„Скратена работа недела“ – нова економска мерка на СДСМ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг за новинари, објави нова мерка која што е вклучена во новата предлог програма на СДСМ, а се однесува на кратење на работната недела од сегашните пет работни дена на четири работни дена.
Филипче порача дека со овој модел човекот се става пред профитот, а целта е достоинствен живот за работниците.
„Станавме нација со најдолг работен циклус.Нација која е најпреработена, најисцрпена и соочена со масовен „burn out”. Луѓе работат преку авторски договори или со т.н лажно самовработување. Затоа е потребна гарантирана сигурност и извесност на работните места. По една година, трајна работа, ставаме крај на договорите на месец дена. По најмногу 12 месеци секој привремен ангажман станува траен. Еднакви права имаат сите. Секој ден се брои во стаж, крај за агенциски вработувања и синдикатот е твој штит”, рече Филипче.
Столбот за „Скратена работна недела” предвидува и други мерки како скратено работно време за повозорасните работници, лицата со попреченост и оние во процес на закрепнување, субвенции за сите компании кои ќе тестираат скратена работна недела и друго.






