Славески: Владата предложи комплициран модел којшто не гарантира намалување на цената на горивата

Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција изјави дека стапката на инфлација во Македонија во февруари на годишно ниво достигна околу 8%, а уште повеќе загрижува фактот што само за 28 дена во февруари оваа година цените пораснале за над 1%.

Со најновите поскапувања во тековниов месец, кои никако да сопрат, најверојатно трендот на пораст ќе продолжи и ќе дојде до забрзана инфлација која станува двоцифрена. Да се потсетиме, двоцифрена инфлација за последен пат сме имале некаде кон средината на 90-тите години од минатиот век. Генерациите наши граѓани родени во независна Македонија за прв пат се среќаваат со феноменот на висока инфлација, вели Славески.

Според него, ваков пораст на цените, проследен со празни рафтови во маркетите, недостиг на нафтени деривати и колони пред бензинските пумпи, во Македонија немало ниту за време на воениот конфликт од 2001 година, ниту за време на жестоката финансиска криза и рецесијата од 2007 – 2009 година. Ова што сега ни се случува го избегнавме и во рецесиските 2012 – 2014 година за време на Европската должничка криза, вели тој

Владата галопирачката инфлација ја објаснува со надворешните фактори и влијанија. Не ќе да е така! Ова е само делумно точно! Податоците од НБРМ покажуваат дека порастот на цените на енергијата и на храната на светските берзи во стапката на инфлација мерена преку порастот на трошоци за живот од 7,6% во февруари оваа година влијае со 4 процентни поени, смета тој.

Остатокот од 3 процентни поени, или 40% од стапката на инфлација се објаснува и се должи исклучиво на домашни фактори. Тоа е цената на популизмот кој владата предводена од ДУИ и СДСМ го спроведува во континуитет за поткуп на гласови во изминатите 4 до 5 години, објаснува Славески.

Можеби звучи парадоксално, но на која било неодговорна влада на краток рок и одговара повисока инфлација. На што се должи ова? Прво, заради повисоките цени, растат приходите по основ на ДДВ, каков што е случајот со последните две тримесечја од минатата година, заклучува Трајко Славески.

 

Токму ова Владата го искористи ова за да ги пумпа издатоците за стоки и услуги, т.е. за тендери и партиски вработувања во истиот период. Второ, кога НБРМ, во служба на владините политики, ја држи основната каматна стапка на изразито ниско ниво од 1,25%, владата користи од реалното намалување на вредноста на јавниот долг изразен во денари, на сметка на финансиските институции и компаниите. Во краен случај, сметката за ова ја плаќаат граѓаните.

 

 

 

Back to top button
Close