Славески во одбрана на Мицкоски и министрите: За да бидат продуктивни мора да патуваат со бизнис класа
Актуелниот претседател на Советот на Град Скопје и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески ги оценува како гол популизам обвинувањата на опозицискиот СДСМ дека премиерот Христијан Мицкоски и дел од владините министри ја користеле бизнис класата во авионот со кој патувале на неодамнешниот Самиот на НАТО во Вашингтон.
За потсетување, опозициската партија викендов излезе со тврдење дека премиерот и неколкутемина министри потрошиле 20 000 евра од државната каса за патувањето во Вашингтон со бизнис класа и ги повикаа Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да отворат предмет за случајот.
Од друга страна, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ ваквите обвинувања ги отфрлија како лажни и одговорија дека за време на владеењето на СДСМ се трошеле далеку повеќе пари за превоз на владините претставници.
Славески денеска во подолга објава на неговиот профил на платформата Икс насловена „Бизнис класа“, на почетокот во ироничен тон, ги коментира обвинувањата на опозициската партија и во таа насока пишува:
„Опозициската СДСМ протестира зошто премиерот и неколку владини министри на неодамнешното патување во САД со авион користеле бизнис класа.
Можеби сакаат високите владини претставници на следното патување преку океанот да патуваат еден месец со брод од италијанското пристаниште Џенова, откако претходно со воз втора класа би пристигнале до брегот на Италија.
Не сум сигурен дека ваквото патешествие би било поевтино за македонските даночни обврзници“ вели Славески.
Она што од СДСМ не го кажуваат, наведува тој, е дека сигурно во Владата, од некој претходен состав, постои правилник со кој, како што вели, е уредено кој може да користи бизнис класа при патување со авион и под кои услови.
Според Славески, многу е веројатно, а така било и во минатото, високи владини функционери да можат да патуваат со бизнис класа на прекуокеанските летови, бидејќи, како што пишува, не станува збор за туристички патувања, затоа што обврските дома постојано притискаат.
„Престојот, конкретно во САД, каде што покрај институциите на американската влада се наоѓаат седиштата на Обединетите нации, Светска банка, ММФ и други значајни меѓународни институции, според однапред утврден план и насочен кон постигнување одредена цел од интерес за државата, вообичаено трае неколку дена“ вели високиот функционер на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Советот на Град Скопје.
Тој во објавата наведува како се патува за Соединетите Американски Држави (САД), кога се пристигнува, како и временскиот распоред на состаноците кои, како што наведува, се случуваат кратко по пристигнувањето.
„Вообичаено, за САД се лета од некој од поголемите западноевропски аеродроми или од Истанбул (Турција). Се пристигнува истиот ден меѓу 15:00 и 16:00 часот, по локално време на источниот брег – Њујорк или Вашингтон, што значи доцна навечер околу 22:00 часот по централноевропско (наше) време.
По правило, првите средби, состаноци, конференции и сл. се закажани непосредно по слетувањето во периодот 17:00-18:00 часот по локално време. Од аеродромите Кенеди, Далс или Њуарк се оди директно на состанок“,пишува Славески.
Според него, за да можат нашите претставници да бидат продуктивни уште од првиот ден по пристигнувањето на крајната дестинација, неопходно е да патуваат со бизнис класа.
„Впрочем, овој оддел во авионите, каде што навистина се плаќа два до три пати повисока цена од ‘економик’ класата, е наменет токму за таков тип на клиентела која во ограничен временски период треба да оствари амбициозна агенда, во интерес на некоја компанија или државен интерес.
Погодностите сврзани со приоритет при чекирање и влегување во авион, можноста за засолнување од гужвите по аеродромите во посебни простории (салони) додека се чека за влегување во авионот, а најмногу колку-толку заштитата од постојан плач на деца за време на летот, се вредни за цената што се плаќа.
Дополнително, за време на летот може нешто и да се сработи, вклучително и подготовки за предвидените настани.
Се разбира, доколку сакаме нашите функционери да остварат максимум од секое патување надвор со прекуокеански лет ќе мора да се согласиме дека за тоа треба да им се обезбедат одредени погодности за време на службените патувања“вели Славески, подвлекувајќи дека „сето друго е гол популизам“.