Славески побара банките да ги намалат надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите

На денешната средба со претставници на банките од Македонската банкарска асоцијација (МБА), гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, рече дека надоместоците за платежните услуги треба да бидат одржливи за банките, но истовремено фер и прифатливи за корисниците

Народната банка на Република Северна Македонија ќе ги намали надоместоците што банките ги плаќаат за користење на услугите во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), како што се оние поврзани со долговен промет. Во исто време, Народната банка очекува од банките во најкус можен рок да ја ревидираат и намалат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите, поставувајќи ги на разумно ниво.

На денешната средба со претставници на банките од Македонската банкарска асоцијација (МБА), гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, рече дека надоместоците за платежните услуги треба да бидат одржливи за банките, но истовремено фер и прифатливи за корисниците. Според последните податоци од 2024 година, нето-приходите од надоместоци учествуваат со 18 проценти во вкупните нето-приходи на банките.

Славески предупреди дека високите трошоци за извршување на плаќања може да бидат бариера за користење на официјалните канали, особено кај населението со пониски примања, кои во такви услови се потпираат повеќе на готовина. Тој истакна дека намалувањето на надоместоците директно ќе придонесе за зголемена финансиска вклученост.

„Кога плаќањата ќе станат поевтини и подостапни, повеќе граѓани ќе се охрабрат да ги користат дигиталните канали, да отворат сметки и да извршуваат трансакции преку официјални механизми“,рече Славески.

Тоа, пак, рече тој, ќе придонесе и за намалување на сивата економија, бидејќи повеќе средства ќе циркулираат преку формалниот банкарски систем, со што економските текови ќе бидат потранспарентни.

Гувернерот додаде дека и банките и граѓаните ќе имаат корист од ова, преку подобра финансиска вклученост, зголемен број на плаќања и подобри услуги за сите.

Споредувајќи ги надоместоците на македонските банки со оние на матичните банки од ЕУ, гувернерот посочи дека се согледани неколку видови платежни услуги каде што надоместоците треба да се намалат, поедностават, а некои и да се укинат.

Според него, треба да се укинат надоместоците за користење на електронско и мобилно банкарство како и надоместоците за плаќања со платни налози во рамки на иста банка.

Славески вели дека треба да се намалат надоместоци за меѓубанкарски плаќања во домашна валута преку КИБС и МИПС, надоместоците за подигнување готовина на туѓи банкомати во земјата и странство, надоместоците за прифаќање картички на продажни места кај трговците.

Гувернерот Славески потенцираше дека во 21 век пристапот до платежни услуги не е привилегија, туку основна потреба и предуслов за економско учество и социјална интеграција. Тој истакна дека нето-приходите од надоместоци, заедно со приходите од камати, придонесуваат за високата профитабилност на македонските банки. Просечниот поврат на сопствениот капитал (ROE) изнесува околу 20 проценти, а кај некои банки и над тоа, што е значително повисока стапка во споредба со другите сектори во економијата.

Славески на средбата оцени дека земјата направила значителен напредок во осовременувањето и усогласувањето на регулаторната рамка со европското законодавство, што овозможило членство во СЕПА и брзо и ефикасно извршување на прекуграничните плаќања во евра, како да сме дел од Европската Унија. Во оваа реформа, наведе гувернерот, банките имаат клучна улога.

Back to top button
Close