Скопје со три системи на парно греење што се неповрзани, граѓаните плаќаат различни сметки

Три системи на централно парно греење има во Скопје, кои со години наназад чекаат на меѓусебно поврзување за да се обезбеди рационалност во производството на топлинска енергија, еднакви месечни сметки за парно кај граѓаните, но и можност да се искористи целосниот инсталиран капацитет на топланите во Скопје, што во моментов не е случај.

Моменталната состојба укажува дека двата системи што обезбедуваат парно греење во Бутел, Чаир и Гази Баба се со нецелосно искористен капацитет, што не е случај со парното греење коешто досега го обезбедуваше БЕГ во Аеродром, Центар, Карпош и Кисела Вода.

Поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов во 2018 година ја афирмираше потребата од приклучување на системот за парно греење на АД „Скопје Север“ со другите системи за парно греење, за што е потребно да се изгради цевковод од само два километра. Градот Скопје сакаше тогаш да го преземе управувањето со топловодната мрежа, за што формираше и претпријатие „Градски енергетски системи“, но не ја доби неопходната лиценца од Регулаторната комисија за енергетика.

Во меѓувреме, државната компанија Електростопанство на Северна Македонија (ЕСМ) во октомври годинава ги доби трите лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за нејзините фирми „ЕСМ продажба“, „ЕСМ дистрибуција на топлина“ и „ЕСМ снабдување со топлина“, со што ЕСМ ќе биде одговорна за натамошниот развој на топловодната мрежа во главниот град.

Актуелните податоци велат дека топланата „Скопје Север“, која ги снабдува со парно корисниците од општините Чаир и Бутел, има два котли со производствен капацитет од 46 мегавати, а во моментов работи со ангажирана моќност од 8 до 9 мегавати. Ова практично значи дека во услови на енергетска криза се искористени само околу 20 отсто од вкупниот производствен капацитет на топланата.

Податоците на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за АД ЕСМ-Подружница Енергетика, која обезбедува парно греење за корисниците во општина Гази Баба, велат дека во 2021 година ангажираната можност била околу 50 мегавати, додека нејзиниот вкупен производен капацитет е 96 мегавати, односно искористеноста на нејзиниот капацитет е на половина.

Од друга страна, поранешниот градоначалник Шилегов пред четири години рече дека само 23 отсто од површината на Скопје е покриена со топловодна мрежа, а во проширување на дистрибутивната мрежа не се инвестирани подолго време позначајни средства, на што укажуваат и податоците на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ).

Од РКЕВУ за Мета.мк велат дека АД „Скопје Север“ и „ЕСМ Енергетика“ треба да ги разгледаат можностите за системско надминување на предизвиците преку заедничка соработка, за да го зголемат бројот на потрошувачи и да се оптимизира производството на топлинска енергија.

„Дополнително со доделување на лиценците за производство, снабдување и дистрибуција на трите ќерки-фирми на ЕСМ и при можна реализација на тесна соработка – цените за топлинска енергија би се урамнотежиле кај сите потрошувачи, односно би имало една цена за домаќинствата што би допринело и да се зголеми конзумот и на подрачјето на Скопје Север“, велат од Регулаторна.

Куштрим Рамадани, директор на АД „Скопје Север“ за Мета.мк објаснува дека возможно е да се поврзе нивниот систем за парно греење со цевковод долг 2 километра со оној на АД ЕСМ-Подружница Енергетика, но не е сигурен за бенефитот. И тој потенцира дека потребна е соработка со АД ЕСМ за една ваква инвестиција. Сепак, Рамадани предупредува дека граѓаните од другите два система ќе треба да ги покријат загубите на АД „Скопје Север“, којшто има неискористен капацитет за снабдување со топлинска енергија.

Директорот на АД „Скопје Север“ додава дека мора да се работи на терен за да се вратат корисниците на топлинска енергија во овој дел од Скопје и граѓаните да имаат сигурно парно греење, но во услови на енергетска криза, тој вели дека не може да бара да се вратат граѓаните на греење кај нив.

Податоците од Годишните извештаи за работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) покажуваат дека во скопските општини Чаир и Бутел низ годините има драстично намалување на бројот на корисници на централното парно греење. Најголемиот пад е забележан помеѓу 2011 и 2012 година, кога од околу 2.400 корисници приклучени на парно греење во 2011 година се намалиле на околу 700 корисници на топланата „Скопје Север“ една година подоцна.

Статистичките податоци велат дека топланата „Скопје Север“ во 2007 година имала околу 2.800 корисници, додека лани бројот на корисници што ги загреваат просториите преку овој систем за парно греење е намален на 504.

Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги појаснуваат дека зголемувањето на бројот на корисници, значи и оптимизирање на крајната цена за домаќинствата.

„Колку повеќе корисници толку цената има помал простор да варира и е со тенденција да се намалува. Потрошувачката влијае директно врз цената“, велат од РКЕВУ.

Од Регулаторна сметаат дека потребен е засилен проактивен пристап од раководството на топланата и локалната самоуправа во Чаир и Бутел за да може да се анимираат повеќе корисници.

Во однос на потребата од поврзување на трите системи за парно греење во Скопје, од АД ЕСМ за Мета.мк објаснуваат дека штотуку ја презеле дејноста на производство, дистрибуција и снабдување на топлинска енергија на Град Скопје од БЕГ и дека е потребно повеќе време за да се реализира еден ваков проект.

„Во тек се анализи кои ќе нè насочат кон натамошни инвестиции, за што ќе известиме во интерес на граѓаните. Во однос на АД Скопје Север, АД ЕСМ нема никакви ингеренции со оглед дека АД Скопје Север сами ја извршуваат својата дејност“, велат од АД ЕСМ во однос на прашањето за тоа што би можело да се направи за да се зголеми бројот на корисници на парно греење и на искористеноста на топланата „Скопје Север“.

Инаку, предноста од користењето на централно парно греење значи и почист воздух за граѓаните на Скопје, односно директно влијае против аерозагадувањето. Резултатите за Скопје во зимските месеци покажуваат дека токму затоплувањето, односно греењето на дрва, е најзначаен извор на загадувањето на воздухот, покажа Студијата за пропорционирање на загадувачите во Скопје што беше презентирана изминатава пролет

извор Мета.мк

Back to top button
Close