Скопје, град со три единаесетки
Почитувани читатели, како некогашен градоначалник на Град Скопје, а денешен жител на нашиот главен град, често размислувам, споредувам и доаѓам до сознанија кои сакам да ги споделам со вас.
Сообраќајниот хаос, нехигиената и непочитувањето на законите во општините на Град Скопје, во време кога дивоградбите низ градот никнуваат како печурки после дожд, доаѓам до заклучок дека проблемот е во организациската поставеност на Градот Скопје.
Територијалната поделба, која беше усвоена во 2004 година, не беше направена по теркот за економски развој на општините и создавање на соживот на различните етнички заедници, согласно искуствата на високо развиените западно-европски земји, туку беше направен за легитимирање на националната припадност на поедини општини.
Национализмот не создава иднина, туку девастирање на целиот општествен и цивилизациски развој.
Во 2004 година бев еден од главните учесници во движењето за референдумско изјаснување на граѓаните од нашата држава, во однос на актуелната територијална поделба.
За жал, владата на Социјалдемократскиот сојуз, забрани излегување на референдумот и можност за изјаснување на своите членови и симпатизери. Референдумот не успеа поради бојкотот на Социјалдемократскиот сојуз и ДУИ.
Денес, после 21 година по неуспешниот референдум, се прашувам себе си и вас, мои почитувани сограѓани, каков напредок имаме во развојот на локалната самоуправа?
Градот Скопје е само еден лош плен, заробеник на ваквата територијална поделеност. Скопје денес има 11 градоначалници, 11 општински совети, 11 администрации.
За сите овие единаесетки се потребни: кабинети, возила, возачи, финансиски надоместоци на советниците и слични попатни трошоци. Администрацијата, во сите овие 11 општини, денеска брои повеќе од 5000 вработени.
Единствено во Град Скопје има јавни претпријатија коишто водат грижа за сите урбани потреби на граѓаните во цело Скопје како што се водовод , превоз, зеленило, паркинзи, хигиена и екологија.
Посилните општини во Град Скопје имаат свои јавни претпријатија кои функционираат само во рамките на сопствената општина. Ваквиот потез на општините се должи пред сѐ на неодговорноста на Град Скопје, во вистинска смисла на зборот да ги задоволи основните потреби, неопходни во нашето секојдневие.
Почитувани читатели, овие три споменати единаесетки во Град Скопје, во основа се големата „беља” за нас граѓаните во Скопје, барем 11 пати поголема од тековните проблеми.
Единаесте градоначалници, коишто функционираат како ,,рогови во вреќа”, се од старт заразени од политиката која што ни го труе секојдневие. Немаат никаков имунитет, а ни легитимитет да останат самостојни и свесни. Омразата која постои меѓу политичките партии на власт и опозиција ја плаќаме ние, граѓаните на Град Скопје. Ова го пишувам од лично искуство, бидејќи како градоначалник на Град Скопје го осетив камшикот на ваквата територијална поделеност на градот. За капиталните инвестиции во градот, кои ги изведува градот Скопје, морав да барам согласност од општините каде овој проект би бил реализиран. Одговорно тврдам дека од волјата на градоначалникот во општината зависи дали одреден капитален објект ќе може да се реализира или не. Апсурд до небо!
Секојдневно ги критикуваме недостатоците на неорганизираниот урбан живот на граѓаните, како што се превозот, зеленилото, паркинзите и секако еколошката (не)свест, но никогаш не сме направиле темелна, суштинска анализа за да проникнеме во вистинската причина за ваквата состојба.
Градот Скопје мора да биде една Општина која во основа ќе го контролира целиот град без разлика на етничката поставеност на разните делови низ градот.
При ваквата поставеност на градот Скопје, би се одбегнала етничката сепарација на општините, во кои за жал се негува национализмот. Најбитно е градот Скопје да има централен систем на градоначалник, Совет и администрација која ќе биде распоредена низ целиот град, само не под терминот општина туку реон.
Јавните претпријатија ќе имаат многу поголема финансиска моќ да одговорат на потребите на граѓаните, бидејќи базично ќе се сопрат трошоците на единаесетте денешни општини, кои што ние граѓаните скапо ги плаќаме без никаков резултат.
Почитувани читатели, овие три единаесетки на градот Скопје се неговата рак-рана. Ние, граѓаните треба да го подигнеме гласот и да дадеме насоки на нашите политичари. Ние сме тие што мора да дадеме ориентација каде и на што да се посветат за да ни обезбедат безбеден и функционален град. Молкот не е решение туку проблем за ваквите грешни потези со територијалната поделба.
Очекувам разумот да биде сеприсутен, кај нашите политички партии, кај нивните следбеници, поддржувачи, но и кај независните, но освестени граѓани. Тоа го бараме ние, граѓаните. Дали во тоа ќе успееме сега или во некое идно време, прашање е на свеста и одлучноста на граѓаните.
Верувам дека еден ден ќе успееме…
Трифун Костовски