„Скопскиот септември”, цивилизација и варварство

На секој 1-ви септември во мене се буди чувството за скопскиот септември. Не само затоа што скопскиот септември го паметам како најблагиот месец, во кој горештините во Скопје се намалуваат, но не и сончевите денови и небеското синило.

„Скопскиот септември” за мене е, пред се‘ шифра за писменоста и копнежот по наука, за школото и учењето, за цивилизацијата и култивираноста. Секој што уште го памети мирисот на пластелинот и мастилото, на тетратките, на книжарниците од детството во Скопје, знае што е мојата шифра „скопскиот септември”. И додека, сеќавајќи се, веќе ја гледав пред мене чудесната септемвриска природа околу Скопје, ме ужасна сликата што ја здогледав вчера. Таа на џиновскиот црн облак што се извиваше како ламја угоре, кон чудесно синото септемвриско небо од една „депонија во пламен”, во која горел токсичен отпад. Незамисливо е што сите знаеле дека складиштето со токсичен отпад се наоѓало крај училиште. И никому тоа не му пречело, се‘ до оваа катастрофа.

 

Загрижувачка летаргија

Се прашав, кога благиот скопски септември се претвори во токсичен котел околу Скопје? И кога македонското општество од цивилизирано се претвори во варварско? Затоа што ваквото неодговорно однесување на граѓани, со кое тие го загрозуваат здравјето и животот на сите свои сограѓани, ( и тоа со долгитрајни последици) секогаш е знак за длабок цивилизациски пад. Бидејќи во основата на зборот „цивилизација” е латинскиот збор „civis“, што значи граѓанин, а тој е тесно поврзан со латинскиот збор за заедница, „civitas“. Цивилизацијата секогаш претпоставува напредок, развиток и остварување на сите творечки потенцијали на една заедница или еден народ. Во некои европски јазици, како францускиот и англискиот, цивилизацијата е идентична со високата култура. Притоа, со култура како цивилизација не се мисли само на уметност и творештво, туку многу повеќе на култура на живеење и однесување. Тоа е таа обврзувачка култура на одговорно однесување која се‘ повеќе исчезнува во Македонија. Таа, пак, ги подразбира вредностите и правилата на однесување на граѓаните во една заедница, со што се гарантира успешната организација на општествениот и приватниот живот.

Цивилизираниот живот, односно, културата на живеење, го задолжува секој граѓанин да се однесува така, што со своето однесување да не го загрозува животот на сограѓаните.Тој што ги прекршува правилата на една цивилизирана заедница, отпаѓа од неа и станува пример за нејзиниот антипод – варварството и безредието. Со денови се известува за „депонии во пламен” на различни места околу Скопје. Ова што се случува не е споиво со одговорно граѓанско однесување во модерна европска земја. Кога странски туристи деновиве со авион би го прелетале Скопје и би ги забележале „депониите во пламен” околу него, тие нема да веруваат Македонија е развиена цивилизација, со висока култура на живеење и на однесување кон својата животна околина и кон своите сограѓани.

Меѓутоа, загрижувачка е и летаргијата која се шири во македонската јавност, иако таа е разбирлива со оглед на многуте катастрофи во последните години. Сепак, летаргијата е морален пораз за секоја заедница, зашто не постои ништо што не може да се промени на подобро. Особено што очајот прави да заборавиме кои ресурси ги поседуваме како заедница и кои нешта веќе добро функционираат во општеството. И покрај ваквите поединечни варварски однесувања, најголемиот број македонски граѓани се однесуваат одговорно и веруваат во тоа дека Македонија може да се придржува за европските стандарди. Можеби овие цивилизациски падови се случуваат затоа што останатите граѓани не веруваат во својата сила за промена. Говорејќи за европеизацијата на Русија, рускиот филмски режисер Андреј Кончаловски, кој долго живееше на Запад, прво истакнува што е европеизација: култура на однесување и организација на целокупниот живот. Затоа вели дека, за да посакаме нешто да промениме, „треба да се ужаснеме од самите себе“.

 

Заборавена разликата меѓу цивилизацијата и варварството

Ние, Македонците, не се ужаснуваме лесно од нас самите, затоа што со векови сме научиле од се‘ да направиме бурлеска. Ако некогаш хуморот им помагал на Македонците да преживеат во состојбите кога немале држава, денес тој, барем мене ми се чини така, е контрапродуктивен. Се чини дека сета критична енергија завршува со хумористичните статуси на социјалните мрежи. Во позата на сеирџиство, небаре „тие не се од тука.“Од друга страна, имаме многу високо мислење за нас, така што тешко дека би се ужаснале од себе си. Ние сме уверени дека имаме многу да и‘ понудиме на Европа, на светот, затоа што сме имале големи уметници, вредно културно наследство, стара историја. Но, што од тоа кога не знаеме сето тоа богатство да го чуваме? Кога во таа раскошна природа, со која е дарувана Македонија, редовно горат диви депонии?

Според максимата на Кончаловски, другите македонски граѓани, кои не учествуваат во ова варварство, треба да се ужаснат од оваа слика на Македонија и да направат се‘, состојбата да се промени. Впрочем, тие што веќе сега се ужаснати се многу побројни од причинителите на вакви катастрофи. Да гореа диви депонии во близината на најголемиот град во една западноевропска земја толку долго како околу Скопје, одамна ќе постоеја неброени граѓански иницијативи, ќе се пишуваа писма до надлежните органи, а најхрабрите активисти (со гас-маски!) ќе направеа жив ѕид околу зградата на градската установа, надлежна за заштита на животната околина. Овој вид на граѓански активизам е, исто така, дел од функционалната култура на живеење во современите европски општества. Самосвесните граѓани се насекаде коректив на власта. Луѓето во тие општества не сметаат дека не можат да променат ништо, затоа што се обични граѓани, затоа што само политичарите одлучувале за се‘. Силата на граѓаните е во тоа да им предочат на одговорните дека општеството не може добро да функционира, доколку сите граѓани не се придржуваат за правилата што ги диктира моралниот граѓански кодекс, биле тие политичари или обични граѓани.

Во македонското општество, во жестоката трка по богатство, се заборавија сите етички правила на цивилизираниот живот: грижата за другиот, функционалните институции и заштитата на животната околина како дом за сите. Затоа некои луѓе ја заборавија разликата помеѓу цивилизацијата и варварството. Секако, и во високоразвиените европски општества доаѓа до хаварии, до несреќи во фабрики, но затоа што добро функционираат сите надлежни институции, брзо се реагира, се заштитува населението, а виновните мораат да ја сносат одговорноста, преку транспарентна истрага на причините за несреќата. (Dw)

Кица Колбе

 

Back to top button
Close