Славески: До 80 проценти од идните пензионери нема да можат да земаат ни минимална пензија

Гувернерот Трајко Славески предупредува дека голем дел од идните пензионери кои ќе се пензионираат преку вториот пензиски столб би можеле да се соочат со значително пониски пензии од очекуваните.
На својот профил на социјалните мрежи тој сподели интервју од 2024 година, во кое посочува дека според актуарските анализи, меѓу 70 и 80 проценти од осигурениците кои ќе почнат да се пензионираат во периодот од 2030 до 2032 година нема да можат да обезбедат ниту минимална пензија преку средствата акумулирани во вториот столб.
Според Славески, доколку не се спроведат реформи во пензискиот систем, ќе биде неопходно голем број пензионери повторно да бидат префрлани во првиот пензиски столб за да можат да добиваат повисоки пензиски примања.
Тој потсети дека сличен процес бил спроведен и во 2019 година, кога дел од новите пензионери биле префрлени од вториот во првиот пензиски столб заедно со средствата што ги акумулирале.
Како една од главните причини за ваквата состојба, Славески ги посочува ниските приноси што ги остваруваат приватните пензиски друштва, за кои смета дека не се доволни за обезбедување пристојни пензии во иднина.
Тој оценува дека инвестициските стратегии на пензиските фондови се претежно насочени кон државни обврзници, кои носат помал ризик, но и ограничени приноси.
Дополнително, Славески укажува и на високите провизии што ги наплатуваат приватните пензиски друштва, оценувајќи дека тие дополнително ги намалуваат средствата на идните пензионери.
Според него, пренасочувањето на дел од придонесите кон вториот пензиски столб придонело и за создавање долгорочен дефицит во државниот пензиски фонд, проблем кој, како што предупредува, ќе продолжи да се чувствува со децении доколку не бидат преземени соодветни мерки.






