Славески-Арсовска ми се јави сношти,еве чекам на мислењето за предлог мерките па да закажам вонредна седница

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, е подготвен да свика вонредна седница на Советот на која би се дискутирало и одлучувало за мерките што ги предлагаат советниците од коалицијата предводена од СДСМ за намалување на загадувањето на воздухот, но вели дека не може да го направи тоа во моментов бидејќи барањето на советниците на СДСМ е некомплетно.

Дополнително, вели Славески, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, сè уште не му доставила мислење за барањето на советниците на СДСМ, иако, како што рече, ѝ го препратил уште вчера.

Вчера беше поднесено барање, но за жал тоа е некомплетно затоа што не е задоволен условот да има најмалку 15 или една третина од членовите на Советот кои бараат вонредна седница според статутот и деловникот на Град Скопје. И без тој услов јас барањето го препратив итно до градоначалникот Арсовска со молба за мислење по сите седум иницијативи кои што беа предложени како точки на дневен ред. Синоќа со порака од градоначалникот Арсовска бев известен дека во текот на денешниот ден треба да добијам како претседател на Советот мислења на Град Скопје по изнесените барања. Се разбира денот е сè уште во тек, но такви мислења сè уште немам добиено“,изјави денеска претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески
.

За ова тој разговарал со координаторката на советничката група на коалицијата предводена од СДСМ, Љубица Јанчева, која, како што вели Славески, била свесна дека не е задоволен условот од една третина членови на Советот за свикување на вонредна седница.

„Но, доколку во текот на денот уште некој советник се приклучи на нивното барање, а досега нема и доколку добиеме мислење од градоначалникот Арсовска, се разбира ние ќе постапиме или јас ќе постапам според Деловникот и ќе се договориме за датум за седница“,изјави Славески.

Претседателот нас Советот на Град Скопје рече дека сите „сакаме граѓаните на Скопје да имаат поквалитетен живот, поквалитетен воздух, но треба да бидеме свесни за ограничувањата“, односно дека голем дел од проблемите со загаденоста на воздухот бараат долгорочен пристап.

Сепак, тој истакна дека дел од мерките што ги предлагаат советниците на СДСМ, можат да помогнат за намалување на загадувањето.

„На пример, она што е со полевањето со вода на улиците, односно миењето на улиците заради прашината, понатаму зајакнување на услугите кои што ги дава Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП)“,рече Славески и додаде дека не би можел да коментира околу барањата за зголемување на средствата во буџетот наменети за заштита на животната средина и за помош на училиштата за премин кон горива за греење кои не загадуваат.

Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје информираше дека поднела иницијатива за свикување вонредна седница за загадувањето во главниот град, на која поддршка дале и советниците од политичките партии ДОМ и ЛДП.

„Предлагаме и конкретни мерки што имаат за цел намалување на загадувањето. Преку мерките, бараме итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз, воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје, зголемување на средствата за борба против загадувањето од градскиот буџет, финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенси, изготвување акциски план за чистење на сите депонии во Скопје, миење на улиците и јавните површини со цистерни, безусловно интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност“,истакнаа од СДСМ.

Вчера советникот од СДСМ, Горан Шутаров, а и денеска од неговата партија повторно повикаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ наместо да тераат инает, да се приклучат на оваа иницијатива, бидејќи како што рече, ова не е време за политика туку за дејствување затоа што мерките против загадувањето на воздухот се од значење за сите граѓани на Скопје.

Back to top button
Close