Слепа улица
Трифун Костовски
Почитувани читатели, во денешнава колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка посебно ќе пишувам за моите видувања каде ја водиме државата со систем каде владеат корупција и неказнивост. Целата наша држава и државниот систем се движат низ слепа улица од каде што нема излез, нема иднина.
Слепата улица е чиста метафора на нашето колективно слепило. При очи не гледаме што се прави. Секоја улица асоцира на врвулица, проток на мисли, материја, движења и битисување. Само слепата улица ни ги скратува можностите за перспектива. Стоиме во место и чекаме излез од еднонасочно движење.
Обично за некои личности умееме да кажеме дека покрај високото имаат и улично образование. Во позитивна смисла на зборот улицата е важно школо. Славко Јаневски во својот мини роман ,,Улица” ги долови најбитните и пресудни ситуации за развојот на децата отфрлени и растени на улица. Улицата ја квалификува социјалната димензија на човекот, неговото семејно воспитување и навиките. Улицата нѐ вовлекува во своите лавиринти но ни дава ука за понатака
.
Ние како систем, со толку многу ,,уличари” не ги поминавме уличните школи за наше колективно добро. Директно влеговме во слепата улица без излез за иднина.
Ваквото чувство на безизлез веќе се потврдува низ факти. Од ден на ден сѐ повеќе сме свесни дека сме во ќорсокак. Секојдневието го потврдува тоа, затоа што бе вистински луѓе со вистинско знаење, искуство, карактер и етика, не може да ја креираме иднината на нашата држава.
Моралните вредности се изгубени попатно. Интелектуалната елита како да спие пред проблемите. Залегнати во својата комфор зона или пак длабоко политизирани, како да не чувствуваат потреба да влијаат врз решавањето на сериозни државни интереси.
Интелектуалецот треба да е критичар на власта да работи во интерес на граѓаните и државата, а не во интерес на партијата.
Деновиве ќе се именува нов Гувернер на Народна банка. Во медиумите и на социјалните мрежи оддекна името на следниот Гувернер кој деновиве треба да биде избран.
Јавноста остро реагираше на предлогот на Претседателката Сиљановска. Во дадениов случај јавноста воопшто не се прашува туку тој којшто треба да одлучи.
Од госпоѓата Бежоска, гувернерот во заминување го доживеав мојот најлош период од професионалниот живот. Таа е личност која без визија, искуство и со длабока суета во себе одлучи да уништи правен субјект без притоа да има реални или оправдани причини за таков чин.
Неказнивоста за ваквото нејзино однесување се потврдува со фактот што денес таа си заминува од оваа функција како успешен Гувернер. Институциите кои требаше законски да ја гонат веќе полни 5 години молчат чекајќи да добијат наредба од длабоката држава, дали овој процес треба да се „отвори” или не.
Еуростандард банка во стечај ги обештети сите правни и физички лица, клиенти на банката. Што тука не е јасно за нашите институции? Што не е јасно дека пари во банката имало и сѐ уште ќе има. Тоа се пари коишто ги троши новата стечајна администрација. За последните 5 години имаат потрошено повеќе од 6,5 милиони евра. Тоа се мои пари.
Во раните периоди од овој век бев многу почитуван од многу истакнати личности од политиката, новинарството, дипломатијата, банкарството и сл. Немаше сегмент од нашето живеење каде каде што не бев почитуван. Ги добив сите државни, верски и престижни награди.
Во мене и мојата љубов кон татковината се колнеа бившите премиери и претседатели на државата. Во мојот однос кон новинарството се колнеа најсилните новинарски пера кои и денес пишуваат. Им помагав на сите тие големи личности во нивниот политички и професионален живот да бидат тоа што се денес. Цели 5 години пишувам колумни за стечајот на Еуростандард банка, кои секако допираат и до нив. Жално е и жалам, што ниту една личност не дојде човечки да ме праша и сослуша.
Помош не барам од никого. Правдата е на моја страна. Длабоко во себе ги имам вградено сите етички и морални карактерни особини.
Но многу ме измачува прашањето, а ве прашувам и вас, како може да се гради општество од интерес? Какви се тие луѓе кои се до тебе само кога им требаш?
Многу е болно чувството на длабокото разочарување во човечката димензија…
На недамнешна средба со еден бивши амбасадор на Република Македонија, а денес во пензија, добив информација дека меѓу дипломатското лоби на МНР, моите колумни претставуваат повод за шегаџиски муабет. Ова беше поразителна информација за мене. Познавам многу од нив и таквото сознание е многу болно за мене. Никогаш со никого од нив не сум биел такви сплеткарски шеги ниту сум бил лицемерен. Како е можно сите мои некогашни пријатели и натаму да молчат за нешто што се вели неправда.
Некогашните добро искажани зборови за мене, од врвни личности, сега се ветер и магла. Веќе се заборавено минато.
Заборавот за моите хумани дела кон тие личности и севкупно сите мои донации за саканата Македонија, (повеќе од десетици милиони евра) е сурова реалност со која се соочувам.
Уште еднаш ќе повторам, како може Гувернер да носи банка во стечај кога најнапред во нас, акционерите имаше целосна поддршка и соработка. Ние како акционери ги направивме сите чекори за стабилизирање на банката и перманентно ја докапитализиравме. Таа беше целосно стабилизирана. Каков вредносен систем градиме? Госпоѓата Бежоска прескокна мерки за стабилизација на банката. Госпоѓата Бежоска не го прими потенцијалниот инвеститор за влез во банката цели 3 месеци.
Па како може госпоѓата Бежоска да замине од оваа функција со чиста, неизвалкана професионална биографија Ова е срам не само за мене, туку за целата држава и системот.
Едно научив од сета мака. Молкот или незаинтересираноста за туѓите маки е соучесништво во креирањето на растурена држава.
Требаше да ни се случи Кочани, па да се освестиме дека системот ни е руиниран. Очигледно дека ни од трагедијата во Кочани ништо не научивме. Цената ја платија 62 деца и нивните најблиски да тагуваат по нив дур се живи. За жал, не сум единствениот незадоволни од овој систем.
Порака до Јавниот обвинител Коцевски: „Извадете го предметот за Еуростандард банка во стечај, не го кријте во фиока и под итно отворите истрага против госпоѓата Бежоска и Народна банка. Цели 5 години ја криете, за мене од неразбирливи причини. Доста е! Отворете го излезот од слепилото и слепата улица во која е заробена цела Македонија”!