Сликовницата „Невидливата куќа“ на Црвенковска и Костуранов објавена на германски јазик

Сликовницата „Невидливата куќа“ на Билјана С. Црвенковска и илустрации на Ване Костуранов деновиве е објавена на германски јазик, во издание на Драгонфлај ферлаг, дел од Харпер Колинс групацијата.

„Невидливата куќа“ на Црвенковска и Костуранов, првпат објавена од страна на ИД-Концепт консалтинг и дизајн (Издаваштво Чудна шума) од Скопје, е сликовница која е наменета и за децата, но и за возрасните. Нејзината исклучително важна и актуелна тема – миграцијата и животот на децата коишто остануваат без своите домови, особено изразена со војната во Украина, нејзината емотивна и поетична приказна и исклучителните илустрации на Костуранов, ги препознаа повеќе издавачи во Европа. Деновиве таа беше објавена од страна на Драгонфлај ферлаг во Германија, која е дел од Харпер Колинс групацијата – под наслов „Zuhause – Eine Geschichte über das Verlieren und Finden von Heimat“. Сликовницата наскоро треба да биде објавена и во Словенија, во издание на Содобност Интернешнал, и во Хрватска, во издание на Ибис графика.

Сликовницата ја раскажува приказната за малечката Кала, која е принудена набрзина да го напушти својот дом. Таа заминува со родителите на долго, истоштувачко и застрашувачко патување без крај.

Кала не разбира што се случува, освен што ги наслушува неубавите зборови што ги шепотат возрасните. Но, она што го знае е дека ѝ недостига нејзината куќа, заедно со баба, дедо и омилената играчка – зајачето.

Во пресрет на германското издание на „Невидливата куќа“, германската писателка за деца и млади Изабел Абеди ќе каже: „Постојат книги коишто содржат многу повеќе од приказна. Ова е една од нив. Таа го покажува она што е неуништливо, она што не може да биде изгубено сѐ додека постоиме“.

„Невидливата куќа“ ја освои првата награда за најдобра книга за деца и млади меѓу два саеми на книга во 2021 година – признание што го доделува Македонската асоцијација на издавачи

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close