Слави Трифонов го спореди прислушувањето политичари во државата со аферата Вотергејт
Лидерот на бугарската политичка партија „Има таков народ” Слави Трифонов го спореди прислушувањето на политичарите со аферата „Вотергејт” и повика на итни казни за лицата што го нарачале и го извршиле ова злосторство.
Според него, тоа јасен доказ дека со Бугарија не управува демократијата, туку мафијата, јави дописникот на МИА.
„Има таков народ” предводен од Слави Трифонов е втора политичка сила во Бугарија и се очекува да ја намали разликата со партијата ГЕРБ на Бојко Борисов на 1% на претстојните парламентарни избори на 11 јули.
Атанас Атанасов, кој е копретседател на опозициската партија Демократска Бугарија и поранешен директор на бугарското контраразузнавање од 1997-2001 година, за Бугарското национално радио вчера изјави дека 32 лица од „Има таков народ” , „Демократска Бугарија” и „Стани! Мафијата надвор!” биле прислушувани од почетокот на 2021 година, вклучително и за време на кампањата за парламентарните избори на 4 април.
Дванаесет од нив биле прислушувани од „Внатрешната безбедност” на Министерството за внатрешни работи, 12 од Државната агенција за национална безбедност, а останатите 8 од Генералниот директорат за борба против организираниот криминал во Бугарија.