Скопјe

Деновиве отпочна кампањата за локалните избори кои ќе се одржат на 19-ти октомври. Како поранешен градоначалник на Град Скопје, сакам да споделам со вас мои видувања во кој правец треба да се движи развојот на Град Скопје.

Најнапред сакам да појаснам дека денешните кандидати за градоначалници, посебно говорам за новите кандидати кои можеби ќе дојдат на тие функции, не смеат да ветуваат големи проекти без вистински да ја осознаат финансиската моќ на секоја општина.

Успешноста на градоначалникот се состои во неговите лични погледи, како треба да ги задоволи потребите на граѓаните, согласно финансиите кои му се на располагање.

Секој пат сум бил противник на лажни ветувања.

Како Градоначалник на Град Скопје во периодот од 2005-2009 година ги почувствував сите проблеми, изворно создадени од самиот систем. Плурализмот како демократски систем, кој во Македонија се практикува полни 35 години, го покажа најгрдото лице на својата (не) функционалност. Создаде силна омраза меѓу водечките партии која длабоко се рефлектира и меѓу граѓаните.

Територијалната поделба, која беше изгласана во 2004 година, создаде дополнителни проблеми, посебно за Град Скопје. Замислете мои сограѓани, Градот Скопје има 11 градоначалници, 11 општински совети и 11 администрации!

Споменатите бројки на градоначалници, советници и администрации само го усложнуваат процесот локалната самоуправа да биде вистински сервис за граѓаните на Град Скопје.

Политичките партии се длабоко вгнездени и во локалната самоуправа. Антагонизмот кој постои на политички план се практикува и во самите општини во Град Скопје, доколку истите се водени од градоначалници кои припаѓаат на спротивставени политички табори.

Ваквата меѓу партиска омраза и на локално ниво ја плаќаме ние граѓаните. Ефективноста од јавните претпријатија е маргинализирана, бидејќи многу општини во градот Скопје немаат сопствени јавни претпријатија, а двојноста во јавните претпријатија уште повеќе ја усложнува функционалноста за граѓаните во градот Скопје. Како граѓанин на Град Скопје живеам во Општина Центар. На моменти имам бенифициран паркинг на паркинзите кои се контролирани од Општина Центар, додека останатите жители од останатите општини ја немаат оваа привилегија. Отворено прашувам зошто? Во што е разликата за нас граѓаните на Град Скопје коишто живееме во различни општини да немаме идентични права?

Сето погоре искажано од моја страна има само една цел, целта е да се менува Законот за територијална поделба за градот Скопје. Градот Скопје мора да биде една општина, а останатите 10 општини треба да бидат реони каде комплетна контрола ќе има градот врз нив.

Од мојот мандат како градоначалник ќе ви укажам на еден пример каде меѓу партиската омраза и суета се покажа на еден проект.

Клучката кај хотелот Континентал изградена во 2007 година се наоѓа на тромеѓе меѓу општините Центар, Чаир и Гази Баба. Градот Скопје за изградба на ваков капитален проект мора да добие согласност од сите три општини за да може овој проект да се реализира.

Јас го завршив проектот без согласност на општина Центар, бидејќи во тие времиња постоеше за мене неразбирлив антагонизам од страна на општина Центар кон градот Скопје. И денес не можам да разберам дека тоа беше политичка желба на тогашниот премиер Груевски и неговиот Министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, кои ја контролираа целосно работата на Општина Центар. Го завршив проектот незаконски, бидејќи и денес сѐ уште не постои согласност од Општина Центар за овој проект.

Бев спремен да бидам гонет поради моето незаконско делување. Функцијата градоначалник ја доживував како моја обврска, а не привилегија. Затоа се трудев да ги завршувам обврските во рамките на моите можности и тоа што е секојдневна потреба на граѓаните.

Дојдов како градоначалник без вистинско знаење за функцијата која ја вршев. Првата година, година и половина, учев од луѓето кои беа во градската администрација и на коишто сум им многу благодарен, бидејќи заеднички со сите јавни претпријатија успеавме да создадеме силна кохезија и да бидеме вистински сервис на граѓаните.

Повторувам, Скопје мора да биде една општина!

Иднината на Скопје ја гледам во силни капитални проекти кои порано или подоцна мора да се направат.

Најпрво, мора да се создаде нов Клинички центар, ефикасен и во интерес на граѓаните, а најдобра локација за таков објект е местоположбата на касарната Илинден.

Денешната поставеност на Клинички центар во подножјето на Водно треба да биде урбаниот живот на Град Скопје.

Дебар Маало не може да ги задоволи потребите на Скопјани, бидејќи е густо населен реон и во основа го ремети животот на граѓаните кои живеат таму. Повторувам, Клинички центар треба да биде јадрото на скопски живот со прекрасни хотели, ресторани, кафулиња и спортски содржини.

Моето видување за развојот на туризмот во Град Скопје сакам да го пренесеме и за кањонот Матка. Од непотврдени извори имам информации дека во тој регион има 64 темели на урнати манастири. Нивното возобновување со креирање на едукативен кадар и создавање приказна за македонска Света Гора, да биде предмет на огромен интерес не само за нас жителите во Република Македонија туку и пошироко.

Кањонот Матка ќе мора да биде поим на една еколошка дисциплина со цел да се заштитат флората и фауната, уникатна во овој кањон. До кањонот Матка треба да се обезбеди алтернативен пристап, а по мене тоа би била жичница по с’ртот на Водно, со повеќе попатни станици каде во летните жешки денови граѓаните ќе може да уживаат во природата, како и убавината на рестораните, кафулињата и спортските објекти кои би се изградиле. Над самата Матка од двете страни треба да се постават модерни лифтови кои ќе овозможат на секој поединец да биде во состојба да го посети ова свето место.

За ваков проект потребна е силна синергија меѓу Градот Скопје, Владата на Република Македонија и македонската Православна црква.

Жалам што во мојот мандат не успеав да стасам до овој степен на сознание, кое денес го имам, во која насока Скопје треба да се развива.

Се плашам дека партизацијата во нашето секојдневие е во состојба да уништи секаков убав проект, ако не е со партиски интерес. Дали конечно ќе пораснеме за да ги препознаеме нештата како возрасни луѓе…

Трифун Костовски

Back to top button
Close