Славниот Бојан Крижај банкротирал. Судот му ја продал и куќата

Славниот словенечки скијач Бојан Крижај, кој во моментов има 64 години, се најде во големи финансиски проблеми, бидејќи банкротирал и бил принуден да ја продаде својата куќа за да ги подмири долговите кои се прилично големи, дури 1,7 милиони евра.

Затоа судот одлучи да ја продаде неговата куќа во градот Тржиќ во близина на границата со Австрија.

Куќата има 711 квадратни метри, а се наоѓа на парцела од 19 илјади метри квадратни, на која има и базен, тениско игралиште и многу други атракции.

Почетната откупна цена ќе биде еден милион евра. Крижај инаку својот дом го изнајмувал за 9.500 евра месечно. Ете што го снајде скијачот кој го освои слаломот во Венген во 1980 година, тоа беше прв пат во историјата некој од поранешна Југославија да го освои првото место во трката за Светскиот куп.

Неговиот триумф предизвика тотална еуфорија на улиците во многу градови, а Крижај до крајот на својата богата 12-годишна кариера уште седум пати триумфираше на Светскиот куп, а во сезоната 1986/1987 освои и „слалом-глобус“.

Словенецот ја заврши својата кариера во 1988 година во Салбах, Австрија, а потоа започна свој бизнис. Увезуваше австриско пиво, а потоа работеше како советник за скијачките производи „Елан“, но не успеа во тоа како во скијањето.

Му пропадна и фабриката „Сортитус“ во Хрватска, а немаше среќа ни со сточниот комплекс во близина на Копер.

Подоцна, тој планираше изградба на топлана во Славонски Брод со неговите партнери, но ниту тој проект вреден 40 милиони евра не заживеа. Лошите инвестиции на Крижај го чинеа, па сега човекот на кого му се восхитуваше цела Југославија ќе остане без покрив над главата за да ги врати долговите и да преживее.

Back to top button
Close