Словенечката влада го ограничи точењето гориво на 50 литри за физички лица и 200 литри за правни лица

Во Словенија, со одлука на Владата, од денеска се ограничува полнењето гориво на 50 литри за физички лица и 200 литри за правни лица, откако последните неколку дена имаше проблеми со снабдувањето на голем број пумпи во земјата.
Проблемот со снабдувањето со гориво е најзабележителен на бензинските пумпи на Петрол, за што зборуваше и словенечкиот премиер Роберт Голоб, кој ги повика трговците со нафта да размислат за мерки против странските државјани, поради големиот број граѓани на Австрија и Италија, кои полнат гориво во Словенија поради поевтините цени.
„Денес, сите можат да видат дека бензинот, нафтата и дизелот се достапни главно на бензинските пумпи на МОЛ. Ако МОЛ може да го направи тоа, треба и Петрол“, рече Голоб, објави словенечкиот јавен сервис.
Од компанијата Петрол ги отфрлија наводите дека проблемот се појавил поради нивното несоодветно однесување, посочувајќи дека залихите на гориво се стабилни, како и дека повремените недостатоци се јавуваат поради зголемената побарувачка.
Поради недостигот на гориво, на интернет е отворена веб-страницата „Kje je gorivo? („Каде е горивото?“), на која во реално време се прикажува мапа со податоци за достапноста на гориво на пумпите.
Словенечката влада во четвртокот донесе декрет според кој на автопатите се дозволени пазарни цени на горивата, додека надвор од автопатите тие остануваат намалени и контролирани.
За задутре е најавено зголемување на цената на горивата, па се очекува дека словенечките граѓани ќе плаќаат 1,64 евра за литар дизел






