Славески: Дали Владата има капацитет да се справи со инфлацијата?

Не паметам кога за последен пат сме имале толку голем дилетантизам во водењето на економските политики во земјава од страна на една влада како што е тоа во моментов. Премиерот ветува покачување на платите, што е неостварливо и неморално ветување во сегашниве услови, а неговиот министер за економија планира инфлацијата, која подолго време тропа силно на врата и ги празни џебовите на граѓаните, да ја скротува со замрзнување на цените, вели Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ.

„Сосема е јасно дека едното со другото не оди! Замрзнување на цените при истовремен пораст на платите е навистина невозможна комбинација во сегашните околности на умерено висока инфлација. Во Европа тоа сигурно нема да го направи ниту една влада.

Уште повеќе, овој наивен или можеби пресметан популизам од страна на г-динот Заев води кон опасната спирала на раст на цените и платите. Исходот ни е познат од минатото – ПЛАТИТЕ СЕКОГАШ И ПО ПРАВИЛО ЈА ГУБАТ ТРКАТА СО ЦЕНИТЕ! Тоа го гледаме со свои очи – и покрај постојаните фалби за раст на просечната плата во земјава, според официјални податоци на Завод за статистика на Република Македонија таа во јули е намалена за 1,4%. Сиромаштијата на граѓаните драстично се зголемува! Дополнително расте буџетскиот дефицит и се влошува состојбата во платниот биланс.

Земји кои во минатото би додале – во подалечното минато, соочени со галопирачка инфлација, доколку се одлучиле да посегнат по вака драстични мерки, истовремено вршат замрзнување на платите и цените. Ова беше честа практика во поранешната СФРЈ чиј дел беше Социјалистичка Република Македонија, а во инфлаторните 70-ти години од минатиот век, замрзнување на платите и цените применија дури и некои развиени земји како што се САД, Велика Британија и др.

Но, ова е веќе минато. Оваа епизода треба единствено да служи за извлекување поуки, а не за копирање во сегашните услови.

Од лично искуство знам како се справивме со ценовните шокови на светските берзи на храна и енергија во 2007 и 2008 година. Го заштитивме стандардот на граѓаните. Тие не ја почувствуваа инфлацијата. Не ни помислувавме на замрзнување на цените, мерка која повозрасните меѓу нас ја паметат од времето на претходниот систем, како крајно неефикасна! Кога не умеете на вистински начин да спречите висока инфлација, замрзнувањето на цените доведува до празни рафтови во маркетите и редици за леб, млеко, масло за јадење и други продукти.

И сето ова го постигнавме во услови кога тогашната неодговорна опозиција, предводена од СДСМ и медиумите под нивна контрола, долеваа масло на огнот плашејќи ги граѓаните со хиперинфлација и наводно одмотување на инфлациската спирала.

Слична ситуација со уште поголем пораст на цените на житариците на светските берзи имавме и во летото 2007 година. Мелничарите, пекарите и производителите на масло за јадење најавија зголемување на цените на лебот и зејтинот.

Со мерките што ги преземавме како влада за неколку месеци состојбата се стабилизира и успеавме да го заштитиме стандардот на граѓаните. Можат да се повикаат и да учат од тоа искуство!

Покрај порастот на цените на храната и енергијата на светските берзи, кон актуелната висока инфлација во земјава не може да бидат амнестирани од одговорност фискалната политика на владата и високите буџетски дефицити. Да ги споменеме само покачувањето на акцизата на горивата од почетокот на мандатот на актуелната влада, неповолната структура на расходите, која ги дискриминира капиталните инвестиции, понатаму популистичките мерки за поткуп на гласови пред секој изборен циклус и сл.

Наместо ова, владата треба веднаш да дизајнира мерки за дополнителна поддршка на социјално загрозените категории граѓани и да ги ограничи сите непродуктивни трошења.

Исто така, бараме од владата да покаже дека располага со капацитет да се справи со предизвиците од растечката инфлација. Во спротивно, ќе се разгорат инфлациските очекувања кои ја имаат незгодната особина самите себе дополнително да се потхрануваат. Не сакаме состојбата да излезе од контрола! Бараме да се заштити стандардот на граѓаните, да не се обезвреднуваат нивните заштеди, нивниот имот.

Ако веднаш не се делува на соодветен начин, се создава амбиент на неизвесност во кој приватниот сектор, претпријатијата, не можат да носат соодветни деловни одлуки и да ги планираат своите активности за во наредниот период. Водењето на економската политика, особено во турбулентни времиња, е работа за вистински професионалци, а не на обични дилетанти“, реагира Славески.

Back to top button
Close