Скопје затрупано во ѓубре меѓу два изборни круга

 

Жителите на Скопје сѐ почесто го нарекуваат градот „буниште“, поради купиштата отпад коишто место да се расчистат, секојдневно сѐ повеќе се трупаат и го загрозуваат здравјето на граѓаните.

Главниот град – Скопје е затрупан во ѓубре меѓу два изборни круга, кога граѓаните гласаат токму за решенија коишто треба да го подобрат нивниот живот. Контејнерите во повеќе скопски населби се преполни со ѓубре, коешто се остава каде што ќе се стигне. Со ѓубре се затрупани и пешачките патеки и улиците околу контејнерите, со што е отежнато движењето на граѓаните. Тие бурно реагираат и преку објави на социјалните мрежи бараат итно решавање на проблемот со хигиената во главниот град.

„За загрозување на јавно здравје и ширење епидемија и зараза во нормални држави кривично се одговара“, реагираат граѓаните.

Контејнери за отпад во Скопје, околу кои има вреќи со ѓубре
„За загрозување на јавно здравје и ширење епидемија и зараза во нормални држави кривично се одговара“, реагираат граѓаните Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Град – буниште“

Жителите на Скопје сѐ почесто го нарекуваат градот „буниште“, поради купиштата отпад коишто, место да се расчистат, секојдневно се трупаат и го загрозуваат здравјето на граѓаните. За време на првиот круг на локалните избори, граѓаните ги пречекаа преполни контејнери и смрдеа во непосредна близина на гласачките места. Ситуацијата со целосна запоставеност и негрижа за главниот град започна пред изборите, и нема изгледи дека нешто ќе се промени и до одржувањето на вториот круг на 2 ноември.

„Купот отпад од мојата улица е за 30% понатрупан, дел од лентата за возење е неупотреблива, видливоста е намалена многу, тротоарите ’не постојат’, а ризиците за безбедноста во сообраќајот за децата, а и за сите, но и опасноста по здравјето, како и појавата на стаорци се на исклучително високо ниво“, коментираат граѓаните на Фејсбук.

Контејнери за отпад во Скопје, околу кои има вреќи со ѓубре
Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кој во првиот круг на локалните избори на 19 октомври имаше најмногу гласови, порача дека штом ќе стапи на функција за 72 часа ќе го исчисти градотФотографија: Petr Stojanovski/DW

Кој ќе преживее – ќе раскажува

„Моја анализа во однос на локалните избори: ќе преживее оној со најсилен имунитет и живци“, коментира на социјалните мрежи Мерсиха Смаиловиќ, активистка за еманципација на муслиманската жена.

Таа вели дека депонијата пред влезот на нејзиното работно место во Чаир, стара веќе две недели, редовно се надополнува со нови вреќи. „Во 19-ти век, кога улиците биле полни со нечистотија, низ Европа беснееле: колерата, чумата, тифусот и шуга. Денес, во 21-ви век, Скопје и нејзините Општини, ’со гордост’ ја продолжуваат традицијата на валкани улици, полни контејнери и импровизирани депонии, и никој не се грижи за тоа“, коментира Смаиловиќ.

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кој во првиот круг на локалните избори на 19 октомври имаше најмногу гласови, порача дека штом ќе стапи на функција за 72 часа ќе го исчисти градот.

На ваквите ветувања реагираше актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска.

„Сега ќе го исчистеле за 72 часа. Нормално дечко дека ќе го исчистите, затоа што од инат го правите хаосот, ти кога ќе дојдеш да си многу успешен и способен за 72 часа со чистење ѓубре, за да можеш на вистинското ѓубре да му го криеш криминалот и да си продолжите со дивоградбите“, вели Арсовска.

„Еколошка катастрофа“

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски вели дека се случува еколошка катастрофа во главниот град.

„Ова ги надминува сите граници! ЈП „Комунална хигиена“ пет дена воопшто не се појавува на улиците во Центар за да го подигне сметот од улиците каде што има надлежност. Испратив допис до Управниот одбор на ЗЕЛС и побарав итна седница на којашто ќе побараме решение на овој проблем“, вели тој.

 

Герасимовски додава дека побарал дополнителна механизација од неговите колеги градоначалници од другите општини во државата, за да може општината да го расчисти сметот, откако ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје со денови не го собираат сметот од улиците.

Back to top button
Close