Слобода на молкот

 

„Македонија е Бугарија“. Таква порака, испишана на транспаренти, високо кренаа дел од пратениците во бугарскиот парламент, изразувајќи го мошне конкретно своето „сфаќање“ за тоа како би требало да се пристапи кон изнаоѓање решение за надминување на спорот меѓу Софија и Скопје околу посебноста на македонската историја и потеклото на македонскиот јазик.

 

Дали оваа порака некому (во Европа) сепак можеби му звучи како свечен стих од дитирамб испеан со пријателски чувства во чест на соседниот народ? Или можеби веднаш, без никакво двоумење, станува јасно дека е во прашање исклучително дегутантен говор на омраза, со кој се изразуваат крајно неприфатливи негаторски и национал-шовинистички претензии.

 

Бугарскиот државен врв со ништо посебно не покажува некаква загриженост дека таквиот еклатантен говор на омраза му штети на развојот на добрососедските односи. Радикални антимакедонски ставови се присутни на сите политички нивоа во Софија. Но помалку е јасно зошто не реагира Европската комисија, така што ќе ги осуди споменатите пораки како спротивни на европските демократски вредности.

 

Или се можеби присутни некакви наивни очекувања дека Софија по усвојувањето на францускиот предлог навистина ќе манифестира подготвеност за преземање конкретни мерки за спречување на говор на омраза и недбронамерна пропаганда кон своите соседи? На пример, со откажување на поддршката на здруженија и фондации финансисрани од Софија, кои активно работат во Македионија на ширење на идеите за голема Бугарија и за бугаризација на Македонците.

 

Во Европскиот парламент пред неколку години се водеше жестока дебата околу предлог резолуцијата за утврдување на заедничка правна дефиниција на говорот на омраза во Европската унија. Судбината на тој предлог и понатаму ги бранува духовите пошироко во Европа. Во секој случај постигната е извесна согласност, дека како говор на омраза се сметаат сите форми на изразувањe кои шират, стимулираат, промовираат или оправдуваат расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на омраза засновани на нетолеранција.

 

Како дел од стратегијата за борба против ваквите изрази во ЕУ, Фејсбук, Мајкрософт, Твитер и Јутјуб потпишаа кодекс на однесување во кој се согласуваат да ги истражат во рок од 24 часа поголемиот дел од законски дозволените пријави, направени за отстранување на нелегалните форми на говор на омраза. Појдовна основа на стратегијата е да се создадат претпоставки и да се овозможи работата на споменатите платформи да биде поддржана со заеднички напори од страна на земјите-членки, да се воспостави правно валидна дефиниција за говор на омраза, и на таков начин да се усогласи заедничка рамка во ЕУ-членките. Направени се студии кои покажуваат дека во некои земји, како Белгија, Германија, Италија, Чешка, се преземаат сериозни напори во однос на оваа проблематика. Интересно би било да се погледне поблиску што прави Бугарија со цел да даде сопствен придонес кон утврдување на една заедничка европска дефиниција што би ја зајакнала свеста и правните механизми за третман и спречување на говорот на омраза? Но настапите на бугарските европратенци, меѓу кои има и такви што не се ограничуваат да упатат и фашистички поздрави во Европарламентот, не покажуваат некакви посебно охрабрувачки знаци во таа насока.

 

Говорот на омраза и свесно потикнување поларизација неизбежно влијаат на слободата на изразувањето, а што е вусшност и целта зад разгорувањето на таквиот говор. Целата е да се зголеми и продлабочи јазот кон оние што се мета на ширењето на омразата. Пораката на бугарските пратеници е школски пример за тоа.

 

Затоа е важно да се има отворена дебата. Во крајна линија, тоа што ќе биде решавачко за иднината на слободата на изразувањето е на каков начин дебатата ќе продолжи да се одвива. Дали ќе биде можно и понатаму да се зборува за цивилизиран пристап, кога силни деструктивни сили влечат во сосема друга насока.

 

Меѓународниот ПЕН, светската асоцијација на писатели, е основана пред стотина години, кога во светот сé уште не беа расчистени урнатините од Првата светска војна. Претходно, а и подоцна, политичките лидери ги поттикнуваа луѓето со говор на омраза и пропаганда, да војуваат меѓу себе. Оние што биле против тоа, биле прогласувани за противници. Група писатели тогаш решиле да истапат како противтежа, со литературата како оружје за премостување на рововите од светската војна, а за јакнење на меѓусебното разбирање и слободата на изразувањето. Можно ли е остварување на таквите идеали?

 

Кога Доналд Трамп во 2016 година вршеше силен притсок врз американските демократи со ширење на говор на омраза и лажни вести, Мишел Обама го прокоментира тоа на свој начин: „Кога тие паѓаат ниско, ние се извишуваме.“ Тоа можеби звучи наивно. Дали силните бранови од непромислени дискфалификации, навреди, понижувања, па и најобични блуеници што се излеваат од социјалните мрежи, од фабриките за тролови, па и од устата на популистичките политичари, може да биде пречекани и отфрлени, така што ќе им се возврати со одмерени зборови и пристоен тон?

 

Да, се разбира дека можеби звучи наивно. Но за каква алтернатива би можело да се зборува? Како да се реагира и одговори на зачестените бугарски навреди, понижувања и негаторски ставови ставени во функција на масовно поттикнување на говор на омраза кон соседите во Македонија? Доколку македонскиот државен врв најчесто реагира според принципот на Мишел Обама, обидувајќи се да се извиши над силните удари што неправедно се упатуваат од Софија, тогаш се поставува прашање дали таквата стратегија на премолчување всушност се претвора во слобода на (не)изразување? Слободата што ви е на располагање да го изберете молкот, кога сте нападнати, често се покажува како неизвесна стратегија токму кога сакате да ги заштите сопствените интереси.

 

Ивица Челиковиќ

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close