Скопје добива градски воз и нови автобуси од септември
Скопје од септември треба да ја добие првата делница од проектот за Градски воз, кој ќе сообраќа на релација од Зелениково до Транспортниот центар, како и првите 30 нови автобуси, доколку успешно заврши тендерската постапка, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Тој во гостување во емисијата „Само интервју“ посочи дека тендерот за набавка на автобуси е затворен и во тек е законскиот рок за прием на евентуални понуди по пошта.„Тендерот за набавка на нови автобуси траеше до понеделникот, согласно закон мораме да почекаме дали нешто ќе стигне по пошта и веднаш по завршување на Велигденските празници ќе влеземе во евалуација. Согласно закон она што можам да го кажам до овој момент е дека имаме четири понуди“, изјави Николоски.
Доколку постапката заврши успешно и се избере најповолна понуда, првите 30 автобуси се очекува да пристигнат во септември.
Тендерот предвидува набавка на вкупно 150 електрични автобуси, од кои 100 се наменети за Скопје, а останатите за другите општини низ државата.






