Следен чекор – арбитража
Почитувани читатели, турбуленциите во светскиот мир, како и мирот во нашата сакана Македонија, денес се пред голем предизвик. Изминатите 9 месеци, Република Македонија е со нова Влада која отпочна сериозно да се занимава со општествени и државни проблеми, особено со судството и обвинителството, кои како институции во нашата држава се многу битни за владеење на правото и правдата.
Редот и мирот најнапред треба да си го направиме дома, во нашата Македонија. Нашето место во зачувување на светскиот мир е битен, ама не и најбитен, бидејќи во светски рамки нашата позиција е маргинална. Ние како држава треба да го браниме сопствениот интерес и интересот на нашите сограѓани.
Од досегашното искуство на самостојна Република Македонија, институциите во државата како што се судство, обвинителство и полиција, беа силно контролирани од политичките субјекти кои владееа во тие времиња. Поткупливоста на институциите да им служат на политичките субјекти, стана синоним на нашето корумпирано секојдневие. Новата Влада предводена од Мицкоски презема силни чекори да го ресетира сиот овој државен и институционален живот. Како граѓани поставуваме прашањето дали ваквото ресетирање и неговата функционалност треба да бидат ставена повторно под контрола на партиите на власт или дефинитивно и конечно овие институции треба да работат во интересот на сите граѓани во државата?
Меѓу нас луѓето важи поговорката дека надежта последна умира. Сакам и морам да верувам дека овој ресет на институциите во Република Македонија ќе биде наменет за наше општо добро и во интерес на граѓаните.
На светски план, со доаѓањето на господинот Доналд Трамп на позицијата Претседател на САД, се направија и се прават сериозни потези најнапред во ресетирањето на меѓусебните односи на членките во НАТО, светскиот поредок и мир.
Многу нешта се изменија во официјалните политики на ЕУ и САД кон војната во Украина и Палестина и Газа. САД и ЕУ имаат различен став поврзан со војната во Украина и војната во Газа.
Моја лична перцепција е дека Претседателот Доналд Трамп сака мир, ама мир каде што ќе преовладуваат интересите на САД. Имајќи го во предвид животното искуство на претседателот Доналд Трамп како стопанственик и политичар, убеден сум дека ќе успее да ги разбуди неговите силни партнери во Европа и убеди дека војната по вокација не е решение за трајниот мир, туку создавање на услови за меѓусебна почит и заемен интерес во светот на бизнисот.
Господинот Трамп го потврдува правилото дека љубовта не е вечна, туку интересот. Со неговите ставови испишува нова историја не само за неговата држава САД, туку дава прирачник или книга како треба да ги градиме во иднина нашите односи со нашите соседи и останатите земји во светот. Можеби звучи ригидно, ама е вистинито.
Почитувани читатели, во изминатиот период остварив контакти со врвни адвокатски канцеларии во Париз и Вашингтон. Ме убедуваа час поскоро да отворам арбитража во Вашингтон, бидејќи фактите се несоборливи за тенденциозноста со која мојата држава ме казни.
Чекорот преку арбитража да ја барам правдата го чувствувам и како мој пораз. Некој однадвор да ми ја крои правдата е срамно за мене и многумина како мене кои што ја сакаат сопствената татковина.
Очекувам дека институциите во нашата Македонија ќе отпочнат да работат сериозно и ќе се покренат низа обвиненија против вистинските сторители на стечајот и дека правдата конечно ќе завладее во мојата татковина.
Јас ќе продолжам со мојата борба . Доколку ни со ресетирањето на институциите на системот, кои се занимаваат со овој предмет, немаат реакција, па макар и по системот на допрен глас (пишувам секоја недела во изминатите 5 години), тогаш ќе бидам приморан и мојата сакана Македонија да ја носам на арбитража во Вашингтон.
За луѓе кои што знаат што значи арбитража ќе им биде јасно дека пресудите мора да се исполнуваат, а обештетувањето е енормно високо, согласно нашите македонски стандарди.
Жално ќе биде што ова енормно обештетување ќе падне врз товар на моите сограѓани.
Трифун Костовски