Скопската „гротескотопија”

Како можеше Скопје да падне во амнезија и да ја заборави својата модерна приказна за солидарноста и хуманоста, дозволувајќи им на неуките да го „заробат” со евтина античка копија, со кич и милитантен патос?

Скопје Северна Македонија
Денешново Скопје е вистинска „гротескотопија”, симбол за грдост, невкус, неукост и архитектонско варварствоФотографија: DW/F. Schmitz

Во разговорот со еден млад Германец, студент на факултетот за индустриски дизајн, кој престојуваше еден семестар во Токио, патемно му кажав дека урбанистичкиот мастер-план за обновата на Скопје по земјотресот 1963 беше на јапонскиот архитект Кензо Танге. Тој се восхити и ме праша дали знам дека тој во Јапонија е вистинска легенда и дали скопјани се горди што нивниот град го планирал светски познат архитект. Не знаев што да му одговорам. Уште понезгодно ми стана кога тој, откако во ГУГЛ ги најде сите податоци за урбанистичкиот мастер-план за Скопје на Танге, ми рече дека еден ден мора да го посети Скопје и да ги види сите прочуени градби од фотографиите во интернет. Особено го восхити футуристичката градба на Mакедонската пошта на кејот на Вардар. Кога си замислив што тоа момче  ќе помисли за Скопје и скопјани, кога би дошло и би ја видело руинираната зграда на Поштата, ми стана јасно дека Скопје е голем парадокс и симбол за културно варварство. Се прашав, што ќе помисли тоа момче, кога ќе трага по Железничката станица, чија изведба ја раководел токму Кензо Танге? И кога ќе сознае дека таа е целосно запуштена.

Mакедонската пошта на кејот на Вардар, Скопје, Северна Македонија
Футуристичката градба на Mакедонската пошта на кејот на ВардарФотографија: Transportministerium Nordmazedonien

Што ќе помисли за луѓето кои живеат во градот со таква прочуена архитектонска приказна, поради која Скопје се споменува во историјата на модерната архитектура, а самите не се свесни за вредноста за градбите кои ги оставаат да се распаднат?

Катаклизми

Си признав дека и мене Скопје одамна ми заличува на модерен дистописки роман за град кој е прогонуван од катаклизми. Прашањето е, кои се попогубни за него – оние од непресметливата природна стихија или оние од непресметливата човечка глупост? Римскиот Скупи во 518 и „социјалистичко” Скопје во 1963 ги урна земјотрес. Природна непогода беше и чумата, поради која австрискиот генерал Пиколомини во 1689 го запалил османлиско Скопје. Секако, за урнатините има лек, зашто добрите архитекти и градители можат да направат план за обнова на градот. Последиците од елементарната непогода, сепак, дозволувааат градот да никне нов од урнатините како Феникс од пепелта. Пострашна за Скопје е катаклизмата која нема крај, која е резултат на човечката глупост и алчност, а се одигрува секој ден со неконтролираното, хаотично градење на грди градби. Затоа катаклизмата во приказната на Скопје во дваесет и првиот век нема достоинство да се нарече ниту дистопија, затоа што таа се случува во. иднината.  Денешново Скопје е вистинска „гротескотопија”,  симбол за грдост, невкус, неукост и архитектонско варварство. Скопската „гротескотопија” раскажува како еден футуристички град ненадејно стана жртва на менталниот феномен „антикоманија”. Во психологијата манијата е секогаш патологија. Катаклизмата која Скопје од дваесеттиот век ја доживеа во дваесет и првиот е автодеструктивен чин, со кој на еден град минатото му ја „заробува” засекогаш иднината. А без иднина градовите не можат да живеат. Тие тогаш се заробени во анахроноста и ретроградноста и почнуваат однатре да се распаѓаат, како да се вистински антички урнатини. Притоа на градбите од „Скопје 2014” не им требаа векови за да почнат да се распаѓаат.

Од град на солидарност до „европска престолнина на кичот”

Како да се нарече градот кој по земјотресот беше познат во целиот свет како најмодерниот град, а поради кошмарниот сон на еден политичар се преобрази во  „европска престолнина на кичот”?  Светските архитекти го нарекуваа новото Скопје најфутуристичкиот град, ако не во цела Европа, барем на Балканот. Иако земјотресот го урна до темел, со обновата во која учествуваше целиот свет, Скопје конечно ја доби својата нова приказна која говореше за надеж и иднина.

Хрушчов Тито  Скопје земјотресот во 1963 година
Хрушчов го придружуваше Тито во посетата на Скопје само ден-два по земјотресот во 1963 годинаФотографија: United Archives International/Imago Images

Скопје стана познат во целиот свет  како град на солидарноста, затоа што сиот свет учествуваше во неговата обнова. Веднаш по земјотресот почна да се испишува таа нова приказна за мирот, солидарноста и хуманоста. Приказната на постземјотресно Скопје е преполна со симболика. На пример, во урнатините на Скопје се сретнаа првпат по времето на „Студената војна” американските и советските војници, кои заедно помагаа во спасувањето на настраданите. Советскиот Сојуз веднаш изгради во Скопје фабрика за изработка на монтажни делови за брза градба на станбени згради. Хрушчов го придружуваше Тито во посетата на Скопје само ден-два по земјотресот. Од сите страни на светот стигнуваше помош за Скопје. Затоа тој е град на солидарноста, иако на денешните скопјани тоа ништо не им значи. Тие ја оставија  „Универзална сала”,  симболот за солидарноста, да изгори сред бел ден како свеќа.

Катастрофата во 1963 одекна во целиот свет и Скопје наиде на огромна солидарност. Ретко кој град имаше можност, со помош на ОН, да се распише меѓународен конкурс за неговата обнова. На тој начин, поземјотресно Скопје пишуваше нова историја во областа на модерната архитектура. Освен тоа, да се возобнови цел град изискува вистински мастер-план. Тоа беше предизвик за многу познати светски архитекти, затоа што таквите случаи се ретки. Планот за обнова на Скопје бил изработен од југословенската влада во соработка со ОН во периодот од 1963 до 1966. На меѓународниот конкурс во 1965, распишан од ОН, се пријавиле многу познати југословенски и странски аархитекти. Реализацијата на обновата на Скопје е единствен пример на меѓународна соработка под раководството на ОН. Урбанистичкиот мастер-план на Кензо Танге беше избран на конкурсот на ОН во 1965. Во него тој направи симбиоза од неколку правци во модерната архитектура. Се вели дека се инспирирал од стариот град во Дубровник, со градски ѕид и со градска порта. За жал, од тој план беа реализирани само зградите од Градскиот ѕид. Тоа бил првиот случај во кој јапонски архитект, надвор од Јапонија ја применил јапонската архитектонска теорија на „метаболизмот”, која ги обединува природните со артифицирелните форми. Реконструкцијата на Скопје имаше меѓународно значење не само поради авторитетот на Танге, туку и затоа што создаде нов меѓународен модел за обновата на цел град. Не е безначаен и фактот што планот и процесот на обновата на Скопје во ОН го координирал прочуениот холандски архитект Ернест Вајсман, кој дипломирал 1926 на архитектонскиот факултет во Загреб, а е познат и по соработката со уште попрочуениот архитект Корбизје, за кого снимил документарен филм. Францускиот архитект Морис Ротивал за обновата на  Скопје по мастер-планот на Танге, изјавил дека „светот сега очекува новото Скопје да стане не само град-модел, туку и споменик за надежта во еден подобар свет. ”

Зошто никој не помислил на поземјотресните градби во Скопје да им се додели веднаш посебен карактер на споменици на културата од особено значење? Како можеше Скопје да падне во амнезија и да ја заборави својата модерна приказна за солидарноста и хуманоста, дозволувајќи им на неуките да го „заробат” со евтина античка копија, со кич и милитантен патос, оставајќи ги оригиналите од светско значење да пропаѓаат?  Само градот што не се почитува ниту себеси, ниту своите граѓани  може да „заболи” од таква амнезија и да ја заборави и меѓунардната солидарност и вредноста на градбите од постземјотресната архитектура, по кои Скопје влезе во сите студии како пример за футуристички град.

Во Скопје се‘ се распаѓа

Обновата на Скопје се одвиваше во годините по земјотресот според највисоките меѓународни архитектонски, естетски и технички критериуми, бидејќи беше раководена и координирана од ОН и планирана од многу прочуени светски и домашни архитекти. Тие до крајот на седумдесеттите ги реализираа сите познати објекти кои беа инспирирани од мастер-планот на Кензо Танге. Такви градби се, на пример, училиштето „Песталоци”, Студентскиот дом, МАНУ, Универзитетскиот комплекс, Поштата и Железничката станица. Некои од нив денес се или во процес на распаѓање или веќе се претвориле во урнатини, како Поштата и Железничката станица. Околу нив никнат секој ден нови градби на градежната мафија која, небаре е зол дух од бајките, го попречува со својот кич погледот врз оригиналните модерни дела. Најстрашното е што во моментот во Скопје се‘ се распаѓа – и футуристичките дела од поземјотресно Скопје и „злоделата” на античкиот кич.  Така е секогаш кога еден град ќе ја изгуби својата приказна и ќе се претвори самиот во „гротескотопија”.

(dw)

Кица Колбе

Back to top button
Close