Слободата на изразување и авторитетот на судството

Концептот на владеење на правото ширум светот се гледа како водечки принцип кој функционира за да го ограничи произволното практикување на власта. Поради овие причини, концептот на владеење на правото е – или барем треба да биде – столб на било кој национален правен поредок и се појавува во главнитe меѓународни правни и политички текстови.

Владеењето на правото често се применува од македонските политичари со цел да се поддржи широк спректар на позиции од обете страни на аргументот. Меѓутоа, „владеењето на правото“ исто така се користи и од судството, правната професија и стручната јавност на многу различни начини, не ретко и за поддршка на политики, законски решенија, одлуки и дејствија кои се во негова директна спротивност.

На пример, македонските судови континуирано го гледат „владеењето на правото“ како штит против криминалните истраги поведени од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) – истраги и обвиненија за масовни повреди на човековите права на граѓаните и сериозни злоупотреби на државната власт. Во периодот по СЈО, „владеењето на правото“ беше впрегнато и од обвинителството за да го покаже истото: спогодувањето со обвинетите или купувањето на слободата во случаи на ограбување на државата (со симбиоза помеѓу валканите бизниси, перењето на пари и тајните служби) е во согласност со владеењето на правото.

Она што станува јасно (и особено видливо како што се нижат или паѓаат „пресудите“ за инволвираните лица) е дека владеењето на правото станува само реторичка референца испразнета од секакво значење и без никаква релевантност при толкувањето на нашите права. Дополнително, и зборувањето за „владеење на правото“ е од мала аргументирана корист. Колку повеќе неправедни одлуки, решенија и политики, неперспективни и непринципиелни закони се покриваат со „добрите вибрации“ на фразата, толку повеќе употребата на „владеењето на правото“ и како реторичко или убедливо оружје се прави бесмислена.

Во вакви околности е можеби важно да бидеме јасни што се подразбира под владеење на правото и кои обврски на државата и ги пренесува овој концепт.

Во контекст на едно демократско општество, владеењето на правото се однесува на предимството на правото над политичките одлуки. Така, клучните принципи вклучуваат законитост, правна сигурност, спречување злоупотреба на моќ, еднаквост пред законот и пристап до правда. Или со зборовите на „Венецијанската Комисија“ на Советот на Европа: „поимот владеење на правото бара систем на извесно и предвидливo законодавство, каде што секој има право да биде третиран од сите носители на одлуки со достоинство, еднаквост, рационалност и во согласност со законите, и да има можност да ги оспорува одлуките пред независни и непристрасни судови преку правични постапки“. Она што Џозеф Раз го нарекува: БИРОКРАТСКА ПРАВДА И ЗАШТИТА НА ИНДИВИДУАТА ВО АНОНИМНО ОПШТЕСТВЕНО ОПРКУЖУВАЊЕ. Токму тоа што нашата држава никако не може да го изнедри.

Политичките притисоци врз нашето судство (клучниот форум за владеење на правото) никогаш докрај нема да можеме да ги извагаме во постојаната дилема за тоа колку нашите судии се под надворешен притисок, а колку се длабоко внатрешно корумпирани, затворен клуб во вечна спрега со власта на денот и богатството и моќта. Во секој случај, крајниот исход е секогаш третирање на елитните измамници со „детски ракавици“ – нежно и тактички. Благодарение на нашите судии и обвинители и во спрега со некоја нејасна регулатива или закон (секогаш изработени од нашите професори – вечни реформатори на администрацијата и кривичната правда) наместо „раздавање на правда“ нашето судство создава вкоренета недопирлива, дистрибуирана криминална класа која се протега низ и ги води сите големи индустрии и политики во државата.

Како и да е, реформите во правосудството на Република Северна Македонија продолжуваат да се одвиваат преку недогледни стратегии за развој, ажурирани и реажурирани акциони планови, надградба на АКМИС системот за автоматска распределба на судски предмети, нови правила за именување, унапредување, дисциплина и разрешување на судиите и обвинителите, етички кодекси, деловници за работа и декларации за отворено судство.

Сепак, квалитетот на правдата останува ист. Овие реформи како да немаат никакво влијание врз човечките капацитети, како да се целосно неврзани со подлабоки стратегии за човечки ресурси на судскиот систем.

И додека со вечните (па и засилени) реформи судската независност никако не може да стане видлива, она што во последно време е сепак видливо е посветеноста на самото судство да креира аура на „авторитет“ преку третирање на јавните критики на неговите одлуки како обиди за мешање во неговата независност. Интегритетот кој самите судии не можат да го изнедрат, треба да го „создадат“ новите етички кодекси, замолчувањето на колегите и јавноста.

Која е логиката на молчењето? Или со зборовите на Европскиот суд за човекови права, кога заштитата на „авторитетот и непристрасноста на судството“ станува легитимна основа за ограничување нашата слобода на изразување?

Фразата „авторитет на судството“ според Европскиот суд за човекови права подразбира дека судовите се, и се прифатени од пошироката јавност како соодветен форум за решавање на правните спорови и дека јавноста во целина има почит и доверба во капацитетот на судовите да ја спроведуваат тaa функција. Она што е во прашање е довербата што членовите на судството мора да ја инспирираат не само кај странките во спорот, туку и кај јавноста во целост. Судовите во едно демократско општество мора да уживаат јавна доверба, поради што некогаш е неопходно таквата доверба да се заштити од сериозно штетни напади кои се суштински неосновани.

На пример, ако прашањата кои произлегуваат од судската постапка тенденциозно се „проветруваат“ во јавноста на начин што неа ќе ја наведнат однапред да донесе свој заклучок, таа може да ја загуби почитта и довербата во судовите. Или пак, несоодветните критики од членовите на владата и одбивања да се спроведат судските одлуки (кои се се почести во популистичките владеења) ги повредуваат концептите на поделба и рамнотежа на власта. Политичарите може да не се согласуваат со исходот на поединечните пресуди и да ја изразат својата намера да поднесат жалба, но критики (кои го поткопуваат судството) и дејствија што ја доведуваат во прашање нивната подготвеност да се придржуваат до одлуките на судиите може да им наштети на демократските институции и придонесува за колапс на владеењето на правото.

Императивите на добро администриран систем на правда ја легитимираат заштитата „против деструктивни напади кои во суштина се неосновани, особено со оглед на фактот дека судиите кои биле критикувани подлежат на должност за дискреција која ги спречува да одговорат. Судиите не можат јавно да одговорат или возвратат на разни напади и критики и да се вклучуваат во јавни дебати, како што тоа, на пример, можат да го направат политичарите. Нивната должност за дискреција е неопходна за да се избегне ризикот од политизирање на нивните зборови и во помала мера загрозување на нивната непристрасност во идните случаи. Говорот на судиите се прима како израз на објективна оценка која го обврзува не само лицето кое се изразува, туку, преку него, и целиот правосуден систем.

Сепак, судството не функционира во вакуум и прашањата за спроведувањето на правдата можат да бидат дел од јавната дебата. Јавната контрола е можеби најважната од сите проверки на судството: „Без публицитет, сите други проверки се од мала вредност. До степен до кој судството е релативно изолирано од политички проверки, од фундаментално значење е да се создаде култура на јавна дискусија за и околу него. Тоа е најсилниот поттик за напор и најсигурната заштита од непристојност. Додека суди, самиот судија е на судење.

Судиите се јавни личности. Тие не смеат да бидат премногу нежни додека медиумите проверуваат дали има недостатоци во правниот процес или во однесувањето на судијата; или кога медиумите делуваат како чувар на правдата. Освен тоа, слободниот печат или медиуми одат рака под рака со независното судство.

Па така, правилото предвидено да го штити од неосновани напади кои ја поткопуваат неговата независност, нашето судство сака да продолжи да го штити од јавен надзор. Она што е замислено да ги штити од деструктивни напади кога влегуваат во костец со криминалната или популистичка политика, со бизнис мафијата, и нивните купени медиуми, нашите судии сакаат да ги штити за непречено да и служат на таа политика и интереси.

Всушност, во последните децении во многу европски земји постои тенденција за проширување на опсегот на дозволената критика на судските одлуки. Во својата пракса во врска со слободата на изразување и судската независност, Европскиот суд за човекови права го поврзува ова право со колективните интереси. Правилното функционирање на демократскиот процес бара граѓаните да можат да понудат и примаат информации за јавните прашања и разменувањето мислења во врска со функционирањето на правосудниот систем спаѓа во јавниот интерес, чија расправа ужива висок степен на заштита.

Оттука, печатот, адвокатите и членовите на јавноста имаат право да го критикуваат судот, дури и ако јазикот што се користи е неумерен, или термините на критиката, во некои аспекти се погрешни. Во принцип, клеветата на судијата од страна на печатот се одвива како дел од дебата за нефункционалноста на судскиот систем или во контекст на сомневање во независноста или непристрасноста на судиите. Ваквите прашања се секогаш важни за јавноста и не смеат да се држат надвор од јавната дебата, особено во земја која се соочува со транзиција кон независно и ефективно судство. Доведувањето на судството во омаловажување, без разлика дали е поради наводна неефикасност, неспособност или недостаток на веродостојност или непристрасност, не го надминува високиот праг на заштита.

Исто така, дури и ако судиите самите не можат да одговорат на критиките, постојат судски прес-служби за да помогнат во објаснувањето на сложеноста на пресудите за јавноста или да ја бранат пресудата од критики кои се очигледно погрешни. Сега е прифатено дека судиите имаат поширока одговорност да ги отфрлат заблудите и да промовираат пристап до правда. Судството има обврска да комуницира на отворен и достапен начин за своето работење. Повеќе не можат да се носат пресуди без објаснување за пошироката јавност. Се прават медиумски соопштенија за пресудите во случаи од висок профил, се носат резимеа на сложени пресуди за да им се помогне на медиумите, се објавуваат апстракти од одлуките на лесно достапен јазик. Судските прес служби дават интервјуа во однос на конректни случаи. Сето ова воведуваат форма на социјална одговорност без да се загрози судската независност.

 

Но што е со слободата на говор на самите судии и нивното право да го критикуваат судството чиј дел се? Во две клучни пресуди, Европскиот суд за човекови права напоменува дека општото право на слобода на изразување на судиите да адресираат прашања во врска со функционирањето на правосудниот систем може да се трансформира во соодветна должност да се зборува/изјаснува во одбрана на владеењето на правото и судската независност кога тие фундаментални вредности се под закана. Разрешување, смена и деградирање на судии, употреба на дисциплински постапки против судии и обвинители од политички причини и како дел од внатрешните политики на судството во кои личниот интегритет и независност се буткаат надолу во херархијата на позиции.…….сето тоа се опасни напади врз владеењето на правото и имаат чилинг ефект врз судиите или обвинителите кои сакаат да учествуваат во јавната дебата за ефективноста на судските институции, судските реформи и општо за прашања во врска со независноста на судството.

Дали солидните обвинител(к)и и судиј(к)и ќе продолжат да покренуваат важни прашања за што ќе плаќаат цена во табелите на интерни оценувата и етички кодекси и со ризик да бидат проголтани од корумпирана темница на судскиот систем на РСМ, останува да видиме…Важно е да се нагласи дека во демократијата, судските одлуки се и треба да бидат критикувани, не само од експерти на тесни технички основи, туку и од политичарите, медиумите и обичните граѓани, во светлината на општите стандарди на правдата. Не е ретко оние на кои им недостига правна стручност да го обвинат судијата за исходот во конкретен случај, кога, впрочем, постојниот закон, а не толкувањето на судијата, е оној кој е дефицитарен/фаличен. Во такви случаи, во извесна смисла е „неоснована“ критика да се нападне судската одлука за постигнатиот исход. Сепак, таа критика треба да се заштити. Од клучно значење во демократијата е граѓаните да можат да го изразат своето мислење за одлуките донесени од органите што ја сочинуваат структурата на власта. Јавноста има право да го изрази своето отфрлање на она што го смета за неправедно решение за општествен проблем, без разлика чија е одговорноста во рамките на структурата на власта. Граѓаните не можат лесно да ги критикуваат законите апстрактно. Тие можат поефикасно да се спротивстават на нив кога гледаат како тие се применуваат од страна на судовите во одредени случаи. Како што истакнува судијката Мирјана Лазарова-Трајковска: „Главна максима на правдата е таа не само да биде изречена, туку и да биде видлива за јавноста“. Така, тие имаат право да се спротивстават на резултатот што го гледаат во реални случаи и да вршат притисок врз системот да ги воведе потребните реформи. Системот на демократска одговорност не би можел да функционира доколку овој вид на неоправдани критики на судиите беа забранети.

На крајот, но не и најмалку важно: човечките ресурси кои би требало да ги подржат или дури вообличат овие деликатни сооодноси на моќ меѓу гранките на поделената власт – се инфицирани од два типа правни експерти еднакво погубни за реформите. Првиот вид е утилитарни ‚‚реформатори“ кои својата позиција на Универзитетите и Академиите ја користат за лична корист постојано реформирајки свои претходни решенија и постојано земајќи пари за тоа од различни европски проекти за реформа на судството – без сериозно познавање на правната теорија и пракса на меѓународните судови за и околу големата слика на владеењето на правото и политиката; и од друга страна траги-комични правни номиналисти-нормативисти по факултетите и веројатно по администрацијата, една каста која смета дека се правни шамани на толкувањето на правото. Последниве собираат моќ преку илузуја дека само нив им е достапна вистинската смисла на постоечките правни норми – од нив правејки свети книги и текстови – монополизирајки го нивното толкување и малтретирајки ја јавноста и колегите – со догматизам и суета. Тоа ги задушува вистинските прашања и проблеми и од правото прави конзервативен баук зад кој се затскрива пак и повторно моќта на манипулацијата.

Елена Михајлова Стратилати   

Back to top button
Close