„Слободен печат“: ДУИ ја мобилизира дијаспората – гласачи со 40 авиони и 100 автобуси ќе допатуваат во Кичево
Очекувањата се дека најмалку 5.000 гласа од албанската дијаспора ќе му помогнат на дехари во борбата против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски кој во првиот круг победи со 250 гласа предност.
–– Дијаспората веќе е организирана и со авиони и автобуси од цела Европа ќе дојдат во Кичево за да му дадат поддршка на Дехари. Има најава дека и наши иселеници од САД ќе дојдат за гласањето. Дијаспората самоиницијативно се организира, не ја организира ДУИ. Очекуваме масовно да дојдат, бидејќи в понеделник е католичкиот празник Денот на сите светци, така што е неработен ден, па ќе можат да се вратат – велат од ДУИ за „Слободен печат“.
Инаку и лидерот на партијата, Али Ахмети преку социјалните мрежи ја повика дијаспората да се врати дома и да го поддржи нивниот кандидат за градоначалник.
„Заедно сме биле предизвикани во повеќе наврати и никогаш не сме се откажале. Сме застанале силно затоа што сме биле заедно, како цел народ посветен на нашиот роден град. Еден од најголемите предизвици што ги имавме овие години е враќањето на Кичево во наши раце и денес не треба да дозволиме историјата да се врати назад. Ве повикувам уште еднаш да се сплотиме за нашето Кичево и на 31 октомври сите патишта да нè носат дома“, напиша Ахмети на Фејсбук.