Словачките политичари повикуваат на смиреност на политичките тензии во државата: Да се намали и со кампањата за изборите за Европскиот парламент

Според вчерашните информации за здравствената состојба на премиерот Фицо, тој беше во сериозна животозагрозувачка состојба. Прво итно бил префрлен во локална болница, а потоа со хеликоптер во голем центар за трауматологија во блискиот град Банска Бистрица. Таму му бил извршен оперативен зафат, кој траел повеќе од пет часа. Фицо бил опериран од два хируршки тима

Словачките политичари повикуваат на смирување на политичките тензии во земјата, откако премиерот Роберт Фицо беше застрелан во градите и абдоменот додека се поздравувал со граѓаните пред Домот на културата во Хандлова, пренесува Асошиејтед прес.

Како што посочуваат словачките политичари, и покрај големата политичка поларизација во државата обидот за атентат врз премиерот Фицо бил шок за сите.

Инаку, изминатиот период во Словачка се случува висока поларизација, што, според странските медиуми, резултирало со постојано одржување протести во главниот град, како и низ целата земја, а демонстрантите изразувале несогласување со политиката на актуелниот премиер.

Според вчерашните информации за здравствената состојба на премиерот Фицо, тој беше во сериозна животозагрозувачка состојба. Прво итно бил префрлен во локална болница, а потоа со хеликоптер во голем центар за трауматологија во блискиот град Банска Бистрица. Таму му бил извршен оперативен зафат, кој траел повеќе од пет часа.

Директорката на болницата, Миријам Лапуникова денеска изјави дека Фицо е стабилизиран, но и покрај тоа, се наоѓал во многу сериозна состојба, како и дека ќе остане на одделението за интензивна нега во болницата. Како што посочи таа, Фицо бил опериран од два хируршки тима.

Словачкиот премиер Фицо не е во животна опасност, вели вицепремиерот

Според министерот за внатрешни работи Матус Сутај Есток, првичната истрага открила јасен политички мотив зад нападот врз Фицо, но не прецизираше конкретни детали.

Претседателката во заминување Зузана Чапутова, која е и политички ривал на Фицо, рече дека шефовите на политичките партии во земјата ќе се состанат со цел да повикаат на смиреност меѓу граѓаните, но и меѓу членовите на политичките партии.

„Сакаме да ги повикаме сите да бидат одговорни“рече Чапутова.

Чапутова зборуваше заедно со Петер Пелегрини, сојузник на Фицо, кој е новоизбран претседател на Словачка. Нивната заедничка порака беше гест за намалување на разгорените политички тензии што ја зафатија земјата во последните месеци и апел до Словаците да не попуштаат пред политичките поделби.

„Овој обид за атентат заслужува заедничка и недвосмислена осуда. Ги повикувам сите партии во Словачка да ја прекинат или барем значително да ја намалат својата кампања за изборите за Европскиот парламент, бидејќи кампањата е природно поврзана со конфронтација, а конфронтацијата е последното нешто што ѝ треба на Словачка во моментот“,рече Пелегрини.

Словачкиот премиер Фицо се наоѓа во животозагрозувачка состојба, со хеликоптер го носат во Банска Бистрица

Како што пишува Си-ен-ен, поддржувачите на Фицо го гледаат како грижлив лидер, а критичарите, пак, велат дека е популист, а дека неговата проруска наклонетост претставуваат голем ризик за земјата.

Инаку, Фицо како лидер на словачката левица по четврти пат беше назначен за премиер на Словачка на крајот на октомври минатата година. Тогаш во предизборната кампања вети дека ќе ја прекине воената поддршка за Украина и го критикуваше воведувањето санкции против Русија.

Затоа, многупати го обвинувале и дека ја води надворешната политика на Словачка во корист на Кремљ.

Фицо беше премиер на Словачка, прво меѓу 2006 и 2010 година, а потоа од 2012 до 2018 година.

Back to top button
Close