Скопје: Чаир со 192 активни случаи на ковид-19, Бутел, Центар, Гази Баба и Аеродром по над 60

Со 192 активни случаи на ковид-19, заклучно со вчера, Чаир е општина со убедливо највисока бројка на заразени во рамки на Скопје, според денешниот билтен на Министерството за здравство.

Следна е соседната Општина Бутел, каде што бројката е сепак речиси трипати помала во однос на Чаир, односно таму до вчера се регистрирани 68 активни случаи на коронавирусот.

Со над 60 заразени се и општините Центар (66), Гази Баба (63) и Аеродром (61). Следуваат Карпош – со 57 активни случаи и Сарај – 55.

Помали се бројките на заразени во Кисела Вода (37), како и во Ѓорче Петров (23) и во Шуто Оризари (21). Овие општини се со најмал број заболени во рамки на главниот град. Што се однесува до околните општини, бројките на позитивни на ковид-19 се, исто така, пониски. Така, во Арачиново има 23 активни случаи, во Студеничани – 20, во Илинден – 18, а едноцифрени се бројките во Петровец (6), Чучер Сандево (3) и Сопиште (2).

Од 87 нови случаи на ковид-19 регистрирани во земјава во последното деноноќие, повторно најголем број се во Скопје – 41. Според статистиката на Министерството за здравство, од почетокот на епидемијата, во главниот град се регистрирани вкупно 1 373 случаи на ковид-19, од кои моментно се активни дури 760.

Back to top button
Close