„На 8 септември, обвинетата дошла во куќа на улица ’Кавадарска‘ во Скопје, на сопственикот му се претставила како медицинска сестра која дошла да го прегледа и да му стави облоги на нозете. Додека тој се подготвувал за преглед, таа од домот украла паричник со 15 315 денари. На 9 и 10 септември, пак, влегла во два дома, претставувајќи се како попишувач од пописна комисија. На сопствениците им барала сертификат за вакцинација и лична карта и додека тие ги барале документите, им ги одзела паричниците во кои имало пари и банкарски картички. На тој начин од едниот дом одзела предмети вредни 1 900, а од другиот – 900 денари. Во куќата на друга оштетена, на 14 септември, обвинетата се претставила како внука на сосетката, па искористувајќи момент кога сопственичката на кратко ја напуштила просторијата, одзела паричник со околу 4 300 денари“,велат од ОЈО Скопје.

Последната кражба била извршена на 21 септември, кога, според обвинителството, скопјанката се доближила до жена пред аптека во Сингелиќ и ја фатила под рака за наводно да ѝ помогне. Меѓутоа, се тврди со обвинението, жената одбила, а обвинетата ја замолила да ѝ ги даде лековите од ќесето затоа што и таа ги пие истите, но нема пари да ги купи. Кога оштетената го отворила ќесето, обвинетата го грабнала паричникот во кој имало 3 000 денари и избегала.

Back to top button
Close